Интервјуа

Хаџи-Василева: Заканите врз новинари повеќе се на интернет отколку физички

Интервју со обвинителката што координира предмети каде што оштетени и пријавени се новинари

Обвинителката Искра Хаџи-Василева, осум години работи како јавен обвинител. Таа е академец од петтата генерација во Академијата за судии и јавни обвинители.

Колегите за неа не штедат добри зборови како човек и како професионалец.

Срдечна, умерена во тонот и внимателна во изборот на зборови, обвинителката остава впечаток дека е своја на своето. Тоа го објаснува со природата на работата, која е многу сензитивна.

Во интервју за БИРН вели дека, освен Инстаграм, не користи социјални мрежи. Дистанцата од социјалните мрежи за неа е „меч со две острици“, бидејќи од една страна ѝ ја штити приватноста, но од друга страна, до неа побавно стигнуваат информациите.

Раскажа ситуација кога забележала дека ситни гестови на странки откриваат оти како обвинител била предмет на интернет-пребарувања.

Хаџи-Василева е една од ретките скопски обвинители што знае да застане пред камера зашто смета дека јавноста треба да биде информирана за нивната работа.

„Не е баш комотно кога треба да давате изјава за јавноста, бидејќи судницата е вашиот терен, ги знаете аргументите и фактите што треба да ги изнесете. Но, мора да го најдеме балансот“. Смета дека токму затоа се важни обуките за слобода на говор, но и за јавност и комуникации во Академијата за судии и јавни обвинители.

Заканите врз новинари се преселуваат на интернет

Лани имало четири предмети за напади врз новинари | Фото: Роберт Атанасовски

Првпат јавноста ја запозна лани во октомври, кога Здружението на новинарите и Јавното обвинителство ја информираа дека се назначува обвинител што ќе биде задолжен да се грижи за предметите каде што оштетени и пријавени се новинари. Тоа е прв ваков случај во регионот, кој дојде на барање на новинарското здружение.

Поттикот за тоа беа тврдењата на новинарите дека постои култура на неказнивост, односно зголемен број на нерешени случаи во кои физички или онлајн се нападнати новинари.

По половина година „координаторство“ на вакви предмети, Хаџи-Василева вели дека на почетокот не била доволно свесна и запознаена што ќе значи вистинскиот мандат во пракса.

„Сега, сѐ повеќе и повеќе го разбирам, како што комуницирам со вас и како што влегувам повеќе во темава и сферава“, вели таа.

Оваа дополнителна активност ја смета како превенција.

„Ако преку конкретните предмети прикажеме силна заложба и ефикасност, се надевам дека ќе има ефект на помалку закани“.

Хаџи-Василева ни ја презентира статистиката на дела, во кои се оштетени новинари. Таа не е голема, што самото по себе е и добар тренд.

Лани имало четири такви предмети, од кои два биле во скопското обвинителство.

„Едниот е затворен, причината за тоа било што не било можно да се добие идентитет на корисникот на твитер-профил што бил важен. Другата постапка е физички напад врз телевизиска екипа, имаше пресуда врз основа на признание на вина. Лицето е осудено на условна казна затвор со заштитен надзор, што е една правична санкција што обвинителството ја поздравува“.

Обвинителката говореше и за предметот што одекна во јавноста за порталот ДоказМ.мк, во кој, едно од делата за кои се товареше сопственикот е говор на омраза напрвен преку компјутерски систем односно објавен веб-портал. Во тој предмет има и оштетени новинари, а објавена беше и првостепена осудителна пресуда.

Хаџи-Василева вели дека имаат и уште еден предмет, кој е во рана фаза и е за пријава за сексуално вознемирување преку социјална мрежа, каде што како оштетена се јавува новинарка.

Забележале тренд во кој „се намалува бројот на физички напади, но за сметка на тоа, расте бројот на онлајн-заканите“.

Кога станува збор за физичките напади врз новинарите, Хаџи-Василева забележува дека со новите измени во Кривичниот законик е зголемена заштитата на новинарите и медиумските работници.

„Законодавецот кај некои од кривичните дела направил интервенција и го препознал својството новинар или медиумски работник на кој му дал зголемена заштита во однос на субјективното битие, односно умислата на сторителот да биде насочена токму кон вршењето на новинарската професија“.

Тоа практично значи дека нападот врз новинар, покрај тоа што се гони по службена должност, и построго се казнува.

Но, обвинителката раскажа дека оштетени новинари во повеќе случаи, поради повеќе причини, сами не се изјасниле дека причина за нападот е нивната професија.

„Затоа ние и се обидуваме да имаме контакт преку службата за односи со јавност и преку Здружението на новинарите, во поглед на следењето и евидентирањето на предметите, за да ги споредуваме податоците поради прецизна статистика“.

Обвинителството го следи и постапувањето во предмети, во кои новинарите не се оштетени, туку се пријавени или, пак, се повикани како сведоци да даваат искази во постапките, за токму тие постапки да не се користат како притисок врз слободата на изразување.

Побргу до доказ, полесно до сторителот

Обвинителството постапува со посебно внимание и брзина во случаите каде жртви се новинари | Фото: БИРН

Не само во случаи со новинари, туку и во други предмети во кои се прават кривични дела на интернет, понекогаш можностите за истрага се ограничени.

„Тоа се должи на анонимноста што ја нуди интернетот“, вели обвинителката.

Потенцира дека „важна е брзината на постапувањето, ама и брзината на пријавувањето“.

Во таа „трка со времето по докази“, Обвинителството, преку полицијата, соработува со операторите на социјалните мрежи, кои се наоѓаат на територии на други држави, пред сѐ, во САД.

„Вообичаено за тоа одиме преку МВР, каде што има контакт-точка за соработка со операторите, а тие имаат и сопствени политики по кои постапуваат. Во пракса има примери кога кај нас имало пријави за говор на омраза, но операторот во странската држава одговара дека за таа јурисдикција тоа е слобода на говор. Мора да биде кривично дело и тука и таму.“

Обвинителката појасни дека проблемот што ги отежнува постапките се нарекува „волатилност“ на доказите, односно дека особено онлајн доказите се брзо променливи.

„Ако не го фиксирате и обезбедите веднаш доказот, голема е веројатноста во некои случаи да го изгубите“.

„Освен тоа, секоја држава има своја јурисдикција и норми во однос на тоа колку време операторите треба да ги чуваат некои од податоците, се разбира поради заштита на личните податоци тоа се ограничени временски периоди, а кои можат да бидат електронски докази во некоја истрага. Кај нас е една година, во некои држави се шест месеци, па и пократко“.

Но, кога станува збор за нападите врз новинарите, Хаџи-Василева уверува дека заложбите на Обвинителството е да се дејствува „со особено внимание и брзина“.

Тоа, се разбира, не значи дека другите жртви не добиваат соодветен третман, но кај новинарите, вели обвинителката, „битно е дека, покрај заштита на физичкиот интегритет, имате и поширок таргет на заштита, тоа е слободата на изразувањето, односно во една најширока смисла фундаментите на нашето општество“.

Не е секоја онлајн-закана говор на омраза

Нема формални критериуми за тоа кој може да се декларира како новинар пред Обвинителството | Фото: Роберт Атанасовски

Едно е говор на омраза во онлајн-просторот, а сосема друго е граѓански предмет за клевета и навреда.

„Сме имале многу примери, во кои човек е навреден и мисли дека може да бара и кривична заштита, ама вредно е на јавноста да ѝ се објасни дека има разлика.“

За да има кривично дело говор на омраза, потребно е сторителот во својот говор сфатен во широка смисла, преку изразување, репрезентација на идеја, слика, текст, „да поттикнува дискриминација или насилство, врз основа на некоја од дискриминирачките основи врз лице или група“, вели таа.

Ова кривично дело бара „интензитет и ефект, кој претставува ширење на таквите идеи и го повредуваат јавниот поредок“. Оттука, со него се штити јавниот ред.

Клеветата или навредата, пак, се однесуваат на „повреда на личниот или моралниот интегритет на поединецот, за тоа постои граѓанска одговорност, доколку е повредена честа на личноста“.

По предметот со „ДоказМ.мк“, во јавноста се отвори прашањето како и на кој начин Обвинителството толкува дали некој е новинар или не, и според тоа, да определи поголема заштита.

„Формални критериуми за определување новинар пред ОЈО не постојат, бидејќи не постојат ниту во нашата земја. Пристапот е слободен и не подлежи на некаква регулација или регистрација“.

Гласот на новинарите и „увото“ на обвинителите

Не сите новинарски објави се допрен глас за Обвинителството | Фото: БИРН

„Некои текстови побудуваат огромен интерес кај нас. Тие работи веќе следниот ден кога ќе дојдеме на работа ги дискутираме со колегите“, вели Хаџи-Василева, уверувајќи дека сериозните новинарски истражувања претставуваат, не само глас, туку и обврска за обвинителството да поведува постапки и да ги истражува сомнежите за криминал.

За ова прашање тргнавме од јавниот впечаток дека обвинителите се „глуви“ за сериозни новинарски написи во кои се откриваат сомнежи за криминал и корупција.

Оценува дека респонзивноста на нејзиното матично обвинителство за тоа е добра, но го кажува тоа што и нејзините колеги го повторуваат, дека секој допрен глас не значи дека обвинителите веднаш треба да постапуваат.

„Допрениот глас треба да содржи доволно индиции и докази и да има соодветен квалитет за да биде основа за поведување кривична постапка. Треба да се има и предвид и количеството на некакви гласови“.

Некои од новинарските објави не задираат секогаш прашања што се за Обвинителството. „Некои од тие може да се однесуваат на системски пропусти, или слабости, да имаат третман во прекршочно санкционирање…“ ни рече Хаџи-Василева.