Три со три

Муцунски: Верувам во добри односи со идната унгарска влада

Интервју со министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски

Победата на Петер Маѓар и неговата партија Тиса, на парламентарните избори во Унгарија предизвика оддишка во Европската Унија. Челниците на многу држави здивнаа по веста дека Виктор Орбан, кој со земјата владееше 16 години, замина од владејачката позиција, а со тоа и од преговарачката маса во Брисел, каде што кочеше многу процеси, особено усогласувањата на позициите и чекорите поврзани со Украина.

Но, во некои земји на Балканот, во неделата ја немаше истата славеничка атмосфера. Владејачките партии во Македонија и во Србија се тесно поврзани со ФИДЕС на Орбан и му даваа отворена поддршка во изборната кампања.

Српскиот претседател Александар Вучиќ се појави и во предизборен спот, а македонскиот премиер Христијан Мицкоски, непосредно пред изборите од Будимпешта, повикуваше да се гласа за ФИДЕС порачувајќи „ние, како влада, стоиме зад Виктор Орбан.“

Досегашната блискост со Орбан резултираше со тоа Македонија да има и два конкретни договори за стратешко партнерство и за заем, а доаѓањето на Маѓар ја става во прашање нивната иднина.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, пак, за БИРН, вели дека верува во добрата волја и додава дека „ако се појават предизвици, ќе изнаоѓаме соодветни решенија.“

БИРН: Блискоста меѓу македонската и унгарската влада, поточно меѓу и ВМРО-ДПМНЕ и ФИДЕС никогаш не била тајна. Вие му честитавте на избраниот премиер Петер Маѓар, а разговаравте и со главната советничка за надворешна политика во Тиса, Анита Орбан. Од досегашните контакти, какво е вашето мислење, ќе има ли промена во односите меѓу двете земји?

Муцунски: Нашата држава има долгогодишен континуитет на добри билатерални односи со Унгарија. И во таа смисла, исто така, се согласувам дека засилен развој, билатералните односи добија со формирањето на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во 2024 година.

Во тој контекст се имаат реализирано голем број позитивни проекти и во делот на политичката, економската и безбедносната соработка во последните години.

Би сакал да напоменам дека во последниве денови остваривме комуникација со претставници на новата владејачка партија и мое очекување е дека една од константите на надворешната политика на Унгарија ќе остане, а тоа е нивната позиција кон земјите од Западен Балкан, вклучително и желбата да имаат добри и понатаму позитивно развиени  билатерални односи со нашата држава.

БИРН: Непосредно пред тамошните избори на прашањето што ќе се случува со договорот за стратешко партнерство што го имаме со Унгарија, посакувавте среќа на Орбан, кој го нарековте и клучен чинител на договорот. Какви се вашите очекувања сега, можно ли да се раскине меѓудржавниот договор и има ли опасност за договорот за заем, кој е потпишан со унгарската Eкспорт импорт банка, која, пак, е во државна сопственост?

Муцунски: Целта на ваквите договори за стратешко партнерство е прво да создадат рамка за структура на соработка меѓу државите, но, исто така, и да го олеснат процесот на заемни инвестиции за да можеме да ги развиваме подобро економските и трговските релации. И од наша гледна точка, тој договор е одлична рамка што ја усогласивме со владата во заминување, но која доколку бидеме сите мудри, можеме да го искористиме во интерес и на граѓаните, на владите и на бизнис-заедницата.

Моја желба и мое очекување е да продолжи имплементацијата на тој договор и секако тоа ќе биде една од клучните теми што ќе ја афирмираме при воспоставувањето и на официјалниот дијалог по официјалното формирање на новата влада.

Договорот за нас е важен, пред сè, бидејќи прво Унгарија е земја што е географски блиска до нашата држава.

Второ, Унгарија е клучна земја во коридорот 10, кој е стратешки значаен за нас. Трето, веќе има голем број унгарски компании што или инвестирале, или имаат сериозна намера да инвестираат во нашата држава.

Четврто, Унгарија, поради својата географска позиција, се има докажано многу години како стратешки поддржувач на процесот на забрзување на членството на земјите од регионот кон Европската Унија.

Сите овие фактори, кога ќе ги земете заедно, значи дека овој договор ни дава рамка што ги засилува односите меѓу двете држави и отвора нови можности.

Во однос на договорот за заем, сакам да кажам дека тој тип договори имаат своја специфична правна и финансиска природа и се многу детални, многу јасни и секогаш вопоставуваат и права, но и обврски и за двете страни.

Во духот на добрата верба, јас сум искрено убеден дека доследно ќе си ги почитуваме своите обврски, но и своите права. Доколку се појават предизвици, секогаш користејќи ја добрата верба и добрата волја, како клучни принципи во нашите меѓусебни односи, ќе изнаоѓаме соодветни решенија.

Тешко е сега да хипотетизирам како владата во доаѓање ќе се постави кон конкретни договорни односи. Но, моето чувство од нашите иницијални разговори е дека има добра верба кон нас како држава и кон нас како регион и желба за соработка.

И доколку се поставиме од таква гледна точка, верувам дека односите, не само што ќе продолжат со добар интензитет, туку и ќе се подобруваат во иднина.

БИРН: На првата прес-конференција по победата, Маѓар го спомена поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој живее во азил, во Унгарија. Во Македонија се чека Министерството за правда да одлучи за барањето за екстрадиција. Дали имавте некаква координација со Министерството за правда, во врска со барањето за екстрадиција и дали во разговорот со Анита Орбан го отворивте ова прашање?

Муцунски: За сега би можел да кажам дека во делот на надлежностите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија немало никаква потреба за постапување по однос на дадениот случај. Ние, во владата, тековно комуницираме, и доколку постои потреба, ќе ги преземеме сите соодветни дејствија во рамките на нашите уставни законски овластувања.

Во разговорот со Анита Орбан бевме фокусирани на развојот на билатералните односи и процеси поврзани со европската интеграција и на нашата држава и на нашиот регион и истакнавме желба во следниот период по формирањето на новата влада во Унгарија да го засилиме процесот на дијалог меѓу двете држави.