Истражувањa

Новиот МНТ: Пациент без терапија

Прокиснувањето на МНТ ставено под тепих, одговорност – нема

  • 74
  •  
  • 7
  •  
  •  
  •  

Мораше да падне стиропорот од фасадата на зградата на МЕПСО за да се вклучи алармот кај скопското обвинителство, кое по допрен глас истражува дали има основа за кривична одговорност за изведбата или за квалитетот на материјалот.

Но, многу пред ова да се случи, во новоизградениот театар од спротивната страна на МЕПСО, кој исто како и фасадата е дел од проектот „Скопје 2014“, со години влегува вода. Освен вработените и публиката тоа никој не го гледа.

Проблемот во МНТ е стар колку и самиот објект, ама по речиси седум години сѐ уште никој не се нафатил системски да го реши, туку повремено го санира со интервенции од типот „бетонирање прозорци и кофа во фоаје“.

Нашето истражување покажа дека, иако имало крпење на штетата од водата што се собира во 37-милионскиот објект, фирмите-изведувачи си играле пинг-понг со одговорноста за системските дефекти. Надлежните ниту тогаш, ниту сега не покажале подготвеност да го лоцираат и да го решат проблемот прогласувајќи се ненадлежни.

Министерството за култура ја префрла топката во МНТ, од МНТ, пак, ќе бараат финансиска помош од Министерството. За одговорноста на оние што нарачувале, граделе и вршеле надзор никој не зборува.

Никој од соговорниците со кои разговаравме не можеше директно да впери прст во изворот на проблемот – локацијата, материјалот, некоординација на фирмите што го граделе објектот што се менувале во текот на градбата или нешто друго.

Оттаму сосема е извесно дека во перспектива санацијата на објектот стар не повеќе од седум години ќе ја зголеми сумата јавни пари потрошена за негова изградба, но исто така речиси е сигурно дека на крајот никој воопшто нема да понесе одговорност.

Вродена градежна мана

„Мини-сценографија“ со кофа и картонски кутии во фоајето на театарот | Фото: БИРН

Огромна црна кофа, дупка на плафонот со изваден лустер, излупен ѕид од влага, кабли што висат и вода што капе. Оваа сценографија не е од социјална ТВ сторија, ниту театарска постановка, туку проблем што зјае од фоајето на МНТ и редовно ја пречекува публиката во објектoт на кејот на Вардар.

Зад црвената завеса во фоајето, небаре театар во театарот, најмногу се гледа дека има пропуст при градбата на објектот. Проблемот, како што тврдат вработените, e во горната тераса од каде што се собира вода, која се цеди и капе во кофата.

Овој дефект не е нов. Постои од кога е отворен театарот во 2013 година, па бидејќи со години не е решен, театарџиите направиле мала сценографија со реквизити за да го ограничат просторот заради безбедноста на публиката.

Но, далеку пред помпезното отворање, стручњаците предупредуваа дека Вардар и дождовите ќе му бидат натрапници на тогашниот новоотворен театар. До нарачателот и до изведувачите овие предупредувања, сепак, не стигнаа, како што не стигнаа ниту до фирмите што вршеа надзор.

БИРН, во рамките на истражувањето Скопје 2014 под лупа, откри дека за изградба на овој објект, пред сѐ Министерството за култура, но и она за финансии, склучиле договори со десетици компании и изведувачи.

Меѓу нив, најскапи се договорите за градење склучени со штипски „Бетон“, „Страбаг АГ“, „Ламоне Мореда“ и „Конструктор“.

Па, сепак, речиси седум години од свеченото отворање, никој сѐ уште не утврдил каде е проблемот и зошто централниот театар во земјава практично е полупоплавен, а вработените се молат да не заврне некој посилен дожд.

Бетонирани прозорци за да не влегува вода

Зјаат кабли во фоајето | Фото: БИРН

За најавата дека ќе има проблеми со објектот сведочи и тоа што не помина ниту половина година од отворањето, а претставата „Вечната куќа“ беше прекината бидејќи по обилните дождови во мај 2014 година, во зградата влезе вода. Овој градежен дефект бил решен со тоа што прозорците биле бетонирани за да се спречи идното навлегување вода.

Сега во тие простории нема светло, но ваков проблем оттогаш не се појавил. Но, затоа објектот уште еднаш се поплави во 2017 година, кога прокисна и на сцената, па беа ставени кофи.

„Фоајето се распаѓа. Тоа е нерешен проблем од отворањето на МНТ, а состојбата се влошува“, вака Гунтер Кубе, техничкиот раководител на објектот за БИРН го опиша најгорливиот проблем со кој се соочува театарот.

Сепак, не се само терасите. Пред пуштањето на театарот се појавила вода во сценската јама, каде што се наоѓа механиката за сцената. „Австриска фирма вбризга специјална маса околу сценската јама. Дојдоа странци и го решија проблемот“, се присети Кубе.

Директорката на МНТ, Симона Угриновска, пак, тврди дека пропустот во градежната изведба не е само естетски, туку и безбедносен проблем и дека како што одминува времето, се продлабочува.

 „Имаме обврска кон публиката сѐ да биде безбедно“, вели таа, коментирајќи ја опасноста од близината на електричната инсталација и водата.

Прокиснувањето ставено под тепих – одговорност нема

Откачениот стиропор е потпрен на оградата во дворот на МНТ | Фото: БИРН

Во 2014 година, по поплавите во Скопје, итно биле склучени три тендери со фирмите „Страбаг“, „Светлост театар“ и „МГИ Инвест“, во вкупна вредност од 228 илјади евра, бидејќи имало потреба за итна санација на штета на сценско-технолошките системи, машинската опрема, инсталацијата и ентериерот. Но, парите не биле исплатени од буџетот, туку од осигурителна компанија, потврдија за БИРН од Министерството за култура. Други пари за вакви поправки на театарот не дале.

МНТ во минатото неколкупати се обраќал за санација и директно до фирмите-изведувачи, како и до помали фирми. Некои од нив, во неколку наврати интервенирале. Но, гарантните рокови за набавувачите и за изведувачите, кои биле меѓу 3 и 5 години, веќе истекле, а проблемот останал, објаснија од театарот.

Роберт Алаѓозовски, националниот координатор за култура, за БИРН раскажа дека менувањето изведувачи најверојатно било една од причините за овој проблем. „Кога другиот продолжувал, каде што претходниот застанувал, се правеле пропусти“, смета Алаѓозовски.

Истиот аргумент веројатно важи и за прашањето дали некој вршел надзор над тоа што и како се гради. Според документите во базата „Скопје 2014“ биле склучени седум договори за надзор за специфични аспекти од градбата, на пример, само за статика, и тоа до 2011 година или надзор за изработка на водовод со траење од два месеца.

Власта најавуваше одговорност за штетите, но тоа не се случи | Tвит на Роберт Алаѓозовски

Сите седум договори за надзор се склучени во постапка со преговарање, без претходно објавување оглас, со образложение дека тоа е поради технички и уметнички причини, за што добиле и позитивно мислење од Советот. 

Во едно од образложенијата за договорите се наведува дека станува збор за објект, кој првпат се работи, не само во Македонија и во регионот и дека е комбинација на повеќе активности, кои меѓу себе мора да се ускладат, вкомпонираат и да се вградат во сложени дејствија, па затоа е неопходно „поголемо учество на проектантите во работата на изведбата“.

Проверката на завршните сметки покажа дека објектот на МНТ, кој по габарит е единствен таков во регионот, за шест години за поправки и тековно држување потрошил 125 илјади евра, колку што речиси заедно потрошиле Драмскиот театар и Театар Комедија.  

Познавачите со кои контактиравме велат дека треба да се направи увид и детално да се испита коренот на проблемот. Сметаат дека она што на МНТ му треба е процес на „дефектажа“, односно системска постапка на утврдување на изворот на проблемот. За поведување постапка пред суд, пак, сугерираат дека треба да се изготви вештачење и да се соберат докази.

За колку точно со системските поправки дополнително би „поскапел“ објектот, кој не е стар ни седум години, засега нема прецизна пресметка. Она што е јасно е дека потребата за санација е ургентна, а за тоа повторно на помош ќе биде државната каса, бидејќи ваков трошок за национална установа, која зависи од Министерството за култура, е луксуз.

„Правиме проценка колку ќе чини тоа“, вели Кубе за големиот дефект на МНТ и додава дека и другата тераса го има истиот проблем со изведбата, но тој, за среќа, сѐ уште не се манифестира.

Објектот е стар нецели седум години | Фото: БИРН

Oна што е јасно е дека проблемот со прокиснувањето бил ставен под тепих и постепено се продлабочувал. Техничкиот директор на МНТ, изјави дека за ова не пријавиле во обвинителството за евентуално понесување кривична одговорност и дека нема сознанија оти за тоа имаат основа.

Од друга страна, многупати испраќале дописи до Министерството за култура. „Упатени се повеќе дописи (информации, барања) во различни формати до Министерството за култура. Некои од нив се и лично мои (последниот во август 2017)“, вели Кубе.

„По добивањето на употребната дозвола објектот е предаден на НУ Македонски народен театар, која установа се грижи за одржувасњето и употребата на објектот“, велат од  Министерството за култура за БИРН

Обвинителството за БИРН потврди дека СЈО отворило предистражна постапка, но не за МНТ, туку генерално за проектот „Скопје 2014“. Но, извори што работеа на овој случај во СЈО потврдија дека фокусот на предистрагата, која е пред самиот крај, се големите споменици, а не објектите, меѓу кои е и МНТ.

Членот на комисијата за ревизија на проектот „Скопје 2014“, Мартин Пановски е дециден дека пропаднала идејата за ваква проверка, бидејќи не добиле поддршка.

„Имав идеја да се прави ревизија на градбите за да се утврди дали нешто треба да се урне или да се остави. Значи откако ќе ги поминевме другите проверки, како правните и процедуралните, да се извршеше и таква проверка. Имавме капацитет, бевме тројца архитекти во петчлената комисија, но немавме поддршка. Проверки на зградите може да се направат, постои и соодветна апаратура за тоа и стручни лица“, раскажа Пановски.

Ѕирка стиропор од излупените огради

Се распаѓа оградата пред милионскиот театар | Фото: БИРН

Но, и да не ги знаете сите овие „внатрешни“ проблеми со кои се соочува МНТ, само една дневна прошетка околу театарот е доволна за да се види излупена ограда од која наѕира стиропор, што говори за квалитетот на материјалот што бил употребен.

Неколку вакви поголеми блокови се потпрени едно врз друго во близина на објектот. Oвие поправки може да почекаат бидејќи се претежно од естетски карактер, но и за нив би биле потребни пари.

Вонредната состојба поради коронавирусот ги одложи претставите во МНТ. Приоритетите на државата се насочени кон справување со последиците од вирусот, кој, меѓу другото, ја остави културата и дупката во МНТ на чекање за подобри времиња.

Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската Влада.