Вести

Над пола милион евра за поправки на барокниот МНТ

Прва темелна реконструкција на тетарот што прокиснува

Тринаесет години откако беше пуштен во употреба и по многу проблеми со прокиснувањето, старо-новиот барокен Македонски народен тетар (МНТ) почнува со темелна санација.

Тендерот од над 560 илјади евра го доби фирмата „Мартин инженеринг.“ За тие пари, фирмата, во рок од три месеци, треба да ги санира двете тераси на јужната и на западната страна на објектот, да го санира ентериерот, да ги репарира столчињата и да го замени теписонот.

Според тендерската документација, станува збор за темелен зафат, кој практично ќе ги „соголи“ терасите, ќе се  отстрануваат сите површински слоеви за да се дојде до бетонската плоча. Во спецификацијата пишува дека ќе се демонтираат, кршат и ќе се отстрануваат пристапните скали поставени на фасадниот дел од терасата, а ќе се поставува и нова хидроизолација.

За да се задржи постојниот изглед, ќе се поставуваат столпчиња и декоративни елементи за излупената ограда со слоеви од стиропор. Во документацијата пишува дека т.н. „балустради“, односно елементи за оградата, треба да се изработени од лесен материјал и да бидат заштитени со полиакрилна и боја што не пропушта вода.

Постојниот спуштен гипсен плафон, на една од позициите во театарот ќе се демонтира и ќе се реконструрира повторно. И молерисувањето на ѕидовите треба да го задржи постојниот изглед, односно да биде со „боја, ефект свилен цветен ефект со светлосен отсјај – боја и нијанса иста како постојната или еквивалент.“

Изведбата треба да биде според цртежите, техничките спецификации, препораките на производителот, но одобрување треба да даде и надзорниот орган на МНТ.

Освен овие поголеми интервенции, ќе се вади стариот теписон и ќе се става нов, а ќе се репарираат и 700 столчиња поради тоа што се амортизирани.

Изведувачот треба две години да гарантира за изведбата.

Директорот на МНТ, Никола Кимовски, за БИРН, потврди дека со градежните работи почнуваат деновиве и дека очекува со новата театарска сезона работите да завршат и да се искористи летниот период за градежните интервенции во кој театарот не работи.

Според Кимовски, станува збор за темелно решавање на проблемите што ги има објектот, како во надворешниот дел, така и ентериерно.

ИСТРАЖУВАЊЕ
Новиот МНТ: Пациент без терапија

БИРН, уште во 2020 година пишуваше дека МНТ, кој чинеше речиси 40 милиони евра, се соочува со сериозни проблеми со прокиснувањето.

Во фоајето, со години, стоеше огромна црна кофа, во која се собира вода, на плафонот имаше огромна дупка со изваден лустер, излупени ѕидови од влага и кабли што висат. Имало обиди да се санираат проблемите, но тие најчесто биле половични.

Театарот, кој беше дел од проектот „Скопје 2014“, го градеа повеќе фирми, но најмногу договори за градење добија штипски „Бетон“, „Страбаг АГ“, „Ламоне Мореда“ и „Конструктор.“