„Кабадахиите“ од Судски и нивното „право“

Коментар на Васко Маглешов

Хартијата никогаш не црвенее.

Оваа го напишал римскиот философ Марко Тулиус Кикерон, во eдна од збирките писма со јавни личности. Со неа, всушност, сакал да каже дека хартијата нема емоции и затоа им овозможува на оние што немаат храброст нешто да кажат лично, да се затскријат зад хартијата, која трпи сè.

А кај нас тоа е традиција. Многу често законот знае да тресне на земја како лубеница фрлена од десеткатница. Oвој лош „фолклор“ продолжи пред една недела со кабадахискиот упад во правото и со преземање на претседателското столче во Судскиот совет.

Седуммина членови на ова административно тело, на кои вчера им се придружи Тања Чачарова-Илиевска, поранешната советничка на премиерот Заев, „го избришаа подот“ со процедурата и одлучија да не се постапува според Законот, туку да се игра по нивните правила. Како во маалски куќен совет.

И додека јавноста очекуваше оставки и одговорност за оваа декаденција, која всушност, повеќе наликува на амбиент од роман на Кафка, членовите избраа нов претседател, како претходно ништо да не било.

Срамот е уште поголем ако се знае дека меѓу деветтемина што гласаа за нов претседател има тројца активни судии. Впрочем тие беа само декор што крева рака, затоа што дискусијата ја водеа истакнатите правници (во партиите) избрани во парламентот.

За да биде заврзламата „во полн сјај“, членовите  на Советот, тајно, небаре кардинали што избираат папа, три дена одржувале колегиуми на кои ги ускладувале „меѓучовечките односи“, односно се барало чаре како да се досрка правната „мусака“ што самите ја зготвија.

Новинарите во извештаите пишуваа дека слушале викање од прозорците, а за тоа време, правните авторитети бадијала ги трошеа телевизиските секунди да појаснат дека разрешувањето на претседателката е опасен преседан. Каков закон, каква процедура!

Впрочем, вистинските дискусии за избор на судии никогаш и не се случуваат на седниците на Советот, туку „кадровската трговија“ се случува на колегиуми, односно тогаш кога нема камери и новинари во салата. 

Тоа што ниту Законот, ниту Деловникот на Советот не познаваат ваква форма „колегиум“, е најмалиот проблем. Поголем проблем е што јавноста незаконски е исклучена, а за тоа не ја знае ни причината.

Само десет минути пред седницата е објавена информација дека таа воопшто ќе се одржи.

Ниту најпесимистичките сценарија на правниците не прогнозираа продолжение на ваквата лудорија, во која „каубојски“ и надвор од законот се гласаше за разрешување на претходничката Весна Дамева. За операцијата да отиде до крај, потоа тајно се гласаше по вторпат за повлекување на спорното разрешување, па уште еднаш се гласаше за да се разреши (по вторпат) Дамева, па се избираше претседател.

А причината за тајноста ја кажа новоизбраниот претседател, штипскиот судија Сашко Георгиев. Сево ова било поради заштита на угледот на судиите. Освен тоа, мислел дека „некои работи не треба да излегуваат во јавност“.

А членот од Законот на кој се повика Георгиев се однесува за дисциплински постапки за судии. Законот вели дека и да е затворена седницата, гласањето е јавно. Но, таа седница беше тајна за да се скрие срамот на „јакобинците“ во Советот, кои одлучија да ги прегазат и Законот и Деловникот, за да ги „допеглаат“ меѓучовечките односи.

И бидејќи сега изгледа односите немаат брчки, останува да видиме дали на првата следна седница ќе се расправа за содржината на писмото на американската амбасадорка, односно дали на дневен ред ќе дојдат двајцата апелациски судии што чуваа предмети во фиока.

Првата изјава на Георгиев му беше дека верува во Господ. Се разбира ако сме цинични ќе речеме дека на граѓаните особено важно им е колку новиот претседател на телото што избира, разрешува и унапредува судии е верник.

Она што од Георгиев како судија се очекуваше да го објасни е како од неправото може да произлезе право. Како е можно без законска основа, со преземање на микрофонот, без процедура и доволен број гласови да се разреши неговата претходничка.

Да сме правна држава, каква што само замислуваме, управниот инспекторат уште вчера ќе влезеше во Судски за да провери врз основа на кои одредби од Законот за Судскиот совет повлекуваат донесена одлука и двапати разрешуваат претседател. Тоа не се случи, како што е неизвесно дали Дамева ќе ја обжали одлуката пред Управниот суд.

Ниту Павлина Црвенковска, која говореше за судско-бизнис елити, ниту Дамева, која говореше за „некои луѓе од политиката“, немаа доблест отворено да ѝ кажат на јавноста кој пушта раце во Советот, кој, наместо судски, слободно може да се преименува во партиски Совет.

Од друга страна, од над 400 активни судии не се собраа ни 20 за да им поведат дисциплинска одговорност на членовите што направија пуч во Советот. Оставија за законот и процедурата да коментираат професори, правници и новинари. Оттаму и јавниот впечаток дека нивниот глас се слуша само тогаш кога се бара зголемување на платите.

А од Советот веќе е илузорно да се очекува избор според професионално портфолио. Од онаму каде што со години се тргува со влијанија, а за што две претседателки говореа во целофан, никој веќе не треба да очекува фер постапка.

Судиите не ја искористија можноста да им покажат на граѓаните, а и себе, што значи независна власт. Секоја одлука што Судскиот совет ќе ја донесе по овие настани ќе го носи товарот на овие случувања. Затруено дрво раѓа само отровни плодови.