Со задоцнување од 18 години, Министерството за внатрешни работи (МВР) објави тендер за Централниот регистар на возила, со кој ќе се вмрежат податоците за сите возила во земјава, кои сега се расфрлани низ повеќе фирми и институции.
Формирањето на Регистарот, инаку предвиден да се направи уште со донесувањето на Законот за возила во 2008 година, треба да помогне да се намалат измамите при продажбите на возила, да се зголеми безбедноста и контролата над техничките прегледи, но и да се забрза и олесни работата на надлежните органи.
Со оглед на тоа што станува збор за софтверско решение за кое Министерството имало доста непознати, јавната набавка се води како конкурентен дијалог, во три фази. Првата фаза на претквалификација, како што информираат од МВР е успешно помината, а во моментов се води дијалог за пристигнатите понуди, кој треба да резултира со поднесување конечна понуда.
Конкурентниот дијалог, како постапка, се користи во случаи кога институцијата не знае точно како да го реши проблемот или што точно ѝ треба, па прво разговара со фирми за да најде соодветно решение пред да избере најдобра понуда. Како што може да се види од системот за јавни набавки, оваа постапка, во изминатите 18 години е користена само петпати, при што во четири случаи завршила неуспешно.
Сепак, од МВР се оптимисти.
„По успешно завршената прва фаза, во моментов се одвива втората фаза и постапката се очекува да заврши со избор на оператор, кој треба да го надгради регистарот на МВР во текот на 2026 година“, велат оттаму за БИРН.
Анализа
Од кочници до ауспух: Технички преглед на чесен збор
БИРН веќе пишуваше за проблемите со контролата на возилата што се движат по македонските патишта, каде што, меѓу другото, беше посочено дека донесувањето на Регистарот за возила е неопходен за подобрување на состојбата. Недостигот од централизирани податоци за техничката исправност и резултатите од прегледите сега остава простор системот да функционира со ограничен надзор.
Тоа значи дека дел од техничките прегледи се вршат формално, поради што и неисправни возила ја минуваат задолжителната годишна контрола. Токму отсуството на функционален регистар овозможува возила што не поминале контрола во една станица, да добијат потврда за техничка исправност во друга, без тоа да го забележат од МВР, што директно влијае врз безбедноста во сообраќајот.
Слични проблеми беа нотирани и во извештајот од проектот за возила, финансиран од Европската Унија во 2022 година, кога во земјава дојдоа странски експерти за да ја скенираат состојбата и да предложат решенија. Тие утврдија дека контролата на возилата е незадоволителна, како и дека е неопходно побрзо донесување на Регистарот, кој, според нивните проценки во тој момент, би чинел околу 1 милион евра.
Во тендерот на МВР, пак, не е наведена неговата вредност, но меѓу условите за учество, стои дека пријавените компании мора да имаат годишен приход од околу 700.000 евра, работа на сличен проект, како и најмалку седум ангажирани професионалци.
Како што е самиот тендер, софтверското решение за централен Регистар на возила, со единствена база на податоци, треба да овозможи размена на информации меѓу сите клучни субјекти, како МВР, Царинската управа, Бирото за метрологија, осигурителните компании и техничките прегледи.
Регистарот ќе содржи детални технички податоци за возилото, вклучително и неговата километража, историја на сопственост и осигурување што ќе се чува со децении, како и алатки за автоматска пресметка на давачки.
Истовремено, се предвидува миграција на постојните бази на податоци, воспоставување строг систем на контрола за тоа кој влегува во системот, кориснички улоги и примена на високи стандарди за заштита на личните податоци, во согласност со законската регулатива.

