Анализи

Писмо од Брисел: Прослава со шампањ за заминувањето на Орбан

Смената на власта во Унгарија, ЕУ ја гледа како крај на една ера на блокади

Коментар на Ѓеракина Тухина, новинарка во Брисел.

Политичарите од Европската Унија ја дочекуваат пролетта во Унгарија во оптимистичка атмосфера, изгледите за Украина изгледаат поповолни, меѓутоа српскиот претседател Александар Вучиќ сè повеќе размислува за иднина во која ќе остане без својот будимпештански сојузник, архитектот на нелибералната демократија, кој досега му беше близок политички партнер.

Ве поздравувам од Брисел, каде што на 12-тата ноќ од четвртиот месец годинава можеше да се почувствува заедничкото олеснување низ институциите на Европската Унија , кога се прошири веста дека по 16 години, унгарските гласачи му ја покажаа вратата на Виктор Орбан.

Најдолговечниот премиер во Европската Унија, и веројатно нејзиниот најупорен создавач на проблеми, си заминува. За функционерите тука, ова не е само промена на власта во Будимпешта, туку крај на една ера на блокади.

Ветата на Орбан често го заглавуваа донесувањето одлуки, особено во надворешната политика и, најкритично, во сè што се однесува на Украина.

Сега, без бучната Будимпешта како покритие, неколку потивки скептици ќе мора да ги откријат своите позиции. И не станува збор само за Словачка

Унгарските избори, ретко следени со толку внимание, ги држеа Европејците залепени за екраните на 12 април. Тоа беше една од оние вечери, кога шишињата шампањ стојат разладени во фрижидерите, но никој не се осмелува да ги отвори пред да се осигури.

Дури кога Орбан го призна поразот, тапите од шампањите почнаа да „пукаат“ и бран од еуфорија ги зафати повеќето европски престолнини.

Меѓу оние што беа видливо задоволни беше Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија. Таа, со години се судираше со Орбан и, за волја на вистината, ова имаше и лична димензија. Исмејувана повеќепати од него како политичар од „лесна категорија“, Фон дер Лајен си дозволи мал јавен момент на задоволство.

Нејзиниот твит „Срцето на Европа чука посилно во Унгарија“ кажа сè (а во возбудата, дури го објави и двапати пред да го избрише дупликатот).

Нејзината реакција беше повеќе од емоционална. Во рок од неколку часа, таа повика ЕУ конечно да го реформира одлучувањето во надворешната политика. Доста е од правилото на едногласност, рече таа – време е да се премине кон квалификувано мнозинство за да се минимизираат идните вета од потенцијални нови Орбани. Со Будимпешта, која повеќе не ѝ е на патот, таа сака да ги турка напред прашањата на надворешната политика, особено за Украина.

Со поразот на Орбан, Вучиќ изгуби политичка сродна душа | Фото: predsednik.rs

Орбан, на крајот на краиштата, беше главната пречка за неколку клучни чекори, од отворањето на пристапните преговори на Украина со ЕУ до одобрувањето на пакетот помош од 90 милијарди евра што сите земји-членки, вклучително и Унгарија, првично го поддржаа. Тој го блокираше и 20-от пакет санкции против Русија, планиран за четвртата годишнина од војната во Украина.

Со заминувањето на Орбан, овие прашања веројатно ќе се придвижат напред… но, не без да се откријат некои непријатни вистини во други престолнини.

Бидејќи сега, без бучната Будимпешта како покритие, неколку потивки скептици ќе мора да ги откријат своите позиции. И не станува збор само за Словачка. Додека владата на Роберт Фицо отворено ја покажува својата наклонетост кон Москва, други земји-членки се криеја зад унгарскиот отпор – преферирајќи одложување, додека јавно проповедаат солидарност.

Нивната воздржаност малку има врска со Русија, а многу повеќе со практични стравови: цената, обемот и подготвеноста на Украина бргу да се интегрира во ЕУ. Како што еден дипломат на ЕУ ми рече во приватен разговор:

„Кога парите ќе проговорат, ентузијазмот обично замолчува.“

Но, има и едно друго прашање што ќе се отвори: ако одговорот е „да“ за Украина, тогаш зошто не и за Западен Балкан?

Неколку кандидати од регионот во „чекалницата“ на ЕУ, дел од нив таму со децении, се многу понапредни во усогласувањето со европските стандарди. Да ја земеме за пример Црна Гора: речиси 60 пати помала од Украина, но далеку помал товар за буџетот на ЕУ.

За разлика од потенцијалниот влез на Украина, кој би го уништил буџетот на ЕУ, можната членка Црна Гора би имала занемарливо финансиско влијание.

Локалните избори во 10 општини во Србија беа закажани пред парламентарните во Унгарија како стратешки потег за тест на силата пред можните политички потреси да се прелеат преку границата

Но, не е само Црна Гора таа што внимателно го следи политичкиот земјотрес во Унгарија. Кај Александар Вучиќ имаше повеќе од само површен интерес за исходот од унгарските избори, тој можеби има и најмногу да изгуби во регионот.

За него, заминувањето на Орбан не е само губење политички сојузник, туку губење политички сродна душа. Нивната врска беше лична, идеолошка, финансиска и политичка. Двајцата изградија оска на меѓусебна поддршка преку инвестиции, инфраструктура и политичка поддршка, што ги врза Белград и Будимпешта како ретко кое соседство.

Според повеќе извори во Белград, Вучиќ се плашел од ваков изборен исход. Од моите српски извори разбрав дека токму затоа локалните избори во 10 општини, во Србија беа закажани пред парламентарното гласање во Унгарија – стратешки потег за тестирање на сопствената сила пред можните политички потреси да се прелеат преку границата. Во тоа време звучеше како претпазливост. Во ретроспектива, изгледа како превенција.

Две недели пред Унгарците да излезат на гласање, инцидент во близина на гасоводот во Кањижа, близу српско-унгарската граница, додаде дополнителна доза на интрига во изборната приказна. Властите ова го претставија како „обид за саботажа“, со можен странски фактор. Но, и во Будимпешта и во Белград, многумина реагираа со сомнеж. Приказната се појави и исчезна речиси подеднакво брзо, оставајќи политички шум, но без реални последици.

Сепак, емоционалниот ефект тешко може да се игнорира.

За Вучиќ, Орбан не беше само сојузник – туку и модел. Токму Орбан му покажа како посткомунистичката демократија може да се претвори во строго контролирана држава со централизирана моќ, ослабени институции и лојални медиуми. Српската верзија на „нелиберална демократија“, во голема мера, се потпираше на унгарскиот модел.

Нов лидер, нови односи

Со една изјава новиот унгарски лидер Петер Маѓар ги подигна тензиите со Србија | Фото: Фејсбук

Немирот кај Вучиќ по унгарските избори беше видлив. Тој се појави на државната телевизија во Србија за православниот Велигден, ден кога дури и политичарите обично молчат, директно реагирајќи на изјавите на новиот унгарски лидер Петер Маѓар.

Идниот премиер на Унгарија навести дека „добро знае што се случува во Србија“ и дури спомена „кум“ зад односот Орбан-Вучиќ. Не го кажа името, но алузијата беше јасна.

Вучиќ веднаш возврати, нарекувајќи ја изјавата „глупава и неодговорна“ и го предизвика Маѓар да го именува тој мистериозен „кум.“ Тензијата меѓу Белград и Будимпешта одеднаш стана видлива за сите.

Односите меѓу двете соседни земји повеќе нема да бидат исти. Маѓар, за разлика од Орбан, јасно се дистанцира од Русија – став што веднаш му го зајакнува профилот во Брисел. Унгарија на Орбан постепено се приближуваше кон Москва, додека унгарските гласачи овојпат остро се свртеа против тој курс.

Наспроти тоа, српската опозиција останува нејасна по прашањата на надворешната политика, дефинирајќи се главно како анти-Вучиќ. Во Косово и во Република Српска, на пример, дел од опозиционерите често звучат не многу поразлично од самиот претседател.

Додека местото на Орбан во Брисел се лади, Вучиќ станува поосамен и под засилен притисок. Неговиот последен обид за измена на судските закони во Србија ја антагонизираше Европската комисија. Брисел го предупреди српското Собрание да не продолжува со законските измени, но пратениците од партијата на Вучиќ го направија токму тоа.

Побараа од Вучиќ да не ги потпише – тој ги потпиша. Побараа одложување до мислењето на Венецијанската комисија – и тоа беше игнорирано. Секоја одлука дополнително ја слабееше преостанатата доверба меѓу Србија и ЕУ.

Шампањот од изборната ноќ полека спласнува. Разговорите сега се свртуваат кон тоа што следува – кон Украина, Западен Балкан и кон самата Европа и нејзините скриени „Орбани“

Позицијата на Србија како фаворит во проширувањето на ЕУ, сега е речиси само сеќавање. Неусогласеноста со санкциите кон Русија, ограничениот напредок во владеењето на правото и намалениот степен на слобода во медиумите, придонесоа за тоа, но судските закони се чини дека беа последната капка.

Како што еден висок функционер на ЕУ ми предочи неделава: „Додека тие закони не се ревидираат, славината за Србија е затворена.“

Атмосферата е мрачна.

„Не можеме да наградуваме влада што ги игнорира нашите црвени линии,“ ми рече еден дипломат.

Според овие извори, упадот во универзитетска зграда, обидите за мешање во N1 -последната независна телевизија во земјата, како и насилството врз гласачите за време на локалните избори биле последните капки во веќе полната чаша.

Во Брисел тоа значи дека нема да има нови исплати од Планот за раст за Западен Балкан, дури и ако Србија спроведе конкретни реформи потребни за добивање на средствата. Некои лица во Европската комисија, вклучително и (според она што го слушаме) комесарката за проширување, Марта Кос, наводно се подготвени да одат чекор понатаму и да ги замрзнат инструментите за претпристапна помош.

И така, Брисел внимателно чекори низ оваа специфична пролет. Шампањот од изборната ноќ полека спласнува. Разговорите сега се свртуваат кон тоа што следува – кон Украина, Западен Балкан и кон самата Европа и нејзините скриени „Орбани.“

Изнесените ставови се на авторката и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН