Balkan Insight

Унгарските државни медиуми по Орбан: Што со системот и неговите новинари?

Коментар на  Ѓула Чак, унгарски уредник и новинар со седиште во Прага.

Тие почнаа да аплаудираат.

Новоизбраниот премиер на Унгарија, Питер Маѓар, штотуку ги даде своите први интервјуа за државните медиуми (и за радио и за телевизија), три дена по убедливата победа на неговата партија на парламентарните избори на 12 април.

Додека Маѓар ја напушташе зградата на студиото, вработените во холот почнаа да аплаудираат. Како одговор, тој кратко им порача дека државните медиуми ќе бидат водени на начин каков што заслужува унгарскиот народ по што си замина.

Некои моменти во историјата совршено ја доловуваат суштината на една состојба, ова беше еден од нив. Иако дел од аплаузот можеби бил спонтан излив на олеснување, со оглед на тоа што се случуваше со јавниот сервис во текот на 16-те години власт на партијата на Орбан, ФИДЕС, сепак, оваа сцена откри колку е погрешно поставен системот.

Кога ја почнав својата кариера во средината на 1990-тите во унгарскиот сервис на Би-би-си, јасно ми беше ставено до знаење дека новинарите не смеат да навиваат за ниту еден политичар. Тоа едноставно не се прави. Ако го правите, тогаш не сте новинар.

Затоа, жал ми е, но оние луѓе што продолжија да работат во државните медиуми во изминатата една и пол деценија, со тврдењето дека имаат семејства за издржување и дека само ги следеле наредбите, не се новинари.

А, сепак, новинари што аплаудираат на политичар се далеку од најголемиот проблем на унгарските државни медиуми.

Мрачни денови

Фотографија од Виктор Орбан. Извор: Веб страница на унгарската влада (https://kormany.hu/)

Владата на Орбан го претвори јавниот сервис во пропагандна машинерија | Извор: Веб страница на унгарската влада

Јавниот сервис во Унгарија отсекогаш имал свои проблеми. Секоја влада се обидувала да воспостави контрола врз него, со различен успех. Обично успевале, посебно откако претплатата беше укината, а во 2002 година, за време на левоориентираната, либерална влада, беше воведено директното буџетско финансирање, нешто што и новата популистичка десничарска коалиција во Чешка се обидува да го преслика како модел.

Уште од самите почетоци на режимот на Виктор Орбан беше јасно дека владата сака да го претвори јавниот сервис во пропагандна машинерија. Поради тоа повеќе го нарекувам државен, отколку јавен сервис, бидејќи очигледно беше ставен во служба исклучиво на интересите на државата и на владата на Орбан.

Оваа трансформација ја искусив од прва рака, бидејќи од 2009 година бев главен уредник на вести и на информативната програма на Радио Кошут (унгарска јавна радиостаница во рамки на јавниот сервис).

Тоа беше преоден период во унгарската политика. Либералната левичарска влада, предводена од Ференц Ѓурчањи, се распадна, а министерот за економија, Гордон Бајнаи ја презеде функцијата привремен премиер една година, сè до парламентарните избори во 2010 година, на кои убедливо победи партијата на Орбан, ФИДЕС.

Морав да ја напуштам работата на почетокот на 2011 година, кога сфатив дека повеќе не можам да ги бранам своите професионални вредности. Единственото нешто околу кое се согласувавме јас и новото раководство, веројатно, беше тоа дека не се вклопував во нивниот систем.

Потоа, во 2012 година, само неколку дена пред Божик, повеќе од 200 луѓе, меѓу кои и мојата сопруга, беа отпуштени од Радио Кошут како дел од неговата трансформација во пропаганден медиум. Тогаш имавме две мали деца, едното имаше девет, а другото шест години. Имавме среќа и доволно решителност да најдеме други можности во професијата што ја сакавме.

Но, сите немаа таква можност. Познавам луѓе што мораа да го напуштат секторот и да станат таксисти, управители со имот или агенти за недвижности. Не се сеќавам дека некој од моите поранешни колеги поднел оставка поради тоа.

Затоа, простете ми што немам многу разбирање кога гледам објави на социјалните мрежи од луѓе што помогнаа да се уништи унгарскиот јавен сервис, а сега зборуваат колку тешки им биле овие години за нив лично и како немале избор бидејќи морало да се грижат за децата и за семејствата.

Суштината е едноставна: тие останаа и ѝ служеа на државната пропагандна машинерија, прекршувајќи ги сите правила на новинарската професија.

Скап бизнис

Полскиот пример нуди лекции за Унгарија | Фото: Ervin Lukacs/Unsplash

Меѓу 2010 и 2026 година, инфлацијата во Унгарија ги удвои цените за обичниот граѓанин. Сепак, буџетот на Фондот за медиумски услуги и поддршка (МТВА), кој ги надгледува државните медиуми, во истиот период се зголеми петкратно, од 30 милијарди форинти на 155 милијарди форинти (од 83 милиони евра на 430 милиони евра).

Пропагандата, изгледа, е скапа работа.

Мултимилионското прашање сега е како унгарските државни медиуми повторно да се претворат во јавен сервис. Дали унгарската публика навистина треба и сака да финансира осум телевизиски канали и ист број радиостаници, вклучително и неколку музички и спортски канали? Или би било подобро тие да се редуцираат и да се изградат одново, од темел?

Ова е многу слично прашање на тоа со кое се соочи актуелната полска коалиција кога дојде на власт во 2023 година, откако ја порази десничарско-популистичката влада на Право и правда (ПиС).

Коалицијата предводена од Доналд Туск одлучи целосно да ги разреши советодавните и управните одбори на јавниот сервис. Нови новинари ги презедоа главните информативни програми, додека членови на старата гарнитура, поддржани од политичари на ПиС, организираа окупации во седиштата на институциите, а стотици демонстранти се собираа пред зградите.

Ова е малку веројатно да се случи во Унгарија. Тешко е да се замисли дека некој што аплаудирал на Маѓар би организирал окупации, исто како што е тешко да се замислат Унгарци што протестираат во одбрана на државните новинари што ги слушале во изминатите 16 години.

Сепак, полскиот пример може да понуди некои лекции за Унгарија.

Во 2023 година, полската влада ги стави државната телевизија, радио и новинската агенција во состојба на неликвидност и назначи ликвидатори, кои ги презедоа нивните секојдневни операции. Државните медиуми се соочуваа со неизвесност и по една година од процесот на обнова, бидејќи Националниот совет за радиодифузија, кој беше под влијание на ПиС, одбиваше да ги признае промените во раководството и ги задржуваше јавните средства.

Маѓар, претходно спомена можност за суспендирање на вестите на државните медиуми сè додека не се врати нивната независност. Според актуелниот медиумски закон, ваквите услуги можат да бидат суспендирани до една недела при повторени прекршувања.

Обновата на системот несомнено ќе трае подолго и ќе биде сложена, особено ако не се вклучени сите страни, како што беше случајот во Полска. Се очекува и губење на дел од публиката, што ќе биде болно. Сепак, нов почеток е неопходен, почеток од нула и градење од темел.

Нема потреба да се задржува старата гарнитура, дури ни онаа од пред 15-20 години. Сфаќам дека овој пристап е радикален, но фокусот треба да биде на младите новинари.

Како што кажал врвниот фудбалер Калман Месељ во 1969 година, по тежок пораз од Чехословачка, кој значеше дека унгарската репрезентација за првпат во својата историја нема да се квалификува на Светското првенство: „Нашето време заврши.“

Затоа, дајте им шанса на младите новинари. Обучете ги и вратете им ја вербата во јавниот сервис.

Во 1997 година, Би-би-си почна серија медиумски курсеви во Унгарија. Три месеци интензивна обука од по 10 часа дневно беа доволни за група млади новинари да достигнат пристоен стандард во радионовинарството. Знам, бидејќи и јас бев еден од нив.

На крајот на краиштата, ова не е „ракетна наука.“ Повеќе би сакал да слушам млади гласови и да гледам нови лица како прават грешки, отколку да ги слушам истите стари гласови и повторно да ги гледам истите лица.

Унгарските државни медиуми имаат потреба од нов почеток, за повторно да можеме да ги нарекуваме јавен сервис. Ако тоа воопшто го дозволат.

Изнесените ставови се на авторот и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН