Постои ли заедничка историја?

Пруско-француската војна од 1870/71 година сигурно е еден од најзначајните, ако не и најзначаен воен судир во 19 век. Франција тогаш доживува вистинска катастрофа, а во битката кај Седан, еден од најголемите порази на француската војска, дури и самиот крал Наполеон Трети e уапсен.

По оваа битка, пруската војска тримфално вмарширува во Париз, а Франција безусловно се предава.

Резултатите од војната се буквално спектакуларни. Наполеон Трети абдицира, со што се воспоставува Третата француска република. Прускиот канцелар Ото фон Бизмарк ја користи победата и сојузништвото со другите германски држави (освен Австрија, во тоа време веќе Австро-унгарија) да ја обедини Германија, помалку или повеќе онаква каква што ја знаеме и денес. Да биде понижувањето за Французите поголемо, германското обединување се објавува во дворецот Версај, каде што и прускиот крал Вилхелм Први се крунисува за германски цар.

Што значи тоа за Франција можеби најдобро ќе се илустрира со фактот дека во следните неколку децении, во француските театри не се прикажува ниту една претстава по германски текст. И воопшто, германските уметнички достигнувања се практично забранети. Од друга страна, капитулацијата на Франција и денес е германски национален празник.

Спектакуларен педагошки подвиг

Потсетувањето на оваа епизода од француско-германските односи, кои се обременети со буквално милиони жртви и тешки трауми и пред Пруско-француската војна, а богами и во текот на 20 век, тука служи само како илустрација за можеби најспектакуларниот педагошки потфат од почетокот на новиот милениум. Имено, од пред две децении, поточно од 2006 година, во средните училишта во Франција и во Германија влегоа во употреба заеднички учебници по (европска) историја (Histoire/Geschichte.

И овие учебници практично се политички проект. И нив ги правеше заедничка француско-германска комисија. И таа комисија заглавуваше по прашањата на различни гледања врз историските контексти, па и врз причините и последиците на одредени историски процеси (типичен пример на разидувањата на историските толкувања е токму споменатата Пруско-француска војна), но, сепак, ете, успеаја да се договорат.

Како? Одговорот на ова прашање, и тоа како би требало да нѐ интересира. Не само поради прокламираниот влез во ЕУ, туку поради релаксација во односите со соседните држави. Сведоци сме дека историските наративи се главниот камен на сопнување во македонско-бугарските односи, кои, патем речено, се далеку помалку оптоварени од француско-германските.

На крајот на краиштата, и проектот „Скопје 2014“, вклучувајќи ги тука „нус-производите“ како преименувањето на Меѓународниот аеродром во Скопје, главниот автопат и слични овдешни фрустрации, беа пречка и во релаксирањето на деценискиот спор со Грција. Слични нерешени прашања, иако во моментов не се толку изразени, имаме и со Србија (таканаречената Стара Србија и Балканските војни), а веројатни се и со Албанија („Ослободувањето на Скопје“ од страна на Албанците во 1912 година), а можеби и со Косово.

За да се разбере начинот на кој француско-германската комисија ги решавала проблемите, првин треба да ги споменеме и најспорните точки на нивните расправи. За нас може да звучи како куриозум дека најголемите несогласувања, всушност, се околу прашањата по завршувањето на Втората светска војна. На пример, улогата на САД во Студената војна.

Франција има критичен и воздржан пристап (влијанието на деголизмот и тежненијата за ослободување од американското влијание), додека Германија, оваа улога ја оценува во суперлативи (Маршаловиот план, воздушниот мост за Берлин и одбраната од СССР). Натаму, односот кон комунистичките режими. Франција дава акцент на општествените движења и идеологијата (во Франција постоеше силна и влијателна комунистичка партија), а Германија е изразено покритична (поделбата на Германија и искуството на ДДР).

Колонијалната историја. Франција става акцент врз националните трауми со губењето на Индокина и Алжирската криза, додека Германија го става фокусот на глобалниот европски колонијализам (Германија ги изгуби своите колонии уште во 1919 година).

Решението на овие (и други) проблематични точки е пронајдено во неколку иновантни методолошки постапки. Клучно е воведувањето на рубриката „Вкрстени погледи“ (Regards croisés). Станува збор за врамен текст во самата лекција, во кој се објаснува дека „француските и германските историчари тука се разликуваат поради следните причини…“. На тој начин им се покажува на учениците дека историјата не е догма, туку дека е подложна на различни интерпретации.

Натаму, внимателно се избира употребената терминологија. На пример, со месеци се расправало за употребата на термините „нација“ и „држава“, кои во Франција се доживуваат како резултат на граѓанскиот договор и републиканското уредување, а во Германија имаат различни културни и првенствено етнички конотации. Спорот е решен така што авторите избегнувале генерализации, а на маргините на страниците прецизно ги дефинирале термините, според речничката методологија.

Третата иновација ми е мене најинтересна. За некои теми едноставно е избегнат авторски текст. Наместо тоа, поместени се историски документи и извори. На пример, на едната страна се ставени текст и/или карикатура од француски весник од тоа време, и тоа без додатни коментари, додека на другата страна се ставени такви германски примери. Задачата на учениците е самите да анализираат зошто двете држави толку се разликуваат во нивните погледи кон ист настан.

Која е величината на овој потег, најдобро може да се види преку фактот дека Европската Унија нема заедничка образовна политика, односно правењето на таканаречените образовни курикулуми им е оставено на државите и на нивните образовни политики. Тоа во превод значи дека овие учебници требало истовремено да ги задоволи стандардите на Франција, каде што образовната политика е централизирана, но и на 16 германски сојузни покраини, каде што образованието е федерализирано.

Мултиперспективност и една вистина

Тоа се разбира не е единствениот случај каде што две спротивставени страни во минатото успеваат да најдат заеднички јазик во толкувањето на историските настани. И повторно станува збор за Германија, која со Полска од 2016 до 2020 година разви заеднички учебници по историја што се веќе влезени во употреба (Europa Nasza Historia). Тука е и Европското здружение на историчари (EuroClio), во кое членуваат историчари од 45 земји. Тие продуцираат мултинационални дополнителни материјали, фокусирани на заедничката историја (Shared History), без дополнителни раздвојувања и повлекување нови граници.

Треба да се спомене и проектот „The Europian Expirience.“ Станува збор за учебник за високо образование, создаден од конзорциум составен од осум европски универзитети. Станува збор за обемен прирачник што ја третира европската историја од 1500 до 2000 година, првенствено низ призмата на идентитетот, граѓанството и моќта.

И секако тука е и балканската, поточно источноевропската иницијатива „Joint History Project“, која опфаќа дури 13 држави, вклучувајќи ја и Македонија (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Кипар, Грција, Косово, Црна Гора, Романија, Северна Македонија, Словенија, Србија и Турција). Под закрилата на овој проект објавени се шест историски читанки што го опфаќаат периодот на пробивот на Отоманската империја на Балканот (14 век), па сѐ до почетокот на овој милениум (поточно до 2008 година).

Главната карактеристика на сите овие обиди е поставување на мултиперспективноста наместо „една вистина“ во гледањето на историските настани. Ваквиот пристап, меѓу другото, наместо да ги тренира учениците што да мислат за минатото, ги учи критички да ги анализираат историските настани и да сфатат зошто другите историски наративи се разликуваат од официјалниот наратив на нивната држава.

Се разбира дека сум свесен дека учебниците по историја многу повеќе служат за „билдање“ на националниот идентитет отколку за разбирање на историските процеси и дека е затоа прилично тешко, би рекол дури и невозможно, во вакви клерикални и конзервативно настроени општества, какво што е македонското, да се пробијат идеи за согледување и разбирање на другите, поинаквите, гледања на историските контексти.

Но, секако, добро е да се знае дека може и поинаку.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија