Може ли историјата да го оправда насилството?

Колумна на Петар Тодоров

Начинот на кој ја толкуваме историјата, настаните и личностите што ги избираме за херои од минатото, кои ги славиме и величиме и кои треба да претставуваат посакувана или очекувана норма на општествено однесување и морални вредности, зборува многу повеќе за нашите современи општествено-политички погледи и проблеми отколку за самото минато.

Во контекст на политичкото, етничкото и родово засновано насилство што го преживуваме во изминатите години, особено во последните недели, со неколкуте случаи на мизогин говор и насилство врз жените, не може да се тврди дека оние што ги навредуваат, омаловажуваат, поттикнуваат и вршат насилство врз жените или, пак, извршуваат фемицид се директно мотивирани од начинот на кој ја толкуваме историјата и хероите од минатото, кои во текот на својот живот и револуционерната активност применувале методи на заплашување на населението, терор и насилство.

Меѓутоа, начинот на кој ги избираме хероите што применувале насилство и што служат како модел за тоа каков треба да биде Македонецот и каков треба да биде неговиот политички и морален кодекс, покажува каков однос имаат политичките актери што креираат политики (образовни, културни и други), верските заедници, влијателните здруженија на граѓани и интелектуалците кон политичкото, етничкото и родово засновано насилство.

Можеби овој однос, на кој сме сведоци, е една од причините зошто политичките и општествените фактори со години не пристапиле кон решавање на овој сериозен општествен проблем.

Затоа, за подобро да се разбере едно општество, вредностите што тоа ги гради и одржува, неговите морални и етички принципи, како и начинот на кој се соочува со проблемите, важно е да се погледне како тоа општество се однесува кон минатото.

Историјата на насилството сторено од поединци или групи, поттикнати од политички или од лични мотиви, е составен дел од историјата на националните и револуционерни движења. Притоа, насилството, особено индивидуалното, сторено поради политички, етнички или национални, расни или лични мотиви се игнорира или се релативизира и на тој начин се нормализира. Од друга страна, насилството сторено врз сопствениот народ од страна на непријателот се користи за конструирање на сопствениот историски наратив, во кој сопствениот народ се претставува како жртва на историјата и политиките на соседите.

Проектот „Скопје 2014“, кој беше претставуван и оправдуван како важен за историјата и идентитетот, предизвика многу контроверзии, поделби и сомневања за корупција.

Меѓу многуте историски личности на кои им беше подигнат споменик беше и Андон Јанев Ќосето, кој во својата револуционерна кариера убил стотина луѓе, означени од него и од историското ВМРО како политички противници или предавници на нацијата. Толкуван од историчарите како симбол на спроведување на правдата на ВМРО и инструментализиран за политички цели, споменикот пред судската палата предизвика сериозни реакции за изборот, мотивите и начинот на неговото славење.

Иако од историските сведоштва, вклучително и од неговите спомени, се познати неговите постапки на прогон и суровост кон „непријателите“, меѓу кои можеле да бидат и недолжни цивили, таквото однесување не се смета за неспоиво со конструирањето на неговата личност како херој заслужен за националната историја и борба.

Сличен пристап кон конструирањето херојска личност со морален интегритет може да се забележи и во случајот на Васил Чакаларов (1873-1913). Роден во селото Смрдеш (денес Кристалопиги) во близина на Костур, тој е познат во историјата како регионален водач (војвода) на ВМРО за костурскиот регион, каде што дејствувал во периодот пред и за време на Илинденското востание.

Неговите современици, пријатели и соборци, како и новинари и писатели од Франција и од Велика Британија (Хенри Ноел Брејлсфорд) го опишале како способен војсководач, но суров кон неговите жртви.

Социјалниот профил на Чакаларов и неговата револуционерна активност опишана како сурова, се совпаѓаат со профилот што Робер Мишамбле (Robert Muchembled) го поврзува со причините за меѓучовечкото насилство: млад, неженет маж во своите дваесетти години, без стабилни економски перспективи и со историја на машка агресија заедно со импулсивно и агресивно однесување.

На возраст од дваесет години, пред да се приклучи на ВМРО, тој бил уапсен поради сексуален напад што го извршил заедно со двајца свои пријатели врз грчка учителка.

Неговиот соборец Христо Силјанов, првиот историограф на ВМРО, го објаснил нападот со употреба на романтизирани и националистички термини, претставувајќи го како „љубовно-патриотска авантура“ што Чакаларов наводно ја имал со учителката, која, пак, ги „дразнела и предизвикувала“ младите момчиња.

На крајот, Силјанов заклучува дека со нападот Чакаларов и неговите двајца другари ја задоволиле својата „ергенска суета“ и „националната гордост.“

Неговиот однос кон жените најдобро се огледа во дневникот што тој самиот како комита го водел од јули 1901 до август 1903 година. Додека вонбрачните односи на мажите ги дефинирал како „безобразлук“, жените што се спротивставувале на неговиот авторитет и ги прекршувале неговите морални верувања, ги дефинирал како „неморални“, а особено како „развратни.“

Поради неговите морални убедувања, овие жени станувале негови жртви.

Тие биле заплашувани, физички мачени или убивани. Тоа го покажува и убиството на три жени (именувани од него, Трпчевица, Лена и Митревица), кои тој ги прогласил за „предавнички“ и „развратни жени.“ Особено Лена, поради нејзините љубовни односи со Касим-ага и Неџиб, за него била „развратна до крајност.“

Неговото постапување со жените не било само одраз на времето и длабоко патријархалните морални сфаќања и верувања, според кои женската сексуалност и приватните односи биле предмет на морално преиспитување, туку било поврзано и со неговата машка агресивност и импулсивно однесување.

Жртви на неговата импулсивност и агресивнот биле и мажите, без оглед на нивната идентитетска припадност.

Негови соборци, комити на ВМРО, забележале дека Чакаларов покажувал невидена суровост при убивањето, каква што дури ни комитите од неговата чета претходно не биле виделе. Методите на терор, заплашувањето и дисциплинирањето на луѓето, убиствата на поединци и масакрите врз недолжното муслиманско население не биле само дел од неговата револуционерна дејност, туку биле поврзани и со неговата лична амбиција да стане војвода на ВМРО.

Таа позиција му овозможувала да се здобие со моќ, да воспостави личен авторитет и да стекне општествен углед и признание меѓу локалното население. Стремежот кон остварување на овие цели се чини дека претставувал важен аспект на неговото определување и себепретставување како револуционер и херој, кој, како што самиот запишал, се жртвувал за слободата на луѓето за кои се борел во Костурско, а тие не ја препознавале таа негова жртва.

Иако неговите соборци и пријатели ја препознале и посведочиле неговата суровост и амбициозност, а некои негови противници, пак, го обвинувале и за мегаломанија и за злоупотреба на авторитетот и позицијата во ВМРО за лично богатење, тоа не ги спречило токму тие негови пријатели и соборци да ја создаваат и популаризираат претставата за него како херој и морална личност.

Во социјалистичка Македонија, оваа херојска слика што се создавала во Бугарија, далеку од Костур, била преземена од македонската историографија, но претставена низ призмата на македонската национална историја и идентитет.

Сепак, до крајот на минатиот век, во македонската историографија тој бил маргинална историска личност, претставен како регионален водач на историското ВМРО. Претставата и сеќавањето за него како херој што се борел против Османлиската империја и грчките национални стремежи во Костур и во Егејска Македонија биле конструирани преку инструментализирање на фолклорот (народната песна – Песна за Васил Чакаларов) и литературата (романот Зоја од Паскал Гилевски).

По осамостојувањето на Македонија, неговото историско наследство и политичка употреба на неговата личност добиле поголема важност, што се совпаѓа со интензивирање на спорот со Грција околу името на државата.

Во тој контекст, неговата историска улога сѐ повеќе се поврзува со борбата против грчките национални стремежи во Егејска Македонија. На комеморативните настани поврзани со неговата смрт, тој е претставен како пример за Македонец. Како и на почетокот на 20 век, така и денес, бројните историски сведоштва што сведочат за суровоста и насилството врз недолжни луѓе, се изоставени, релативизирани или, пак, се оправдуваат како неопходни мерки за градење на авторитетот и моќта на ВМРО.

Исто така, неговата револуционерна активност и смртта претставуваат важен елемент на историскиот наратив и сеќавањето, како симбол преку кој се врши етничка специјализација, односно етничко мапирање на територијата, во овој случај на Костур и Егејска или Грчка Македонија.

Коегзистирањето на претставата за херој со сведоштвата за суровоста кон цивилите и односот кон жените, односно за политичкото, етничкото и родово заснованото насилство во националната историја и историско сеќавање отвора многу прашања за нашиот однос кон морално проблематичните аспекти од минатото.

Преку селективен пристап, тие можат да бидат признаени, релативизирани или прилагодени, без притоа да се нарушат чистотата на националната кауза и легитимноста на Чакаларов како национален херој. Овој пример покажува дека кај нас, насилството во историјата е нормализирано, дури може да се смета и за легитимно доколку се врши во име на нацијата и државата.

Затоа е важно да се претстави целосната историја за тоа кој бил Чакаларов и да се прашаме како и зошто ја учиме историјата и како и зошто се сеќаваме на историските личности избирани да бидат херои за да ги славиме и какви пораки и вредносен систем сакаме да градиме.

Авторот е историчар, научен советник на Институтот за национална историја

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија