Протоколарните и декларативните заложби за справување со родово заснованото насилство на македонските функционери и институции не се ништо повеќе од купување време. Чекаат да заборавиме. Многумина мислат дека партиите ги штитат конкретните насилници. Јас мислам дека заштитата на поединецот, дури и кога тој има извесна моќ, има политичка цена што партиите ретко се подготвени да ја платат.
Нивниот подлабок интерес е да ги зачуваат односите на моќ од кои и самите црпат моќ, односно да го штитат својот поредок, својот идеолошки и материјален дом.
Кога натопорени и костумирани го осудуваат насилството, тоа го прават низ увежбано сценарио, кое додека го осудува насилството, истовремено го зачувува односот што го репродуцира ова насилство. Оваа политичка манипулација е можна затоа што поредокот нè убедил дека семејното насилство е, или приватна работа на семејството, или проблем на поединечни мажи што отстапуваат од нормата. Со тоа успешно го скрил односот на нечија, во случајов машка контрола и нечија, во случајов женска посветеност, на чија комплементарност почива целокупниот поредок.
Кога натопорени и костумирани го осудуваат насилството, тоа го прават низ увежбано сценарио, кое додека го осудува насилството, истовремено го зачувува односот што го репродуцира ова насилство
Посветеноста на оние што го одржуваат односот ја обновува моќта на оние што ги одредуваат неговите услови. Ова се односите на моќ што ги живееме секој ден, на работа, дома, во институција, на лекар, некои од нас ја имаат моќта да ги дефинираат условите, а ние се инвестираме да опстоиме во нив. Трикот лежи во тоа што контролата ни ја претставиле како грижа за нас самите, а приспособувањето како љубов и посветеност.
Затоа и воопшто не сум изненадена од касапењето на нешто што требаше да биде сеопфатно сексуално образование, а сега е здравствено образование од кое се извадени концептите на род и родова еднаквост. Институтот за родови студии, во своите обраќања до Минисреството за образование и наука го зедоа токму фемицидот како тест за тоа што (не) може да се објасни со речникот на ревидираната програма, од која е избришан поимот „род.“
Па така, терминот „партнерско насилство со смртен исход“ ни кажува само во каков однос се случило насилството и како завршило, но поимот „фемицид“ ни овозможува да го поврземе исходот со она што му претходело и да прашаме зошто овие случаи се повторуваат толку често и насекаде во светот. Ни помага да разбереме од каде доаѓа уверувањето дека мажот има право да ја контролира партнерката и зошто опасноста може да се зголеми токму кога таа ќе реши да си замине.
Родот ни овозможува да ги поставиме овие прашања заедно, како прашања за истиот однос на моќ. Кога поимот ќе исчезне од програмата, системот слободно може да продолжи да се репродуцира затоа што учениците и понатаму ќе можат да го осудат насилството, но нема да можат да го препознаат образецот што треба да се спречи.
Во овој манир, претседателката Гордана Сиљановска сподели со јавноста идеја на ѕидовите од нејзината народна канцеларија да се постават фотографии од насилниците. За претседателката, предмет на јавниот поглед треба да биде поединечниот сторител, конкретниот насилник, но не и системот што го создал и му дал одврзани раце.
За разлика од претседателката, девојките од протестот поставија платно на кое е испишано „женски надзор“ кон владата. Оваа феминситичка иницијатива ги предлага токму институциите и нивните одлуки како предмет на јавниот поглед. Иницијативата не почива на јавен срам, таа е политички зрела иницијатива, чиј предлог е заснован на холистички и колективен одговор, бара отчетност и одговорност и цели кон општествена и политичка промена на односите на моќ.
Tерминот „партнерско насилство со смртен исход“ ни кажува само во каков однос се случило насилството и како завршило, но поимот „фемицид“ ни овозможува да го поврземе исходот со она што му претходело
Приватизацијата на случаите на семејно насилство, преку медиумскиот јазик на „љубовни драми“ наместо фемициди, „обљуба“ наместо силување и форсирање на фигурата на „монструм или лудак“, која почива на идејата на нарушената личност на конкретниот насилник, ја има истата функција конкретните случаи да ги одвои од образецот.
Така, додека ние се занимаваме со Пера, Мика и Жика, од видик ни се губи како образованието, здравството, правосудството и културата ги обликуваат и одржуваат родовите улоги и односите на моќ во кои насилството се повторува. Со други зборови, токму одлуката за бришење на концептот на родова еднаквост е стратегија за задушување на нашата способност да препознаеме дека она што го доживуваме како личен проблем е обликувано од услови што ги делиме со други.
Она што нашите функционери и политичари го именуваат низ јавните настапи се фигури на жени, кои го оправдуваат поредокот како грижлив и правичен, а не вистински жени. Нека не ве чудат здодевните настани и приеми во рамки на годишната кампња „16 дена активизам против родово засновано насилство“ на кои истите ликови по безброј пати ќе повторуваат мантри за жените-жртви и жените-лидерки. Поредокот ги препознава жените само во овие две улоги, или како успешни или како ранливи.
Жртвата му овозможува на поредокот да се претстави како заштитнички. Па, така се засилуваат институционалните барања за изложување фотографии, електронски алки за следење на насилниците, зголемен надзор, построги казни. Државата веќе ја практикува својата моќ преку следење, надзор и казнување, а заштитата на жените сега ѝ овозможува да ја прошири таа моќ и да ја претстави како грижа.
Лидерката му овозможува на поредокот да се претстави како правичен. Додека јавноста добива сè поосновани сомнежи дека насилниците се коруптивно заштитени во овој систем, додека министерката Весна Јаневска систематски го брише концептот на родова еднаквост од образованието, Комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите закажува свечена седница на тема „Женско лидерство.“
Па, така ќе слушнеме две-три успешни жени, кои ќе нè убедуваат дека сè постигнале сами со свои раце.
Ако навистина ве интересира политичкото значење на феминистичките барања, тогаш баталете ги институциите, пратеничките и претседателката. Тие јадни вазали на поредокот немаат ништо ново да кажат. Тие купуваат време, чекаат да заборавиме. Ако навистина ве интересира, свртете се кон феминистичките иницијативи што се одважија деновиве, како иницијативата „Ниту една повеќе.“
Кога поимот ќе исчезне од програмата, системот слободно може да продолжи да се репродуцира затоа што учениците и понатаму ќе можат да го осудат насилството, но нема да можат да го препознаат образецот што треба да се спречи
На блокадата што се одржа пред неколку дена, меѓу другите говореше и еден маж. Неговиот говор беше токму повик за прекин на праксата на приватизирање на проблемот и одговорноста и поттик за колективен општествен одговор и одговорност. Да ја преземеме таа борба како заедничка, значи и да успееме да ја поврземе експлоатацијата на жените со други експлоатации, како експлоатацијата на природата, на работникот, на послабите.
Истиот поредок смета дека женската грижа му следува, дека од работниците секогаш може да извлече уште малку труд и дека од природата секогаш може да земе уште малку. Единствено кога делот ќе го видиме во релација со целото, кога насилството врз жените ќе го поврземе со другите нееднаквости, ќе можеме да го согледаме системот во сета негова комплексност и ужасност. Тој процес е невозможен со алатките што ни ги нуди системот.
Како што не можете да победите корупција со корумпирани алатки, така не можете да очекувате системот што произведува доминација и субординација да го реши проблемот на насилствто врз жени што почива на идејата на доминација и субординација.
Ниту партиите, ниту компаниите, ниту институциите ни се поддршка и партнери. Дури и опозицискиот СДСМ се обиде да го узурпира протестот, истрчувајќи пред девојките од Охрид и најавувајќи свој протест. Сите овие имаат ист центар, исти интереси, ист порив да забошотат. Да не се лажеме, ова е само наш проблем и само наша борба.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија








