Удвоен е бројот на жалби за неодговорени барања од институциите преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Агенцијата сѐ уште не го објавила годишниот извештај на веб-страницата, па БИРН го искористи правото на слободен пристап до информации од јавен карактер да ги побара годишните статистики за ланската година.
Во одговорите пишува дека лани до Агенцијата стигнале 626 жалби, што e речиси двојно повеќе од жалбите што стигнале до оваа институција во 2024 година, кога имало 354.
Овој е голем „скок“ на жалби ако се земат предвид и изминатите години.

Речиси 70 отсто од жалбите, или 438 од 626 жалби се поради молк на управата.
Податоците од Агенцијата покажуваат дека половина од добиените жалби лани, 344 ги поднеле граѓани. Потоа следуваат граѓанските организации 194, а по нив се фирмите и новинарите.
Според податоците што ги добивме од Агенцијата, се забележува и уназадување кај обврската на имателите на информации да поднесуват годишни извештаи. Од вкупно 1456 иматели на информации од јавен карактер, такви извештаи доставиле 1294 иматели, односно скоро 89%. Во 2024, тој процент бил над 96%.
Оваа институција беше блокирана три и пол месеци, затоа што ѝ истече мандатот на претходната директорка, Пламенка Бојчева, а нејзиниот заменик стана советник во Општина Куманово.
Парламентот распиша два огласи за избор на директор, од кои, првиот го поништи.
Постапката заврши со избор на нов директор на осми април. Парламентот на оваа функција го избра Петар Гајдов.
Тој во интервју за БИРН говореше дека се обидуваат да го совладаат приливот на жалби кои стигнале во време додека институцијата беше блокирана.
Во меѓувреме, Уставниот суд за првпат утврди повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата на новинарот Давид Илиевски, поради недоставени информации од јавен карактер и го задолжи имателот на информацијата, Развојнатa банка на Македонија да му ги достави бараните информации од јавен карактер.
Овој тренд доаѓа во време кога земјава бележи пад на индексот за слобода на медиумите. Во најновиот индекс Македонија падна за три места и годинава се најде на 45 место. Со ланскиот пад, две години земјава се најде девет места подолу на овој индекс и премина од „задоволителна“ во „проблематична“.

