Однадвор, бумот на центрите за податоци во Полска речиси не се забележува. Расфрлани низ перифериите на големите градови, зад заштитни огради и со малку или без никакви ознаки, овие магацински објекти без прозорци ретко привлекуваат внимание.
Но, во нив се наоѓаат сервери кои обработуваат сè – од електронско банкарство и „клауд“ услуги, до големите јазични модели што денес секојдневно ги користат милиони луѓе.
Бројот на ваквите објекти брзо расте. На брегот на Балтичкото Море, во близина на селото Лублево, се планира кампус со капацитет од 3,2 гигавати, доволно голем за да се вброи меѓу најголемите проекти за центри за податоци во светот.
Полска денес учествува со повеќе од една третина од вкупниот капацитет на центри за податоци во Централна и Источна Европа, а се очекува тој да се зголеми тројно до крајот на деценијата.
За владините претставници и за технолошката индустрија, овој бум претставува ретка можност.
„Полска стана најголемото градилиште за енергетски проекти во Европа, со инвестиции во вредност од околу еден трилион злоти (235 милијарди евра) кои моментално се реализираат“, изјави за БИРН Кристијан Пиплач, експерт во Полската асоцијација на центри за податоци (ПЛДЦА).
Но, додека земјата се обидува да стане дигитална сила, основните прашања за еколошките ефекти од инфраструктурата што ја поддржува вештачката интелигенција остануваат без одговор.
Тесен прозорец за инвестиции

Варшава има предности за инвестиции пред други градови во Европа | Фото: Pexels, Брет Сејлс
Предноста на Варшава е едноставна. Франкфурт, Лондон, Амстердам, Париз и Даблин – во индустријата познати под кратенката ФЛАП-Д, според Пиплач, се соочуваат со сериозни ограничувања: недостиг од соодветно земјиште, строги еколошки услови и преоптоварени електроенергетски мрежи.
Полска, пак, нуди нешто што станува сè поретко: достапно земјиште, пониски трошоци за работна сила, една од најголемите ИКТ работни сили во Европа и релативно студена клима, што ги намалува трошоците за ладење.
Според Пиплач, се отвори тесен прозорец од пет до седум години за инвестиции, бидејќи Европската Унија има цел да го зголеми својот компјутерски капацитет трипати за да одговори на растечката побарувачка за вештачка интелигенција и „клауд“ услуги.
„Треба да ја искористиме оваа можност, за барем дел од овие огромни инвестиции да завршат во Полска“, вели тој.
Вештачката интелигенција не ја менува само побарувачката за енергија, туку и самата инфраструктура. За разлика од класичните „клауд“ центри, каде што еден серверски рек обично троши од 8 до 12 киловати електрична енергија, ВИ-оптоварувањата бараат меѓу 40 и 125 киловати, а кај најновите системи потрошувачката надминува и 240 киловати. Поради тоа, операторите се принудени да воведуваат нови технологии, како што е директното течно ладење, и да градат кампуси со капацитет од стотици мегавати.
„Ширењето на вештачката интелигенција не е само уште една фаза на дигитализацијата. Таа суштински го преобликува пазарот“, објаснува Пиплач.
Полската влада е исто така амбициозна. Стратегијата за дигитализација до 2035 година предвидува околу 5 проценти од БДП да се инвестираат во дигитализација – износ еднаков на сегашниот буџет на земјата за одбрана, како и воведување на вештачка интелигенција во 80 проценти од јавната администрација и создавање на 16.000 ВИ-училници во училиштата. Вицепремиерот Кшиштоф Гавковски неодамна ја нарече вештачката интелигенција „најреволуционерната технологија во историјата на човештвото“.
Побарувачката не доаѓа само од државните институции. Истражување спроведено во 2026 година покажа дека речиси половина од вработените Полјаци редовно користат генеративна вештачка интелигенција на работното место, во споредба со 27,3 проценти една година претходно, додека речиси 86 проценти барем еднаш ја испробале. Како што ВИ сè повеќе станува дел од секојдневниот живот, 16 проценти од испитаниците велат дека ја користат за емоционална поддршка, а 8,1 процент дури ја сметаат за пријател или романтичен партнер.
Мерење на енергетското влијание

Енергијата е клучната суровина за секторот на центри за податоци | Фото: Pexels, Панумас Никомхај
Вештачката интелигенција можеби изгледа нематеријална, но инфраструктурата што стои зад неа воопшто не е таква, изјави за БИРН Ана Мерес од „Гринпис“.
„Зад секоја ВИ-апликација стојат серверски сали, системи за ладење, електроенергетски мрежи, потрошувачка на вода и производство на чипови. Вештачката интелигенција зависи од физички ресурси што сите ги делиме“, додава таа.
Според Институтот за вода, животна средина и здравје при Универзитетот на Обединетите нации, центрите за податоци во светот во 2025 година потрошиле 448 терават-часови електрична енергија. Доколку тие центри претставуваа држава, ќе се најдеа на 11-тото место во светот според потрошувачката на електрична енергија.
„Енергијата е клучната суровина за секторот на центри за податоци“, вели Пиплач.
И полските проекции покажуваат дека ова прашање наскоро ќе стане невозможно да се игнорира. Според државниот оператор на електропреносниот систем ПСЕ, побарувачката за електрична енергија од центрите за податоци ќе порасне од само 0,6 терават-часови во 2024 година на 29,4 терават-часови до 2040 година, што ќе значи дека секоја десетта единица електрична енергија потрошена во Полска во таа година ќе оди за овие центри.
„Клучното прашање е што ќе ја задоволи таа побарувачка. Дали центрите за податоци ќе го забрзаат инвестирањето во обновливи извори на енергија, системи за складирање и електроенергетски мрежи, или ќе станат уште еден аргумент за продолжување на согорувањето фосилни горива“, вели Мерес.
Иако електричната енергија доминира во дебатата за цената на вештачката интелигенција, многу помалку внимание се посветува на водата. Европската Унија воспоставува сопствен систем за известување за потрошувачката на вода и енергија во центрите за податоци, во рамките на планот до 2035 година тројно да го зголеми нивниот вкупен капацитет. Но, во Полска никој не може со сигурност да каже колку вода моментално троши овој сектор.
Државната институција надлежна за управување со водите, „Полски води“, не ги евидентира центрите за податоци како посебна категорија корисници на вода. Исто така, Полска не објавува збирни податоци што би го покажале вкупниот еколошки отпечаток на овој сектор.
Пиплач смета дека стравувањата околу потрошувачката на вода најчесто се засноваат на искуството од САД, кое не може едноставно да се преслика во Европа. Благодарение на постудената клима и широката употреба на системи за суво ладење, според проценките на ПЛДЦА, секторот учествува со само околу 0,01 процент од вкупната потрошувачка на вода во Европската Унија.
Но, Агата Шафрањук, која ја предводи полската канцеларија на организацијата за еколошко право „Клиент Земја“, вели дека постојните правила не се прилагодени на начинот на кој навистина функционираат центрите за податоци.
Класичните влијанија врз животната средина од нив, како бучавата и емисиите во воздухот, најчесто се релативно мали, изјави таа за БИРН. Она што е многу потешко да се измери е нивниот индиректен отпечаток: дополнителниот притисок врз локалните електроенергетски мрежи и водоснабдувањето, како и фактот што тие индиректно ја зголемуваат работата на други постројки кои ги создаваат токму тие класични загадувања.
„Прашањето е дали проценките на влијанието врз животната средина за центрите за податоци навистина го земаат предвид сето тоа“, вели таа.
Недостигот од податоци е одраз на поширок регулаторен јаз. Според важечките правила за просторно планирање, центрите за податоци главно се третираат како обични индустриски или деловни објекти, иако нивните потреби за електрична енергија и вода значително се разликуваат од оние на обичните фабрики или магацини.
Овој регулаторен јаз доаѓа во особено непријатен момент. За време на големата хидролошка суша во 2025 година, реката Висла, најголемата река во Полска, забележа најниски водостои откако се вршат мерења. Кај мерната станица Варшава-Булвари, нивото на водата во септември падна на само пет сантиметри, при што на површина излегоа историски артефакти што со векови биле скриени под водата.
И оваа година, Полскиот метеоролошки институт, ИМГВ, предупреди дека хидролошката суша повторно се засилува, а предупредувањата сега опфаќаат приближно половина од територијата на земјата.
„Со оглед на тоа што сушите и недостигот од вода претставуваат реален ризик, треба да бидеме фокусирани на зајакнување на отпорноста на земјата кон недостиг на вода. Тоа значи дека проектите со голема потрошувачка на вода мора да се планираат имајќи ги предвид и потребите на другите корисници“, вели Шафрањук.
„Не сакаме центрите за податоци да се натпреваруваат со земјоделците или со локалното население за водните ресурси, бидејќи нивните потреби треба да имаат предност“, додава таа.
Некритички ентузијазам за технологијата

Нема дебата дали изградбата на нови центри за податоци е оправдана | Фото: Pexels, Брет Сејлс
Додека во земји како Ирска, Франција и Холандија веќе се водат јавни расправи околу потрошувачката на електрична енергија и вода од центрите за податоци, во Полска сè уште е тивко на оваа тема.
Јоана Мазур, која се занимава со истражување на регулацијата на технологијата на Универзитетот во Варшава и е авторка на роман за климатска катастрофа, смета дека постојат неколку причини за овој молк.
Според неа, во Полска јавната дебата најчесто се разгорува дури кога некој проблем „ќе ни дојде на прагот“. Влијанието на центрите за податоци врз секојдневниот живот на граѓаните, вели таа за БИРН, сè уште е премало и премногу расцепкано за да го привлече вниманието на јавноста.
Под ова, додава Мазур, се крие уште подлабок проблем.
„Полска, всушност, воопшто нема суштинска јавна дебата за животната средина или за климатската катастрофа“, вели таа.
На пример, додава, сушата би требало да биде на насловните страници и главна тема за секој политичар. Наместо тоа, јавноста обрнува внимание само кога ќе се случат спектакуларни катастрофи, а не кога самите податоци покажуваат дека реките пресушуваат.
Дополнително, според Мазур, во Полска постои некритички ентузијазам кон новите технологии, а вештачката интелигенција не е исклучок. Како последица на тоа, станува навистина тешко да се отвори прашањето дали изградбата на нови центри за податоци е секогаш оправдана.
Мазур смета дека дебатата премногу се фокусирала на проширувањето на вештачката интелигенција, наместо на прашањето каде таа е навистина потребна. Според неа, креаторите на политиките треба многу повеќе да се насочат кон суштинската примена на технологијата и да си постават едно основно прашање: на кои конкретни потреби на Полска треба да им служи оваа инфраструктура?
„Полска има тешкотии да обезбеди доволно средства за науката, високото образование и здравството, а сепак планира да троши исто толку за дигитализација колку што троши за одбрана. Воведувањето на вештачката интелигенција насекаде, само затоа што е достапна, може и треба да биде предмет на преиспитување“, вели таа.
Насловна фотографија: Pexels, Панумас Никомхај

