Анализи

Четири сценарија за демократијата на Западен Балкан: Од надеж до разочарување

Дали земјите во регионот ќе изберат да ја зацврстат демократијата или..

Како ќе изгледа демократијата на Западен Балкан во 2040 година? Регионот на многу начини оди по тенка линија на противречности: застој во реформите паралелно со охрабрувачки пробиви; протести на едни места и впечатлива апатија на други; политички договори што ѝ даваат предност на стабилноста пред правичноста, а понекогаш и мали победи на принципите над кратковидната практичност.

Овие тензии се анализирани во неодамнешен извештај на International IDEA, подготвен од авторите на оваа статија, кој претставува четири можни сценарија за иднината на демократијата во регионот – од надеж до разочарување.

Сценаријата се засноваат на методи на стратешко предвидување, кои разгледуваат повеќе веродостојни иднини наместо да предвидуваат само една. Целта е да им помогнат на носителите на одлуки преку анализа насочена кон иднината. Со историја што се протега низ децении – од воено планирање за време на Студената војна до корпоративни стратегии и јавни политики – оваа методологија им помага на креаторите на политики да се подготват за промени, да ги тестираат своите претпоставки и да се справат со неизвесностите.

Првото сценарио ја опишува иднината што европските лидери сѐ уште ја ветуваат: Западен Балкан интегриран во ЕУ по спроведување реформи што го подобруваат животот на граѓаните преку силни институции, независно судство и медиуми

Овие сценарија ги опишуваат можните патишта преку кои демократијата во регионот би можела да се консолидира до 2040 година, без разлика дали тоа ќе биде поттикнато од интеграцијата во ЕУ или од долгорочна мобилизација на граѓанското општество.

Тие, исто така, разгледуваат иднини во кои регионот постепено се лизга кон авторитаризам или се сместува во продлабочена форма на „стабилократија“, каде што вкоренетите политички елити и олигарси ја задржуваат власта, и покрај очигледните демократски недостатоци, во замена за обезбедување одреден степен на стабилност.

Ова е важно денес затоа што овие иднини сѐ уште претставуваат избор – избор што регионалните актери можат да го направат, особено во време кога глобалниот поредок се менува и традиционалните демократски столбови, како што се Европската Унија и САД, можеби повеќе нема да бидат толку ангажирани како порано.

Првото сценарио ја опишува иднината што европските лидери сѐ уште ја ветуваат: Западен Балкан интегриран во ЕУ по спроведување суштински реформи што произлегуваат од самите земји. Овие реформи конкретно го подобруваат животот на граѓаните преку силни институции, независно судство и медиуми, како и одговорно лидерство.

Овој политички контекст е поддржан од економска обнова што го претвора „одливот на мозоци“ во „прилив на мозоци“ и ја зајакнува регионалната соработка.

Во оваа иднина, ЕУ не е подготвена да им попушта на корумпирани, конфликтни и антидемократски лидери. Таквите лидери почнуваат да ја губат домашната легитимност и јавната поддршка бидејќи граѓаните гледаат дека нивното однесување носи ризик од изолација и дистанцирање од меѓународните партнери. Демократијата се консолидира, не како фасада, туку како реален и функционален систем. Предизвикот е што оваа иднина зависи од доследен и принципиелен ангажман на ЕУ, дури и кога внатрешните проблеми во земјите-членки го туркаат регионот на Западен Балкан подолу на листата на приоритети.

Втората можна демократска иднина е понепријатна и произлегува од повнимателно толкување на регионалните случувања. Тука промените доаѓаат „одоздола нагоре.“ Граѓанските организации, независните новинари, младинските движења и протестните мрежи стануваат главните бранители на отчетноста.

Како што веќе се случува во некои делови од регионот, граѓаните што повеќе немаат доверба во корумпираните или неефикасни државни структури бараат одговорност преку истражувачкото новинарство и граѓанскиот активизам. Политичките елити се спротивставуваат, напредокот останува нерамномерен, но граѓаните постепено си ја враќаат политичката моќ преку постојан притисок, учество и истрајност.

Ова сценарио служи како предупредување дека ако демократијата преживее без поддршка од ЕУ во регионот, тоа може да биде и наспроти владите, а не благодарение на нив.

Помрачни перспективи

Преостанатите две сценарија треба сериозно да ги загрижат сите што ја следат демократската траекторија на Западен Балкан, како и оние што се заинтересирани за долгорочната стабилност на Европа.

Едно можно сценарио предвидува „стабилократијата“ да се зацврсти и да стане трајна и уште помрачна верзија од денешната состојба. Изборите сѐ уште се одржуваат, но оние што се на власт стануваат недопирливи. Независните медиуми се истиснуваат од медиумите во сопственост на олигарсите што се претставуваат како новинарство. Корупцијата станува целосно нормализирана, а институциите им служат на политичката елита и на олигарсите. Граѓаните стануваат апатични и немоќни, а оние што можат заминуваат, претворајќи го одливот на мозоци во структурен проблем што дополнително ги ослабува шансите за генерациски промени.

ЕУ, преокупирана со сопствените внатрешни предизвици, го толерира ова пропаѓање сѐ додека се одржува „регионалната стабилност“, а лидерите барем привидно го користат јазикот на демократијата. Посебната опасност на ова сценарио е што, всушност, претставува продолжение на денешната логика.

Најлошото сценарио укажува на целосно авторитарно владеење и изолација слична на сегашните услови во Белорусија. Политичките лидери ги користат кризите за да го криминализираат несогласувањето…

Најлошото сценарио укажува на целосно авторитарно владеење и изолација слична на сегашните услови во Белорусија. Политичките лидери ги користат кризите за да го криминализираат несогласувањето, да ги претворат етничките малцинства и маргинализираните групи во жртвени јарци, да го прошират надзорот и да владеат преку страв. Гледајќи го регионот како нестабилен безбедносен товар и политички ризик, демократските актери се повлекуваат, а Западен Балкан останува изложен и вовлечен во орбитата на авторитарни сили. Како резултат на тоа, регионот станува заробен во сѐ поинтензивно геополитичко натегање.

Овие сценарија не се предвидувања, туку повик за одговорност и политичка храброст. Мешаните и противречни сигнали што се гледаат низ регионот токму го потврдуваат тоа: сѐ уште постои простор за промени.

Доколку Западен Балкан сака да се движи кон демократска иднина, институциите на ЕУ и другите партнери мора да ја покажат оваа заложба преку доследни дела. Демократијата во регионот нема да опстане автоматски, ниту ќе биде спасена со празни ветувања или симболични гестови претставени како стратешки интереси на Европа.

Доколку регионалните политички елити навистина сакаат напредок, тие мора да го заслужат. Како што покажуваат сценаријата, тоа може да се постигне на многу начини: преку спроведување проверливи реформи, усогласување со граѓанската мобилизација наместо нејзино потиснување, отворање простор за независни медиуми и прифаќање одговорност дури и кога таа ги предизвикува длабоко вкоренетите системи на влијание.

Доколку граѓаните сакаат да ја практикуваат својата демократска моќ, мора да најдат начини да се спротивстават на политичката апатија. Тоа може да изгледа различно за секого – од локален придонес кон култура на дебата и ангажман, до создавање сојузи меѓу протестни движења со цел промовирање регионална солидарност.

Гентиана Гола е советничка за проценка на демократијата во International IDEA. Емили Блум е соработничка за програми во International IDEA. Ставовите изразени во оваа статија се ставови на авторите и не нужно ги претставуваат ставовите на БИРН