Три со три

Гајдов: Приоритет е расчистувањето на заостанатите жалби

Интервју со директорот на Агенцијата за пристап до информации, Петар Гајдов

По четиримесечен вакуум во раководењето, Агенцијата за заштита на правото на пристап до информации од јавен карактер повторно доби директор, со што се одблокира нејзиното работење, а со тоа и постапувањето по стотината заостанати жалби од граѓани, здруженија и компании, пристигнати во овој период.

Агенцијата е важна, бидејќи кога некоја институција ќе одбие да даде информација или ќе молчи, граѓаните имаат каде да се пожалат. Без овој механизам, правото на пристап до информации би зависело само од добрата волја на институциите, што би било голем проблем, бидејќи е важна алатка за граѓанските организации и медиумите во борбата против корупцијата.

Во периодот без раководство, институцијата практично беше нефункционална, откако во декември на поранешната директорка ѝ истече мандатот, а месец претходно и заменик-директорот си замина откако беше избран за советник, па немаше кој да ги потпишува документите.

Процесот дополнително се одолжи бидејќи се доцнеше со распишување на огласот и имаше едно поништување, за конечно, кон средината на април, Петар Гајдов да биде назначен за нов директор.

Како кадар што доаѓа од редовите на Агенцијата, новата функција ја презеде со многу заостанати предмети, кадровски дефицит и со ограничени ресурси.

Во кратко интервју за БИРН, тој појаснува дека во моментов, приоритет им е решавањето на заостанатите жалби што биле испраќани во Агенцијата, во периодот додека таа беше без раководство, а со него разговаравме и за состојбата со пристапот до информации во институциите, како и за предизвиците со кои се соочува институцијата.

БИРН: Агенцијата речиси четири месеци беше без директор, со што практично беше блокирана нејзината работа. На кој начин ќе се решаваат заостанатите жалби и предмети, ако се има предвид дека се поминати сите законски рокови за постапување по нив?

Гајдов: Агенцијата веќе ги прегледа сите пристигнати жалби за оној период додека имавме прекин во работењето и сме во комуникација со барателите на информации и со институциите. Во моментов, имаме 101 жалба. Првично беа повеќе, но во комуникација со барателите, дел од нив беа повлечени, откако добивме информација дека во меѓувреме биле добиени одговори.

Сега, од институциите се очекува да одговорат во рокот даден согласно законот, а веруваме дека и понатаму ќе имаме добра соработка и со институциите како иматели на информации, а, исто така, и со барателите на информации.

Мојот впечаток е дека институциите покажуваат доволно транспарентност во работењето, во делот на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер, така што засега нема институција што приговара за роковите или дава некаков отпор во тоа дека треба да се даде информацијата.

Исто така сум убеден дека многу барања што во периодов од четири месеци биле пристигнати до поголем број институции биле одговорени и немало потреба да се поднесе жалба. Ние сме тука да постапуваме само за оние барања по кои се поднесува жалба, да ја дадеме вистинската насока, со цел информацијата да биде добиена онаму каде што е побарана.

БИРН: Агенцијата беше дел од групата што даваше забелешки за измените во Законот за пристап до информации од јавен карактер, кои допрва треба да се носат. Кои конкретни решенија треба да се вклучат во тие измени за поефективно почитување на вашите одлуки од страна на институциите?

Гајдов: Ние, како Агенција, своето гледиште го дадовме во рамките на комисијата што работеше за измени и дополнување на законот. Веруваме дека усогласувањето на временската рамка за постапување по барањата и по жалбите треба да биде како во регионот, малку да ја избалансираме, иако кога зборуваме за рокови, факт е дека за барателите тие се секогаш предолги, а за имателите на информации прекратки.

Мора да имаме предвид дека за службените лица за посредување со информации од јавен карактер, всушност тоа им е дополнителна обврска, покрај работните задачи што ги имаат во институциите каде што работат.

Ние како агенција сме помеѓу, не можеме да бидеме пристрасни ниту кон едните, ниту кон другите, ниту кон барателите, ниту кон имателите.

А останувам и на тоа дека да агенцијата и во овие рамки, со овој закон, функционира. Сите институции треба да сфатат дека давањето информација е во нивна полза, а проактивното објавување на информациите е уште подобра алатка со која се истакнува квалитетот на работењето на институцијата.

БИРН: Што ѝ е потребно на агенцијата за поефикасно да ја врши својата работа и кои се најголемите предизвици со кои се соочувате, посебно кога е познато дека по систематизација ви требаат 50, а во реалноста имате многу помалку вработени?

Гајдов: Во моментов сме 15 лица, заедно со мене, што значи дека во агенцијата навистина ни се потребни кадровски решенија и буџетот да биде малку зголемен за да можеме да реализираме активности во делот на превенцијата, како обуки или посета на одредени институции, со цел  правото на слободен пристап до информации од јавен карактер да се приближи кон граѓаните.

Ќе се обидам, како менаџер на институцијата, да го оправдам барањето за повеќе вработени затоа што реално, оваа бројка што ја имаме во моментов е недоволна. Тоа не значи дека ние не ја остваруваме работата, но оваа бројка на вработени не е сконцентрирана само на работа по управната постапка по жалби во конкретно одделение каде што се вработени правници и ни требаат повеќе лица за поефикасно и поекспедитивно постапување.

Важно е да се знае дека транспарентното, одговорното и отчетното работење на секоја институција е показател за тоа колку е квалитетна таа институција. Ние, како институции, сме сервисно ориентирани кон граѓаните, а транспарентноста и проактивната транспарентност е од исклучително значење за целото општество.