Извештај

Продолжува „традицијата“: МПЦ-ОА и ИВЗ повторно без годишни сметки

Двете најголеми верски заедници со години ја занемаруваат оваа обврска

Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и Исламската верска заедница (ИВЗ) и годинава до Централниот регистар не доставиле годишни сметки во кои ќе ги прикажат резултатите од своето работење во претходната, 2025 година.

Законската обврска да го сторат тоа беше до 28 февруари. Од Централниот регистар, за БИРН, потврдија дека двете правни лица не поднеле вакви сметки.

Всушност, игнорирањето на оваа обврска е повеќегодишна пракса на МПЦ-ОА и ИВЗ. Од 2010 до годинава, Македонската православна црква доставила само една завршна пресметка, во која не пријавила приходи. Исламската верска заедница, пак, ниту една.

ИСТРАЖУВАЊЕ
Систем вон систем: Државата слепа за парите на МПЦ-ОА и ИВЗ

Истовремено, двете државни институции, Централниот регистар и Управата за јавни приходи, изгледаат незаинтересирани за контрола на нивната работа.

Инаку, верските заедници се регистрирани според Законот за верски заедници и религиозни групи, но сметководството и обврските кон државата ги исполнуваат исто како и невладините организации, односно според Законот за сметководство на непрофитни организации.

Тоа значи дека имаат обврска еднаш годишно да поднесат завршна годишна сметка. Обврската не мора да ја почитуваат единствено ако вкупната вредност на имотот или годишниот приход им е помал од 2.500 евра.

Истражувањето на БИРН минатата година утврди дека и двете верски заедници имаат годишни приходи далеку поголеми од предвидениот праг поради што треба да ја почитуваат оваа обврска.

Врз основа на податоците за бројот на вработени во 2024 година, пресметките покажаа дека МПЦ-ОА, на својата сметка би требало да има најмалку 54.000 евра, а ИВЗ околу 97.000 евра. И тоа, ако вработените таа година биле осигурани на минимална плата.

Законот предвидува уште еден услов поради кој би морале да поднесат завршни сметки, односно вкупната вредност на имотот што го поседуваат да не е помала од 2.500 евра.

Базата на податоци што БИРН ја објави лани, пак, покажа дека МПЦ-ОА располага со над 14.000 имоти низ државава, а ИВЗ со над 5.300 имоти запишани во Катастар. Станбени, деловни, комерцијални објекти – а некои од нив вредат и повеќе од 2.500 евра, но за квадратен метар.

Митрополитот на дебарско- кичевската епархија Георгиј деновиве рече дека „станува збор за прилично комплексно прашање „имајќи ја предвид комплексноста на даночниот систем и верските заедници како правен субјект“. Во интервју за телевизија Сител тој рече дека им било потребно појаснување на правната рамка за даночните обврски и за даночните олеснувања.

Алудиријаќи на вработените во МПЦ-ОА митрополитот наведе дека „и свештеницитe и вработените во црквата исто така се даночни обврзници кои ги исполнуваат своите обврски“.

Инаку, по објавувањето на истражувањето и базата, епископот Климент, во телевизиско гостување, рече дека „притисокот од јавноста расте и можеби тоа ќе отвори потреба од една дискусија во однос на тоа како понатаму за завршната сметка што треба да ја пријавуваме.“

На потпрашањето дали во МПЦ-ОА размислуваат за исполнување на законските обврски и поради тоа што сите треба да бидат еднакви пред законот, тој додаде „секако дека тоа треба да се регулира и треба понатаму да се размислува за ефектите од таа еднаквост пред законот.“

Црквата и ИВЗ, пред сè, се непрофитни организации и затоа се ослободени од многу давачки, меѓутоа обврската за пријавување приходи не е формалност. Таа служи да ја алармира државата за случаите кога, како и кај сите непрофитни субјекти, сепак, се појавува основа за оданочување.

Според Законот за сметководство на непрофитни организации, ако МПЦ-ОА или ИВЗ, во текот на една година остварат повеќе од милион денари (16.000 евра) приход од стопанска дејност, треба да платат данок на добивка, но само еден отсто од заработените пари над таа сума.

Ова е реална можност, зашто верските заедници издаваат вредни недвижности и учествуваат во профитабилни активности, но тоа останува непроверливо сè додека продолжува „традицијата“ на неподнесување годишни сметки.