Истражувањa

Демировски – Македонскиот производител на муниција недопрен од скандалите во Србија

Документ покажува дека казната за Демировски ја платил човек, кој подоцна е обвинет за учество во мрежа за шверц на кокаин

Околу шест часот наутро, на 22 јули 2024 година, на вратата на 36-годишниот инженер за оружје во Србија се слушнало тропање. Човекот, кој српските власти го идентификуваа со иницијалите М.О., во тој момент спиел во креветот со својата сопруга. И неговите две деца, исто така, спиеле.

Сопругата станала и ја отворила вратата. Тогаш внатре влетале полицајци со фантомки, придружувани од српски безбедносни агенти и го легнале М.О. на подот.

Истата ноќ биле уапсени и други двајца инженери за оружје, 64-годишниот Д.Л. и 63-годишниот Д.М. Сите тројца претходно работеле за српскиот државен производител на оружје „Крушик.“

По апсењето, тие беа обвинети дека доставувале доверливи информации за производството на 120 милиметарски гранати за минофрлачи од Крушик до македонската компанија со која соработувале – АТС Груп, која е во сопственост на Шефшет Демировски.

Ова не е првпат името на Демировски да се појави во случај за наводна индустриска шпионажа во Србија. Во 2019 година, тој беше обвинет дека поткупил поранешен вработен во српскиот производител на муниција Први партизан за да му достави доверливи спецификации во врска со машините за производство.

Апсењата, во 2024 година ја покажаа жестоката конкуренција меѓу производителите во одбранбениот сектор на Балканот, каде што Србија се гордее со една од најголемите воени индустрии и снабдува боишта ширум светот.

Како што се зголемува глобалната побарувачка за оружје и муниција од Балканот, така се зголемува и ривалството.

Дел од оваа сцена е и Демировски, за кого има малку јавно достапни информации.

Со поддршка од државата и со блиски врски со Турција, 50-годишниот бизнисмен прерасна во еден од најамбициозните приватни производители на одбранбена опрема во Македонија, произведувајќи муниција со мал калибар.

„Дај боже да имаме повеќе луѓе како Шеки во земјава“, вели поранешен владин функционер за БИРН, именувајќи го  Демировски со неговиот прекар.

Наводните активности на Демировски во Србија, сепак, откриваат една понепријатна страна на неговиот успех, како и можни врски со криминалното подземје во таа земја. Демировски не одговори на прашањата испратени на неговата службена електронска адреса и преку Вибер, иако пораките на Вибер беа означени како „seen.“

Апсење во Белград

Поранешниот премиер Зоран Заев со Шефшет Демировски на отворањето на АТС Инженеринг | Фото: Влада на РСМ

Демировски поседува три фабрики во Македонија под фирмата АТС Груп.

Првата ја отворил во Скопје, во 2017 година и во неа произведува шлемови, панцирни елеци и друга лична заштитна опрема за војници и полицајци. Во 2019 година ја основал АТС Инженеринг, која произведува машини за производство на муниција,  а во 2020 година ја купил фабриката за муниција од социјалистичката ера во Самоков, која сега се вика АММО АТС.

Во целиот период, тој има јавна поддршка од лидерите од целиот политички спектар во земјава, како и блиски врски со Турција.

На пример, кога во 2019 година ја отвори АТС инженеринг, тогашниот премиер Зоран Заев присуствуваше и му се заблагодари на Демировски за донацијата на полициска опрема во вредност од 50.000 евра.

Министрите Муцунски и Мисајловски на потпишување на меморандумот со МКЕ | Фото: МНР

Наследникот на Заев, Димитар Ковачевски, пак, ја посети фабриката во Самоков во 2023 година. Во март минатата година, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ги испрати министрите за надворешни работи и на одбрана, Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски, на потпишувањето Меморандум за соработка меѓу ATS и MKE, најголемата турска државна компанија за одбранбена опрема, со која се подготвуваат планови за отворање нов погон за производство на барут.

Само два месеца по отворањето на АТС инженеринг во 2019 година, Демировски беше уапсен во Србија под сомнение за поткуп.

Според извештаите на српските медиуми во тоа време, Демировски, во белградскиот хотел „Константин Велики“, се сретнал со поранешен инженер на Први партизан и наводно му дал 30.000 евра и му ветил уште 30.000 по добивањето на информациите што ги барал во врска со производството на муниција од 12,7 мм.

Кога двајцата повторно се сретнале, овојпат во „Хилтон“, биле уапсени.

Цвеќарот

За Демировски беше покрената истрага, но српските обвинители во 2022 година одлучија да ги повлечат обвиненијата против него во замена за парична казна од 250.000 евра. Договорот бил склучен врз основа на правило што им овозможува на обвинителите, наместо судски процес, да изречат парична казна, опција само за кривични дела што предвидуваат затвор до пет години. Со оглед на чувствителноста на случајот, договорот зачуди многумина.

АТС, пак, продолжи без проблем да произведува сопствена муниција од 12,7 мм.

Можеби уште позагрижувачки, сепак, е тоа што според документите од случајот во кои БИРН имаше увид, уплатата од 250.000 евра не ја извршил Демировски, туку српски државјанин по име Александар Милојевиќ, попознат како „Аца Цвеќарот“ поради неговиот бизнис со цвеќе.

Во март следната година, Милојевиќ беше меѓу деветтемина лица обвинети во врска со шверц на кокаин од Јужна Америка во Европа. Меѓу обвинетите имаше српски и црногорски полицајци и агент на Безбедносно-информативната агенција на Србија, БИА.

Според обвинението, во кое БИРН имаше увид, камионите на Милојевиќ биле користени за транспорт на нелегални пари од Холандија до Србија, Црна Гора и Хрватска. Тој е обвинет дека дел од парите ги скрил во својот стан во Белград.

Станот се наоѓа на истата адреса со онаа наведена покрај името на Милојевиќ кога ги платил 250.000 евра за да бидат повлечени обвиненијата против Демировски.

„Вакви типови секогаш се појавуваат“, изјави српскиот експерт за оружје, Александар Радиќ за Демировски.

Тој го споредува Демировски со српскиот трговец со оружје, Слободан Тешиќ, кој уживаше долгогодишна и профитабилна врска со српската држава, и покрај тоа што беше ставен на црната листа на САД и помина една деценија на списокот со санкции на Обединетите нации.

„Очигледно е дека има цврста поддршка од моќни луѓе“, вели Радиќ.

Конкурент на српскиот Први партизан

Демировски се обидува да се пробие и на американскиот пазар | Фото: Влада на РСМ

Покрај шлемови, панцирни елеци и друга лична заштитна опрема, Демировски произведува и муниција со мал калибар, според НАТО-стандардите, од 9 мм, 5,56 мм, 7,62 мм и 12,7 мм.

Извори од одбранбената индустрија запознаени со пазарот во Македонија велат дека АТС со обемот на производство му конкурира на српскиот Први партизан.

„Србија сака да го контролира бизнисот со производство на муниција на Балканот и затоа во Демировски гледа закана“, вели извор, кој претходно бил вклучен во следење на производството на одбранбена опрема во Македонија.

Изворот што сакаше да остане анонимен, вели дека задржувањето на Демировски во Србија треба да се гледа и во контекст на настојувањето на Србија да ја задржи својата доминација.

Сепак, како и во 2019 година, случајот со тројцата поранешни вработени во Крушик од 2022 година во врска со производството на минофрлачки гранати од 120 мм сè уште е во истражна фаза, изјави за БИРН извор од одбранбениот сектор, што отвора сомнежи дека некогаш ќе резултира со обвинение.

Демировски никогаш не беше обвинет. Тројцата негираа каква било вина. АТС, пак, сè уште не произведува гранати од 120 мм.

Американски и британски членови на одборот

Членови на бордот на АТС | Фото: веб страница на АТС

Според Демировски, меѓу 40 и 50 проценти од производството на АТС оди во САД, каде што неговата компанија од септември 2022 година регистрира филијала во Сент Луис, Мисури.

„Работиме за земјите на НАТО, кои се многу важни за нас и постојано се издвојуваме од конкуренцијата со најдобар квалитет“, рече тој во ретко интервју во ноември 2023 година.

„Целиот свет веќе знае за нас.“

Во обид да се пробие и на американскиот пазар АТС, има договори со две тамошни лоби-фирми, Меркури и Валкур.

Првата е во сопственост на поранешниот републикански сенатор Дејвид Витер, а втората е на Мет Моерс, поранешен советник на американскиот претседател Доналд Трамп.

Непосредно пред посетата на македонската државна делегација на Вашингтон, податоците поднесени до ФАРА покажуваат дека Меркури во име на АТС лобирала за стратешко партнерство меѓу САД и Северна Македонија, чија содржина во одредена мера се поклопува со она што подоцна беше договорено во официјалните разговори и со она што јавно го изјавуваа македонските функционери. Неколку актуелни функционери негираа координација со Демировски, оценувајќи ја постапката како негово солирање.

Турски врски

Во 2008 година се споменува како претставник на турската компанија Јалчин, која безуспешно се обиде да ја купи велешката топилница за олово и цинк. Негов партнер до 2024 година во АТС инженеринг беше Октај Ерџан, кој има интереси во турскиот одбранбен сектор и произведувал униформи за суданската армија за време на диктатурата на  Омар ал-Башир.

Претседател на Советодавниот одбор на АТС груп е пензионираниот генерал на американската армија Џејмс Л. Џонс, поранешен врховен командант на НАТО и американските сили во Европа и советник за национална безбедност за време на поранешнот американскиот претседател Барак Обама.

Според „Вашингтон пост“, Џонс, исто така, е платен советник на Саудиска Арабија и Либија.

Пензионираниот генерал-потполковник на американската армија Мајкл Барберо, кој работел на борбата против тероризмот во Ирак, исто така е член на Советодавниот одбор, како и Џон ДеВито, поранешен вработен во Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и муниција во Њујорк и Џон Дејвид Енрајт, кој се опишува себеси како човек со „над 30 години искуство во соработка со различни ограноци на американската војска, оддели и дивизии на Министерството за одбрана на САД и агенции како ЦИА и военото разузнавање ДИА.

Од Британија, во одборот е Сер Ричард Баронс, пензиониран офицер на британската армија, кој командувал со НАТО-овиот корпус за брза реакција и со Заедничката команда на силите на британската армија.

Конзервативниот пратеник Марк Причард, исто така, бил член на одборот и во почетокот на 2024 година во изјава за лондонскиот медиум openDemocracy рече дека заработувал 900 евра на час, работејќи за Демировски, што предизвикало критики од Лабуристичката партија со оглед на вмешаноста на Демировски во тоа време во аферата со поткуп во Србија. Причард повеќе не е наведен како член на одборот на веб-страницата на АТС.

Во изработката на истражувањето учествуваа и Милош Катиќ и Александар Ѓорѓевиќ