Цигари, алкохол и студентски оброк

Сакам да му верувам на Бојан Стојаноски, носител на чесната пратеничка функција од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кога вели дека во Македонија може да се купи сѐ и сешто за 140 денари. И уште како пример наведува дека за тие пари може да се купи цигара (?) и запалка.

Ако под поимот „цигара“ подразбира кутија цигари, тогаш, еве, како страстен полувековен консумент на никотинските производи (буквално без ниту еден ден прекин во пушачкиот стаж), ја користам пораката лично и јавно да го замолам да ме упати кај кој тоа оператор (новото име за дуќани и фирми) да се обратам за да се стекнам со цигари и запалка по прокламираната цена.

Ако, пак, пратеникот мисли на продажба на цигари на парче, повторно е во сила истата молба: кој оператор продава цигари на парчиња? Ако, можеби, под терминот „цигара“ мисли на некакви опијати или други забранети супстанции, тогаш мора да признам дека не сум упатен во ценовните движења на пазарот на наркотици.

Но, ете, ако, сепак, мисли на некаква дрога, тогаш повторно ќе го замолам да ми ја препорача. И јас сакам да живеам во тој негов паралелен универзум каде што сѐ и сешто може да се купи за помалку од две и пол евра.

За волја на вистината, не сум запознаен ниту со цените и менито во собраниското бифе, а, од друга страна, верувам дека пратеникот релативно често ја посетувал оваа институција (сигурно повеќе од мене, кој не влегол никогаш таму) и дека секако знае како тие посети се одразувале врз неговиот личен буџет.

Од каде да знам, можеби таму навистина може да се купи сѐ и сешто за 140 денари? Можеби е тоа тој паралелен универзум? Можеби е тоа тој опијат што до оваа мера те одлепува од реалноста?

Омаловажувањата на министерката

Но, да ја оставиме мојата завист на страна, имам основани сомневања дека и огромното мнозинство од актуелната студентска популација никогаш не го посетило универзумот на Бојан Стојаноски. Студентите ги споменувам затоа што коментарот на овдешната куповна моќ со помалку од две и пол евра се однесуваше токму на нив, односно на нивниот субвенциониран дневен оброк.

И не ме изненадува оваа јавно дадена телевизиска изјава на релативно младиот Стојаноски. Претпоставувам дека тој мора да ги следи партиските насоки дека живееме во една од најразвиените економии во Европа и во светот, дека куповната моќ на нашата минимална плата е поголема од оние во земјите во Европската Унија и, со еден збор, дека живееме во најдобриот од сите можни светови.

Повеќе ме изненадува универзитетската професорка и актуелна министерка за образование и наука, Весна Јаневска, со нејзиниот невкусно потценувачки однос кон целата студентска популација.

Таа, образложувајќи ја потребата од реформи во исплатата на субвенциите за дневен оброк, буквално вели дека со електронските ваучери, студентите нема да можат да ја користат субвенцијата за „алкохол, цигари и друго нешто што тие вообичаено го прават, според нивните кажувања и според она што може да се види во градот.“ (Претпоставувам дека тоа „друго нешто… што тие вообичаено го прават“ повторно е алузија на некакви наркотици.)

Се разбира дека изјавата на Јаневска е погрешна на повеќе нивоа. Таа, студентите ги сведува на толпа пијани и издрогирани дечишта, кои работат во полза на сопствената штета, па затоа тука е професорката-министерка што ќе им објасни што е добро за нив, а што не е. Не е јасно на колкав репрезентативен примерок го направила министерката своето истражување („…како што самите кажуваат…“), па да донесе заклучок за злоупотребата на субвенционираните средства.

Не е јасно ниту на кој град мисли кога вели: „…според она што може да се види во градот.“ Ако мисли на Скопје, тогаш ќе ја замолам да ми објасни низ кои делови од мојот град таа шета, па може да ги види тие содоми и гомори, тие ужасни пороци што ја зафатиле нашата студентарија.

Ете, и јас шетам низ градот, па не сум забележал пијани и издрогирани студенти да се тркалаат по улиците. Ако веќе треба генерациски да се бламираме, побргу би рекол дека токму припадниците на генерацијата на Јаневска се многу посклони кон општествени патологии од студентските генерации.

Манипулација на дело

Добро, не ме изненадува конзервативниот став на министерката. Па, таа го тргна сеопфатното сексуално образование од училишните програми. Зошто? Затоа што не беше научно фундирано? Не, туку поради наводен притисок од јавноста! Од која јавност? Јас сум убеден дека дел од таа јавност е и против еволутивната теорија на Дарвин, па сега ајде да ја повлечеме и неа (додуша, не е незамисливо и тоа да се случи).

Ме изненадува ова паушално и безобразно омаловажување на студентите (истата таа министерка ќе „апелира“ до студентите да не се качуваат по радијаторите во студентските домови).

И тоа токму во времето кога таа иста генерација извојува епохална политичка победа во соседна Србија и во времето кога таа генерација ја „запали“ речиси цела Европа, првенствено барајќи подобри образовни услови и воопшто подобри животни услови. Зошто? За да може да купува „цигара и запалка“? Не. Туку затоа што таа генерација е свесна за енормното и бесмислено трошење пари за вооружување. Пари одземени од културата, образованието, науката…

Но, еве, ако погледнеме што е тоа „субвенциониран студентски дневен оброк“, ќе видиме дека баш и не е толку дневен како што се претставува во јавноста. Имено, оваа субвенција не важи во неделите, државните празници и за време на тримесечните студентски ферии. Тој, во моментов, изнесува 140 денари дневно, сума со која може да се купи сѐ и сешто, односно отприлика половина хамбургер во поквалитетна скопска сендвичарница или, во најдобар случај, четврт бурек со чаша јогурт.

Но, затоа не може да се нарача ниту едно кафе во кафулињата низ градот низ кој шета министерката и гледа како се злоупотребуваат буџетските пари.

И што прави министерката за да ја спречи таа „злоупотреба.“ Определува извесен број од тие фамозни оператори, кои ќе имаат практичен монопол врз субвенционираните средства. Не е проблемот само во тоа пазарните субјекти да се ставаат во нерамноправна положба, односно во тоа што извесни оператори ќе имаат сигурен промет, туку што другите нема да можат никако да допрат до тие средства.

Тоа во пракса изгледа вака: неизбраниот оператор продава сендвич за 250 денари, избраниот за 300 денари. Студентот со електронскиот ваучер ќе доплати кај избраниот оператор 160 денари, што е уште драстично помалку отколку да плати 250 денари за истиот квалитет кај конкуренцијата. Во превод, тоа се вика корупција, овозможување на стекнување противправна корист. (Патем, една од причините за глобалните студентски протести.).

И сето тоа за да се спречат студентите да не паднат во стапицата на алкохолот и никотинот. Ма, ајде, ве молам, бидете барем малку сериозни и не потценувајте го здравиот разум, оној што уште не е уништен од катастрофалните последици, не на алкохолот, туку на овдешниот образовен систем.

Кралот алкохол

Кога сме веќе кај тие „чудовишта“ што ни ја „поробуваат“ душата во форма на алкохол и цигари. Колку што мене ми е познато, алкохолот и цигарите се регуларна и акцизна стока, дозволена за сите полнолетни граѓани на оваа држава. И тоа без ограничувања.

Државата смета дека полнолетните лица се зрели за да бидат одговорни за своите постапки и пред законот, но и пред заедницата. Колку што знам јас, студентите се полнолетни граѓани на оваа земја и како такви никој нема потреба да им кажува што да прават, што да мислат и/или за кого да гласаат. Или има?

Што се однесува до мене, нека пијат бре. И онака за тие пари ќе мора да се соберат барем девет или десет души за да купат едно шише пристоен жесток алкохол, а кога тие седум децилитри ќе се поделат на десет души, од тоа не се завршува во ургентен центар. Велам, нека пијат, затоа што во оваа кутра земја нема иднина. И онака ќе бегаат некаде во странство или ќе завршат во сеопштата општествена патологија, каде што ќе ги убедуваат дека за 140 денари се купува сѐ и сешто.

На крајот на краиштата, зошто со тие пари не го однесат партнерот или партнерката на сладолед. Во 140 денари има речиси две топчиња сладолед. Добро, ќе се доплати малку за еден сладолед, ама субвенција е во прашање, никој не рече дека државата е должна да ги плати сите две топчиња.

Начинот на кој се претставува барањето на студентите да се зголеми партиципацијата за дневен оброк на 200 денари и да им се овозможи бесплатен градски и меѓуградски автобуски сообраќај, всушност, наликува на обид студентите да се прикажат како разгалени дечишта, кои бараат преку леб погача.

Во таа смисла, уште од сега се прави брана, нивните евентуални протести за основните човекови права и условите на животот да бидат претставени како дело на некоја недоквакана група, со задолжителен додаток на „странските служби“ и останатите теории на белосветските заговори.

Затоа и во јавниот простор (социјалните мрежи) можат да се слушнат тези од типот: „Збеснале. Во мое време сѐ се плаќаше“, „Образованието никогаш не било бесплатно“, „Во Америка штом се роди дете, се отвора фонд за образование“ итн.

Образованието не е пазарна стока, не е услуга, туку право. И тоа едно од основните човекови права, дефинирано во членот 26 од Универзалната декларација за човекови права, а потоа и во низа други меѓународни документи. Но, тоа е тема за некој друг текст. Тука само ќе кажам дека суштинската разлика меѓу „услуга“ и „право“ е дека услугата зависи од платежната моќ на корисникот, а правото мора да го обезбеди државата.

Имаше една сентенца од мое време, која ми се чини соодветна за крајот на овој текст. Вели: „Македонците учат на грешки; паметните Македонци учат на туѓи грешки; Англичаните учат на Оксфорд.“ Тоа е отприлика тоа.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија