Големото спремање

За почеток нешто од рубриката „интересни факти.“ Американскиот претседател Доналд Трамп не успеа да го смени режимот во Иран, ама затоа Иран го смени режимот на Трамп. Колку и да изгледа циничен овој коментар на неодамнешното таканаречено „сино цунами“ („блунами“, што би рекле Американците), сепак, американско-иранскиот воен судир и тоа како имаше влијание врз големата победа на Демократската партија на американските таканаречени мидтерм избори (избори среде мандат).

Сепак, победата на демократите не е неочекувана. На крајот на краиштата, речиси сите американски претседатели, во последните стотина години ги губат овие избори на половината од нивниот втор мандат. Она што е неочекувано е фијаското на Републиканската партија, која го изгуби мнозинството во двата дома на Конгресот.

И тоа убедливо, губејќи и во државите што важат за традиционални републикански, односно конзервативни бастиони.

Криза на достапноста

Според бројните аналитичари, пресудно влијание врз изборниот резултат имаше таканаречената „криза на достапност.“ Во превод, тоа значи зголемување на трошоците на животот, предизвикано од високата цена на бензините (првенствено на дизелот), која, пак, е директна последица на американско-иранската војна. Да се потсетиме, Трамп ја почна војната без ничие одобрување, вклучувајќи го тука и Конгресот, а, како што гледаме денес, дури и со противење на неговите најблиски соработници (потпретседателот Џеј ди Венс и државниот секретар Марко Рубио).

Како нус-производ на овие фактори се појавува и инфлацијата од 3,7 проценти. Ако некому му се чини дека станува збор за релативно ниска инфлаторна стапка, треба да се знае дека САД практично немаат инфлација уште од претседателствувањето на Роналд Реган, односно од раните 80-ти години на минатиот век, па сѐ до некаде по корона-кризата. Големото мнозинство од денешните гласачи воопшто не го препознаваат тој термин, така што и овој процент за нив е предупредувачки висок.

Практично, станува збор за личен пораз на американскиот претседател, првенствено затоа што овие избори (слично како и во Србија) добија референдумски карактер

Во овој контекст не смее да се заборави и високиот степен видлива корупција. Се проценува дека само семејството Трамп во овие две години го зголемило своето богатство за повеќе од две милијарди долари. Тука е, се разбира, и одиумот создаден околу таканаречените технолошки олигарси, кои преку својата привилегирана положба и берзанските мешетарења безмилосно го натрупуваат своето доларско портфолио.

Наспроти нив се наоѓа огромното осиромашено мнозинство на таканаречените просечни Американци, кое гледа како незапирливо се зголемува социјалниот јаз меѓу една ексклузивно мала група луѓе на сметка на мнозинството граѓани.

Се разбира, тука се и непредвидливите постапки на претседателот Трамп, кој успеа својата популарност да ја срози на најниските гранки откога оваа категорија се мери за актуелните претседатели. Практично, станува збор за личен пораз на американскиот претседател, првенствено затоа што овие избори (слично како и во Србија) добија референдумски карактер (и тоа токму благодарејќи му на самиот Трамп и неговото учество во кампањата) со едно единствено прашање: „Дали сте за Трамп или против него?“.

Во таа смисла, не е далеку од вистината дека Доналд Трамп не се снајде во предизборната кампања. Практично, не ни ги спомна темите и прашањата што гласачите сакаа да ги слушнат. Наспроти круцијалните егзистенцијални теми, фокусот повторно беше ставен на „злобните“ мигранти, на расната и верската нетрпеливост и на сонот за „Голема Америка.“

Овојпат, поголемиот број гласачи не беа заинтересирани за овие „идентитетски“ теми, туку токму за „достапноста“, односно за растот на животните трошоци, а тоа демократите и тоа како знаеја да го искомуницираат.

И резултатот беше таков каков што беше. Или како што тоа убаво го дефинира хрватскиот новинар и дипломат Мирко Галиќ: „Трамп, како палаво дете, си играше со политиката и сега тоа дете си доби старател.“ Да, но тоа не значи дека детето нема да продолжи со своите палавости. Само што сега ќе има поголема контрола врз неговото однесување.

Во секој случај, ќе биде интересна динамиката на односите во американската власт, во следните две години. Републиканците, на некој начин, ќе мора да се консолидираат, што може да значи и дистанцирање од крајната десница, односно движењето „МАГА“, а веројатно и од најблискиот круг Трампови соработници и да пронајдат некој нов лидер за следните избори.

Но, консолидација ги чека и демократите, кои треба да се определат меѓу своето лево крило, таканаречените „демократски социјалисти“ (според европската политичка номенклатура, тие се суштински само попристојни социјалдемократи) и центристите. Големото спремање може да почне.

Изборни револуции

Она што мене лично ме интересира е дали поразот на популизмот во САД може да се окарактеризира како тренд? И каков тренд би бил тоа?

Уште пред американските избори, на претседателските избори во најмногубројната држава во Латинска Америка и една од најбројните во светот, Бразил, левичарот Лула да Силва извојува епска победа врз „Трамповиот човек“, Флавио Болсонаро. И тоа со пресврт, што би рекле спортските коментатори. Водството на десничарот Болсонаро од првиот изборен круг беше надоместено со поголемата излезност во вториот, што е своевиден преседан во изборната пракса.

Вообичаено е, имено, во вториот круг да опадне, а не да се зголеми интересот за искористување на избирачкото право. Излезноста во вториот круг е дури над 80 проценти, што се толкува како сериозна политичка волја, синот на поранешниот претседател Жаир Болсонаро да не стапне на претседателската функција.

Државата, едноставно, ги заборави своите основни функции, а тоа се токму намалувањето (а не зголемувањето) на социјалните разлики, егзистенцијална сигурност, здравствената заштита, образованието…

Очите на светот беа свртени и кон израелските парламентарни избори. Вчера (недела, 8 ноември), израелскиот претседател Исаак Херцог му го довери мандатот за составување нова влада на досегашниот лидер на опозицијата, Гади Ајзенкот, со што, барем засега, заврши ерата на најдолговечниот израелски премиер (безмалку цели две децении) и осомничен воен злосторник Бенјамин Нетанјаху.

Освен рекордната излезност (77,7 проценти), овие избори ќе останат запомнети и по рекордната застапеност на арапските партии. Тие добија 19 пратеници, што е речиси двојно во однос на досегашниот состав (десет пратеници), и на тој начин стануваат релевантен фактор во формирањето на идната власт.

И покрај фактот што партијата Ликуд на десничарот Нетанјаху, со коалициските партнери, има релативно мнозинство во Кнесетот (53 пратенички места), арапските партии решија да го поддржат опозицискиот блок на Ајзенкот. Кнесетот има 120 места, а 48-те пратеници на опозицијата со оние 19 на арапските партии ќе имаат мнозинство од 67 пратеници.

Останува нејасно дали Ајзенкот ќе се обиде да формира малцинска влада или, сепак, ќе се реши да стави во извршната власт и некој од арапските претставници за да ја избегне политичката криза. Во секој случај, и израелската политичка сцена ја очекуваат тектонски промени и, како што се вели, некои нови ветришта.

Некако под радарот на јавноста поминаа локалните и регионалните избори во Словачка, иако мислам дека тие се многу важни за Европа и за нејзините натамошни политики. Таму владејачката партија на популистот Роберт Фицо ја задржа власта во два од осумте региони. Во четири ќе владее опозицијата, а во другите два, независните кандидати. Фицо и по третпат не успеа да го освои главниот град Братислава, каде што се одвиваа градоначалнички избори, иако фокусот на предизборната кампања во најголемиот дел беше свртен токму кон оваа позиција.

Без оглед што, формално гледано, досегашната поделба на власта не е драстично сменета, словачките медиуми ги толкуваат овие резултати како фијаско на Фицо и неговите луѓе и како сериозен показател за расположението на гласачкото тело пред парламентарните избори што треба да се одржат најдоцна до септември следната година. Ваквата квалификација се должи првенствено на драстично помалиот број добиени гласови во однос на претходните изборни циклуси.

Во некои региони, партијата на Фицо го зазела третото, па дури и четвртото место. Згора на тоа, овие резултати доведоа и до превирања во парламентарното мнозинство, па сега Фицо контролира 75 пратеници од вкупно 150, колку што брои словачкиот парламент. Со други зборови, практично нема мнозинство.

Инаку, Роберт Фицо важеше (и важи) за најголемиот сојузник на доскорешниот унгарски премиер Виктор Орбан, како и за човек на Владимир Путин во редовите на ЕУ. Фицо е и единствениот европски лидер што се појави во српското предизборие да му даде поддршка на Александар Вучиќ.

Неодржлива држава

Токму српските и унгарските избори го заокружуваат овој тренд на „крајот“ на популизмот и враќање во „нормалата.“ Но, не само тие. Иако навидум немаат врска со изборниот контекст, тука мора да се споменат и големите протести што се сѐ уште актуелни во повеќе европски земји. Заедничкото на овие изборни „револуции“ и масовните протести е што и двете се поттикнати од животните услови, корупцијата, високите цени и – незадоволството од актуелниот политички систем.

А тој политички систем, всушност, е диктатурата на „дивиот“ капитализам. Тоа е она уредување што завладеа со поголемиот дел од светот во периодот по крајот на Студената војна, кога конкурентските идеологии беа сосема маргинализирани, па дури ставени и надвор од законот. Овој систем произведе ситуација во која буквално ексклузивно мала група луѓе поседува 90 проценти од вкупното богатство, а остатокот – кој како (не) се снајде.

Оваа состојба, секако, е неодржлива на подолг рок. Практично, станува збор за предреволуционерно време. Се разбира, не мислам тука на насилните револуции од 19 и од 20 век, туку токму на револуциите, кои, ете, ни се случуваат и преку изборниот систем.

Државата, едноставно, ги заборави своите основни функции, а тоа се токму намалувањето (а не зголемувањето) на социјалните разлики, егзистенцијална сигурност, здравствената заштита, образованието, домувањето, правото на работа… Самиот термин „држава“ доаѓа од „држење“, „одржливост“…, а државите во оваа форма не се веќе одржливи. И затоа е ова големо спремање. Чистење и прередување.

И каде сме ние сега во светот што се менува? Каде сме со идентитетските приказни, „знамето не го даваме“, „никогаш Северна“ и со најниската минимална плата во регионот и пошироко? Во чиј периметар? Каде?

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија