„Пред фактите и боговите молчат, а судиите уште повеќе“, напиша во 2017 година, судијката од граѓанскиот суд, Антоанета Димовска, критикувајќи ги своите колеги во Судскиот совет за начинот на гласање при унапредување судии во скопска Апелација.
Шест години подоцна, во 2023 година, Димовска, со поддршка од стотина гласови на своите колеги судии, седна од другата страна на масата, на која се избираат, унапредуваат и се разрешуваат судии.
Токму таа трансформација – од критичар на системот во човек што треба да го менува однатре – беше една од главните теми на разговорот што го водевме во нејзината канцеларија во Советот.
Димовска, која е судијка речиси 30 години, неколкупати го тестирала правосудниот систем, вклучително и преку тужби против одлуки на институции од кои е дел и самата. Една веќе доби кога се кандидираше за судијка на Управниот суд, но не беше изгласана. По нејзината тужба, Уставен остана без една судијка.
Судскиот совет каде што работи, долго е под јавна критика дека е во џебот на политичарите, што го покажа и скандалот со незаконското разрешување на претходната претседателка Весна Дамева поради што Холандија го запре финансирањето на проектите, а Европската Унија формира оценска мисија за да ги поправи работите.
Не ја сменивме перцепцијата за Судскиот совет

Канцеларијата на Димовска во Судскиот совет | Фото: БИРН
Во ден без седница, во Советот беше тивко. Во нејзината канцеларија имаше купишта хартија, Законот за парнична постапка, разни решенија, а таму беше и признанието од 2010 година за најдобар судија зa односи со јавноста. Документите наоколу оставаа впечаток за тоа колку бавно се менува системот.
„Не можам да кажам дека сум премногу задоволна со темпото со кое се одвиваат работите“, самокритична е за нивната работа.
За впечатокот на забавеното темпо на Советот рече дека има објективни причини како скандалот со Дамева, работата на оценската мисија на ЕУ, спорните интерпелации за членовите на Советот во Собранието што ги покрена власта… Сето тоа, како што кажа, влијаело врз ентузијазмот на членовите на Советот. Но, во исто време, не бега од впечатокот дека постапките за избор на претседатели на судови, на судии во повисоки судови и дисциплинските постапки траат предолго, што, пак, го зголемува просторот за тргување со влијанија.
„Постапуваат повеќе комисии за избор. Сите тие комисии ја обременуваат постапката, ама повторно не можам да оправдам зошто толку долго ни траат постапките. Нѐ гази времето, а ние не можеме сето тоа да го искоординираме. Треба да бидеме самокритични и да кажеме ова не смее вака да оди“, вели таа за работата на Судски, користејќи прво лице множина.
Не го дели впечатокот на дел од јавноста дека судиите се гласни само кога станува збор за нивните плати, а не и кога ги прозиваат политичарите.
Прифаќа дека за одредени напади од политиката треба да бидат поприсутни во јавноста, но со оглед на зачестеноста на нападите, прашање е, како што вели, и за мерката: „Ние треба наутро да станеме и да почнеме да демантираме цел ден“, се шегува Димовска.
Објаснува дека извршната, законодавната и судската власт не се непријатели. „Напаѓањето, посочувањето дека само одредена власт е виновна, нема да нѐ доведе никаде“, смета таа.
За неа се искрени оценките што нејзините колеги судии ги дадоа во анонимната анкета на ОБСЕ од 2023 година дека не го гледаат Судскиот совет како нивен заштитник. Тие оценки сѐ уште смета дека се исти.
„Не се променила перцепцијата. Не успеавме некако да ги придвижиме повеќе процесите“, раскажува таа, иако мотивот да дојде во Судски било токму тоа.
Судиите, како и сите луѓе, не се непогрешиви, вели Димовска, која е на половина од мандатот како членка на Судскиот совет. Улогата на ова тело не е да биде институционално страшило, туку да има превентивна улога и да им укажува на грешките на судиите.
За судијата не е сеедно дали ќе добие јавна опомена или укор, вели таа. Сепак, во едно е недвосмислено сигурна: „Не е страшно да признае дека се греши, страшно е да се прикриваат грешките.“
Судскиот совет, многу години го биеше глас дека кандидатите за повисок суд кришум ги договара на колегиуми, а на јавните седници само го презентира тоа што е договорено зад затворени врати.
На прашањето дали тоа е така и сега, вели дека не може да говори во името на другите. „Јас не сум учествувала во никакви договарања. Ако се вратите наназад години, седниците за избор на судии траеја 15 минути, кога се прескокнуваа 20 судии без образложение. Најчесто се држиме до ранг-листата, некогаш не.“
Десет години користев компјутер донација

Димовска оценува дека е критична состојбата со ресурсите во судството | Фото: БИРН
„Мора итно да се направи нешто“, вели Димовска за состојбата со ресурсите во судството. Тие се особено критични, за што Брисел отворено критикуваше во извештаите за напредок.
Во просек, пополнетоста на судската служба со записничари, стручни соработници е приближно 40 проценти. „За оваа година и тој минимум што го побаравме не успеавме да го реализираме. И тоа е малку, но и тие не можевме да ги обезбедиме. За секое вработување треба согласност од Министерството за финансии.“
Димовска вели: „Не можете да очекувате некој да извршува толку одговорна задача со плата со која не може да ги обезбеди основните животни потреби.“ Раскажа дека судската служба не ги напушта судовите само поради пензионирање, туку си дава отказ и работи на друго место за поголема плата.
„Без средства ќе тонеме. „Ако тоа не сака да го види извршната власт, не можеме да очекуваме никакво подобрување.“
Дури и со новопредложените закони, меѓу кои, има и добри решенија, како што вели самата, може да се појават проблеми при примената. Праша како ќе се спроведе новиот Закон за парнична постапка, ако во него има добри одредби за дигитализација, а во судовите нема скенери.
Кога говореше за недостигот од ресурси, раскажа личен пример од периодот кога работела како судијка.
„Мојот компјутер, кој беше донација од УСАИД, го користев 10 години и веќе беше нефункционален, и имаше некои четири компјутери во судот, па ми го заменија. Мора да одвоиме средства првин да се опремиме, па потоа средства за одржување… Не велам дека тоа оправдува некои состојби во судството, но во голема мера влијае.“
Смета дека судиите секогаш ги поддржувале и покачувањата на платите на судската служба, но во исто време смета дека треба да добиваат пристојни примања за да одолеат на сите притисоци.
Го спомена и болното прашање за ревидирање на судската мрежа: „Дали имаме потреба од толку судови? Дали некои судови треба да станат одделенија?“.
За споредба се присети на искуство со ревидирање на студиска посета во Португалија, каде што, како што рече, направиле голема реформа, во која 250 судови ги свеле на 25.
„Но, претходно се направило многу за дигитализацијата. Трпеле критики, но им објаснувале на граѓаните дека нема да им биде скратен пристапот до правда.“
Вложувањето во судството, како што рече, не е „фрлена пара.“ Таа инвестиција, слично како во здравството и во образованието, „се враќа.“
Мe згрози реакцијата на Савески

Како тажна прикана ја оценува прозивката од тогашниот судија | Фото: БИРН
Ако недостигот од ресурси е еден товар што го носи судството, личните и политичките етикети се уште поголеми.
Речиси целата кариера Димовска се соочува со прашања за нејзината сестра, пратеничката Снежана Калеска-Ванчева од СДСМ.
„Можеби ми е хендикеп, а можеби се искористува таа ситуација да бидам дисквалификувана. Не гледам дека на некои колеги им беше хендикеп блискоста до одредена власт. Јас се прашував дали треба да се откажам од мојата сестра“, вели Димовска.
Прифаќа критика единствено за нејзината работа: „Сѐ друго е начин некого да дисквалификувате и омаловажите.“
Неизбежно беше прашањето за прозивките од тогашниот судија и денешен државен обвинител Ненад Савески, кој на изборот за в.д. претседател на Кривичниот суд напиша дека Димовска е срам за правосудството, затоа што гласала за изборот на Даниела Димовска на која ѝ била менторка преку Академијата за судии и јавни обвинители.
„Од каде поривот, не знам. Можам да ви кажам дека се чувствував непријатно и тажно. Пораката ја добив на седницата. Добив мачнина во стомакот, не знаев со што сум го заслужила тоа. Нивото на текстот ме згрози.“
Димовска вели дека јавно го образложила ставот зошто гласа за таа кандидатка, иако лично не ја предложила, а била само една од оние што гласале за неа.
„Не е тајна дека јас сум ѝ била ментор на Димовска и стојам за тоа што сум го кажала за нејзините организациски способности. Не би коментирала понатаму. Би требало да го прашате колегата“, вели таа.
И покрај тоа, му честитала на Савески кога дошол во Судскиот совет по изборот за државен обвинител и му посакала успех во работата. Но, тоа е тажна приказна, вели, со која и самото судство претрпело пораз.
Неуспешен обид за собирање потписи од судии за разрешување

Димовска е за повисоки затворски казни за корумпирани судии | Фото: БИРН
Димовска е една од судиите што го тестираше правосудниот систем кога се кандидираше за уставна судијка. Поради начинот на предлагање кандидат за уставен судија во Судскиот совет, поднесе тужба до Управниот суд, кој пресуди во нејзина полза.
Вели дека со таа постапка ѝ била нанесена неправда, но среќна е што таа епизода ги придвижила работите. „Среќна сум што се утврди правило како ќе се предлага кандидат за Уставниот суд“. Така се придвижуваат работите, вели таа, но смета дека и тој потег си има своја цена.
Во кулоарите се прошири информација дека колеги од скопска Апелација почнале иницијатива за нејзино разрешување. Тоа се поклопува со времето кога Димовска одлучувала за претставка за постапувањето на нејзини колешки од истиот суд во предметот на провајдерот „Фокуснет“ против „Телеком“, кој се однесува за надомест на штета од четири милиони евра.
„Лично знам. Ми кажа колешка што била контактирана од судија да се потпише и одбила. Апсолутно е точно. Јас ќе бев среќна да дојдат и да ми кажат во што се состои нивното незадоволство од моето постапување. Јас сум координатор на Апелациониот суд Скопје по некоја случајност.“
Премалку години затвор за корумпиран судија
Во случајот со осудениот врховен судија Наќе Ѓоргиев, кој беше осуден за примање поткуп од 10 илјади евра, не криеше дека законските решенија се преблаги кога судија ќе биде фатен во корупција. Оценува дека нејзиниот колега добил преблага казна од три години затвор. „Законот е таков, но лично како човек и судија, сметам дека тоа е прениска казна.“
Потписи, како што раскажа, не се собрале.
Разговорот го привршивме со уште една активна правна битка што ја води – овојпат против одлука на Антикорупциската комисија за нејзино изземање, против која таа повторно поднесе тужба, за која не сакаше да коментира со цел да не влијае врз исходот.
Како судија што постојано го тестира системот со тужби ја прашавме дали судија што претрпел неправда, а молчи, има морално право да застане во судницата и да рече „Во името на граѓаните.“
Сите судии се индивидуи за себе и секој самиот го избира начинот дали и како ќе реагира, смета Димовска. „Моите колеги знаат каде лежат проблемите. Некои избираат да не го кажат тоа, некои сметаат дека судијата треба сѐ што има да каже, тоа да го направи во судница.“
Како една од најгласните и најактивните на седниците во Судскиот совет, смета дека само на тој начин може да се направи промена.
Кога разговорот стигна до темата корупција во судството, Димовска кажа дека не знае дали и колку од нејзините колеги се корумпирани.
Но, рече дека: „И еден судија да има е многу.“

