Во својот инаугурациски говор, новиот претседател на српското собрание, Александар Чупиќ истакна, барем според мене, една мошне интересна теза, не само за политичкиот живот во Србија или во регионот, туку, би рекол, и на едно пошироко глобално ниво. Меѓу (ако не се лажам) петте точки, чие исполнување е неопходно за постигнување квалитетен собраниски дијалог, тој го истакна – враќањето на чувството на срам во јавниот простор.
Да, срамот е навистина чудна човечка особина. Тоа не е природна, ниту вродена емоција, туку е стекната преку културата, традицијата, воспитанието и воопшто преку развојот на човечката личност.
Срамот е онаа карактеристика што го одвојува човекот од другиот животински свет (животните не црвенеат кога ќе направат некоја „недолична“ работа) и му овозможува да дејствува како зоон политикон, во класичното значење на оваа фраза. Срамот го инхибира поединецот и го принудува да ги следи пишаните и непишаните правила на една заедница.
На тој начин, заедницата и може да опстане и воопшто да функционира, било како политичка или како општествена, во пошироката смисла на зборот.
Во таа смисла, срамот стои високо на скалата на моралните вредности. Тој води сметка за чувствата на другиот и/или другите и, на крајот на краиштата, на тој начин од човекот создава социјално и политичко битие, му го развива чувството за правичност и на тој начин го солидаризира општеството.
Од друга страна, срамот може да биде и е сериозна алатка во системот на општествената манипулација (на пример, срамот на жртвите на сексуално или семејно насилство да зборуваат за тоа, срамот од присуство на ментални болести во семејството или срам од инвалидитет). На тој начин се стереотипизираат, маргинализираат и се замолчуваат цели, најчесто, но не нужно, малцински општествени групи.
Кога општествените или очекуваните норми се поставени превисоко за поединецот, срамот од корективна особина се претвора во чувство на помала вредност, па предизвикува анксиозност, прекин на социјалните односи и практично општествена (само)изолација. Во таа смисла постојат цели психолошки школи и правци што работат теориски и практично врз сузбивање на срамот.
На крајот, големиот страв од срамот предизвикува губење на идентитетот на поединецот, негово полтронско однесување кон замислениот општествен авторитет и претерана желба за (само)допадливост во очите на другите. На тој начин, единката од активен чинител се претвора во обичен поданик на владејачките норми.
Бркање на срамот од јавниот простор
Што е тоа тогаш што го тера новиот спикер на српскиот парламент да го враќа срамот како политичка доблест? Факт е дека срамот како своевидна општествена парадигма и незаменлив дел од цивилизираното живеење функционира од античките времиња.
И Платон и Аристотел пишувале за срамот како неопходна парадигма за зачувување на политичката заедница. Меѓутоа, факт е и дека во општествениот живот, срамот се повлекува во „дефанзива“, во времето на европското просветителство. Тоа е време кога поединецот се става во примарна позиција во однос на колективитетот.
Поточно, човековите права го преземаат приматот од колективните права. Во теориските расправи и трактати сѐ повеќе се појавува прашањето на индивидуалната слобода, односно на општественото уредување што ќе го обезбеди максималниот дострел на човековата слобода, без да биде загрозено нејзиното функционирање. Тогаш се појавуваат и никулците, барем во теоретска смисла, на комунизмот и анархизмот. И, секако, на денес доминантниот либерализам.
Како некој вид фуснота, тука ќе обрнеме внимание на единствениот пример на српското студентско движење и неговото освојување на власта. Со малку повеќе слобода во изразот, според мене, тоа е своевиден постмодерен анархизам.
Според Прудон, таткото на анархизмот, неговите главни одлики се: антилидерството, односно не постои ничие мислење што е повредно од другото мислење (или како што тоа го дефинира хрватскиот филозоф Жарко Пуховски: „Моето мислење е највредно, со тоа што и сите други мислења се највредни“); натаму воспоставување кооперација (соработка) наместо координација, затоа што при координација мора да постои некој човек што (ко)ординира, а во кооперацијата сите (ко)оперираат.
Со други зборови, анархијата не е систем на безредие, туку е укинување на хиерархијата. Велам дека студентското движење е постмодерен анархизам затоа што, покрај воведувањето на пленумите и зборовите како израз на хоризонталната, односно непосредната демократија (како типична анархистичка одлика), тој ги прифаќа и институциите на либералната, односно посредничката демократија – изборниот систем, парламентот, владата, институциите на судската власт итн.
Во последните, ајде да кажеме, два века, либерализмот, кој успеа да издоминира во економскиот и во политичкиот живот, не само во западните држави, туку безмалку во целиот свет, речиси сосема ја истисна културата на срамот од јавниот простор. Наместо неа, исфорсирани се чувството на вина и грижата на совеста. Срамот е, имено, работа на културата (во различни култури, луѓето се срамат од различни дејствија и срамот различно се манифестира), додека вината и совеста се сметаат за универзални вредности.
Консеквентно на тоа, денешните општества се испразнети од некогаш неприкосновените вредности од типот на чест и честитост, углед, знаење и труд. Наместо нив, јавниот простор го зафаќаат парите, моќта и медиумската популарност, а за нивно остварување нема никакви скрупули. Грчко-францускиот социолог Корнелиус Касторијадис ќе констатира дека без супстанцијалната содржина што на јавниот простор му ја даваа образованието, храброста, одговорноста и срамот, тој станува отворен простор за рекламирање (ботови, инфлуенсери…), забава, мистификација (теории на заговор) и порнографија.
Македонскиот дел од срамот
Уште во 18 век, ирскиот филозоф Џорџ Баркли има кажано „Esse est pircippi“ (Да се биде значи да се биде забележан). Оваа филозофска синтагма денес добива сосема ново значење – да се биде забележен со целосно и доброволно разголување на сопствената приватност (ријалити содржини) или преку скандали од секаков вид. Без чувство на срам, се разбира. Либералниот поединец денес се смета за слободен и „автономен“ само во однос на општественото уредување, додека вредносните судови и критичкото мислење на другите (всушност, методи од кои потекнува срамот), стануваат сосема небитни.
Македонија, не само што не е исклучок од општиот тренд на сузбивање на срамот, туку, дури би рекол, дека предничи во некои елементи. Одамна веќе ништо не значат фразите и народните поговорки од типот: „Што ќе кажат другите“, „Како не ти е срам“ или „Нема ни срам ни перде“… Колку ли само пати сте ги изговориле во однос на јавните манифестации на некоја јавна личност или јавен настан однапред знаејќи дека срамот тука одамна го изгубил своето значење.
Значи, не мислам тука само на социјалните мрежи каде што најочигледно се гледа тоа обезвреднување на јавниот дијалог и јавниот говор и каде што под маската на „слобода на говорот“ се провлекуваат најразлични простаклуци, навреди, клевети, па и жесток говор на омраза. Се разбира дека ваквиот вокабулар не изненадува никого, затоа што отсуството на срам е веќе нормализирана и општествено прифатена појава.
А таа „нормализација“ на бесрамноста доаѓа токму од општествениот рол-модел: од политичките елити, наводниот парламентарен дијалог каде што достоинството на јавниот настап е одамна заборавено, на сите оние закони што се протнаа под фирмата „лекс специјалис“, на сите договори што подразбираат трошење јавни пари, а се склопени во „четири очи“, на селективната правда, на сеопштата несанкционирана корупција, на сомнителното богатење на моќниците, конечно на сите трагедии што ни се случија поради небрежност и особено поради немање срам.
Кога политичките, економските, културните, правосудните и другите факторизирани елити го изгубиле чувството за срам, тоа значи дека се изгубил оној основен општествен поврзувачки лепак. Јас тврдам дека ако срамот се „протераше“ од општествените и моралните норми, немаше да имаме ни олку насилство, ниту толку фемициди и толку модели и модалитети од типот на „знаеш ли кој сум јас.“
Јас сум поборник на индивидуалните слободи, но тоа не го исклучува чувството на срам. Особено не кај народните избраници, функционерите и припадниците на сите други елити. Затоа на крајот само ќе кажам: срам да ви е ако не го вратите срамот во јавниот простор.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија










