Се сеќавате ли на „милениумскиот баг“? На преминот меѓу милениумите, односно од 1999 на 2000 година, целото човештво стравуваше дека точно на полноќ ќе прекинат со работа комплетни компјутерски системи. Банките ќе прекинат со активностите, авионите нема да можат да полетаат, ќе снема струја и вода… ќе застане животот онаков каков што го познаваме. И – ништо не се случи. Продолживме да живееме по старите рутини.
Иако и тогаш многумина се потсмеваа на настанатата паника, сепак стравувањата никако не беа без основа. Проблемот беше во компјутерското пресметување на времето. Имено, компјутерските системи ги препознаваа годините по последните две цифри, додека првите две беа фиксирани. Тоа значи дека кога на датумот на компјутерот ќе се заврти она „00“, тој нема да ја препознае 2000, туку 1900 година.
Што значи тоа, можеби најдобро може да се види преку примерот на „Хонда“ и нејзиното заглавување во „милениумскиот баг“ некои две децении подоцна. На 1 јануари 2022 година, на автомобилите на „Хонда“, произведени меѓу 2002 и 2004 година беше забележена системска грешка на системот за навигација и во мерењето на времето.
Бројачот на Глобалниот позиционен систем (GPS) е наштелуван на 1.024 недели, така што тој не можел да ја препознае 2022 година и секогаш се враќал две децении наназад односно на 1 јануари 2002 година. Исто и часовниците и календарите во автомобилот. За среќа, ова се минорни последици од безрезервното потпирање на електрониката, кои беа релативно бргу надминати, во август таа истата 2022 година.
Последиците од оригиналниот „милениумски баг“ би биле многу понепредвидливи, ако некои посериозни држави и институции не го сфатеа проблемот сериозно. Во таа смисла, за таа намена беа потрошени извесен број долари, мерливи во милијарди, и проблемот беше – решен! Барем тогаш. Но, остана доминантен оној потсмев за склоноста на човештвото кон кревање паника и прогнозирање на „крајот на светот.“
Глобално одмрзнување
Ова потсмевање, ете, доаѓа на наплата четврт век подоцна, односно во 2026 година. Ако ги фатиме хронолошки големите компјутерски (с)ломови, ќе почнеме со хакерскиот напад на маркетите во низа западни земји, каде што хакерите ја презедоа контролата врз нивните разладни системи.
Прво, во ноќта меѓу 11 и 12 октомври, хакерите ги нападнаа фрижидерите во француските дуќани, го вклучија одмрзнувањето, а некаде ја кренаа температурата од минус 27 на плус 50 степени. На некои места беа предизвикани и пожари, а храната што беше таму чувана, се разбира, заврши во ѓубре.
Потоа, во ноќта меѓу 1 и 2 ноември, истиот или сличен напад беше изведен и во маркетите во Шведска, Белгија, Луксембург, Ирска и во Естонија.
Основното прашање што се поставува е: кој ѓавол дуќанските фрижидери бараат на интернет? Одговорот е прилично едноставен. Така е поевтино. Поевтино е од едно место да се управува со температурата, потрошувачката на струја, па и со дефектите во фрижидерите во стотина продавници од еден трговски синџир. Во огромен број случаи, сервисерот може да го реши дефектот „од далечина“, односно да не оди до продавницата, што значи дека компанијата може да направи големи заштеди на работна сила и на логистичките трошоци, при што уште и ќе ја зголеми ефикасноста.
Проблемот се појавува тогаш кога, освен трговската корпорација, и некој друг ќе го сфати принципот на „управување од далечина.“ Британските интернет-стручњаци открија дека повеќе од 800 контролори од овој тип (за разладни уреди и слично) имаат страници што се достапни на јавниот интернет.
Се разбира, тоа не значи дека секој може да ги преземе овие страници, туку дека секој може да се обиде. Особено во времето на вештачката интелигенција, која прилично успешно ги открива софтверските слабости.
Крајната консеквенца од овој случај е дека ништо од ова немаше да се случи, ако не беа фрижидерите на интернет. На компаниите е да го проценат финансискиот ризик: дали повеќе им се исплаќа да фрлаат храна во контејнери и да им паѓа угледот или да ги зголемат трошоците, враќајќи го стопанисувањето во прединтернетско време. За етичките дилеми околу фрлањето огромни количества храна нема да елаборирам. Компаниите тоа и така не ги интересира.
Единствена грешка
Но, не се само хакерите проблем. Напротив. Пред некој ден, повеќето сервиси на најголемиот глобален софтверски провајдер „Мајкрософт“ беа во дефект. Меѓу нив и „аутлук“ (електронска пошта) и „копилот“ (вештачка интелигенција). Дури 72 држави во светот пријавија проблеми во функционирањето на нивните влади и администрации поради овие дефекти. Но, не само тие, туку банкарски и други стопански системи.
Речиси истовремено, значи во петокот, на 13 ноември, Американската федерална управа за воздухопловство наложи забрана на полетување од сите американски аеродроми. Во овој повеќечасовен прекин беа откажани речиси 7.000 полетувања. На некои авиони од меѓународните рути им беше дозволено слетување, а други беа пренасочувани во соседните држави. Детектираниот проблем е лоциран во грешка во комуникацискиот систем во радарската мрежа и контролата на летање.
Само ден потоа, во саботата вечер, на Меѓународниот аеродром во Мајами се судрија два авиона. Едниот на полетување, другиот на слетување. Сударот се случил на аеродромската писта. За среќа, само двајца се полесно повредени. Истрагата за инцидентот е во тек, но многумина од медиумските аналитичари го поврзуваат инцидентот токму со претходниот прекин на авиосообраќајот и обидот тој да се врати во нормала.
За волја на вистината, и најоптимистичките проценки велат дека тоа враќање во нормала ќе потрае барем пет-шест дена.
Овие два случаи, значи оној на „Мајкрософт“ и овој со американскиот авиосообраќај, не се производ на надворешни, односно хакерски напади. Тие се резултат на она што се нарекува „единствена точка на пропустот“ (single point of failure). Всушност, станува збор за прилично добра илустрација на парадоксот на технолошкиот напредок. Колку што повеќе се развива технологијата и колку што повеќе се зголемува нејзината ефикасност, толку повеќе се зголемува опасноста од слом на системот.
Ефикасноста подразбира своевидна дигитална синергија, што значи дека повеќе електронски платформи или апликации се складирани во еден „облак“ или во една поширока платформа како во случајот со платформата „Мајкрософт 365“, едно лошо ажурирање или „апгрејдување“ на кој било дел од оваа конгломерација, по принципот на поврзани садови, предизвикува слом на целиот систем.
Напредок или уназадување
Целата оваа приказна за „пропаста на дигиталниот свет“ нѐ носи до стариот, добар Жан Жак Русо. Ако смеам да го парафразирам Русо, како некое „слепо црево“ или барем „споредна патека“ од доминантноста на неговата просветителска ера, во своите филозофски расправи проповеда дека технолошкиот (и научниот) напредок, всушност, го уназадуваат човекот.
Тој 18 век е прилично далеку од каква било дигитализација, компјутери, апликации и мобилни телефони, но, сепак, не е на одмет да се потсетиме на некои негови ставови што можат лесно да се преведат и во денешно време.
Во својот трактат „Расправа за науките и уметностите“ (1750 г.), тој констатира дека науката и технологијата не го унапредуваат човекот, туку, напротив, ги прават луѓето површни, зависни од материјални добра, и физички и интелектуално мрзеливи. Натаму, развојот на технологијата само го продлабочува јазот меѓу богатите и сиромашните, со што малцинството е привилегирано и поставено во „господарска“ улога врз доминантното мнозинство.
Она што нам би ни било интересно е дека уште тогаш Русо констатира дека технолошкиот развој директно влијае врз одземањето на слободата на поединецот. Колку што се луѓето позависни од машините, алатите и новите откритија, толку се помалку слободни, вели тој. И, исто така, прилично актуелно, Русо констатира дека технолошкиот напредок создава вештачки потреби што луѓето ги држат во синџирите на општествените очекувања.
Но, Русо не е „лудист“, не повикува на уништување на машините и запирање на напредокот. Не. Тој само пропагира некој вид рамнотежа меѓу човечката природа и новите пронајдоци, при што емпатијата и добрината би требало да бидат приоритетни.
Тешко може да се поверува дека, и покрај погоренаведените примери, човештвото ќе се откаже или барем ќе ја забави оваа трка во изградба на квантни компјутери, супериорни вештачки интелигенции, грандиозни дата-центри и слични чуда на новото време. Без да води посериозна сметка за некаква посериозна заштита. Уште помалку дека ќе го препрочитува Русо. И размислува за неговите тези.
За крај еден бениген експеримент. Пробајте на вашата навигација да ја пронајдете улицата Бранко Црвенковски во Скопје. Таа улица не постои, освен на Глобалниот позиционен систем (GPS), односно на апликацијата „Гугл мапс.“ И тоа веќе десетина години. Толку околу безбедноста и доверливоста на технолошките чуда на кои им ги „делегиравме“ нашите животи.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија










