Вести

Извршниот директор на БИРН Црна Гора доби забрана за влез во Србија

Забраната како можна контра мерка на Србија

На Вук Мараш, извршен директор на БИРН Црна Гора, денеска му беше забранет влезот во Србија на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград.

Мараш изјави дека во писменото решение е наведено дека му се одбива влез како „заштитна мерка за отстранување, односно безбедносна мерка за протерување на странец“.

Според него, одлуката најверојатно претставува контра мерка поради тоа што црногорските власти претходно му забранија влез во земјата на сопственикот и главен и одговорен уредник на српската провладина телевизија „Информер“, Драган Ј. Вучиќевиќ.

„Верувам дека ова е продолжение на белградските ‘реципрочни мерки’ кон луѓе од медиумската заедница во Црна Гора и дека ја ‘заслужив’ оваа забрана поради критиките што јавно ги упатував во црногорските медиуми за состојбата со слободата на медиумите во Србија. Секако, сто отсто стојам зад нив “, изјави Мараш.

„Одлуката на режимот во Србија да се одмаздува кон оние што ја вршат својата работа објективно, професионално и непристрасно нанесува уште поголема штета, бидејќи е очигледно дека постои голема паника кога станува збор за секој што размислува слободно“, додаде тој.

БИРН остро ја осуди одлуката на српските власти да не му дозволат влез во Србија на Мараш.

„Одлуката на српските власти да го спречат Вук Мараш да влезе во земјата е неприфатлива и претставува удар врз слободата на медиумите“, соопшти БИРН.

Мараш објасни дека патувал за Рим, но решил накратко да влезе во Србија за да го посети центарот на Белград, бидејќи имал подолга пауза меѓу двата лета. Тој рече дека односот на граничната полиција на аеродромот бил „љубезен и професионален“.

Подоцна во текот на денот треба да биде депортиран во Црна Гора. Тој најави дека ќе ја обжали одлуката пред суд.

Минатата недела и на црногорскиот новинар Петар Комнениќ, автор на емисијата „Начисто“ на ТВ Вијести, му беше забранет влез во Србија.

А на 26 јуни, пак, главниот уредник на „Информер“, Црна Гора му забрани влез на Драган Ј. Вучиќевиќ, откако на својата телевизија ги нарече црногорските државни институции „антисрпски“ и ги спореди со хрватските фашисти од периодот на Втората светска војна, обвинувајќи ги дека директно го загрозуваат животот на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Истиот ден, Вучиќ најави, како што рече, реципрочни мерки против лица „кои воделе хибридна војна против Србија“.

Откако на Комнениќ му беше забранет влез во Србија, црногорскиот премиер Милојко Спајиќ изјави дека новинарските пристапи на Комнениќ и Вучиќевиќ не можат да се споредуваат.

Според Спајиќ, Вучиќевиќ „континуирано ги навредува Црна Гора, нејзините граѓани и државните функционери во своите јавни настапи и преку содржините што ги објавува“.