Интервјуа

Најдовски: Владата без соодветен одговор на поскапувањата

Разговор со Слободан Најдовски, економски аналитичар и поранешен пратеник

Владата бега од одговорноста да се справи со инфлацијата и со сѐ повисоките цени во маркетите. Државната каса е во лоша кондиција и сѐ поголем е јазот меѓу приходите и расходите. Затоа продолжува безглавото задолжување, кое преминува во зависност, што ја турка државата кон крајно непосакувано сценарио.

Ова се предупредувањата на економскиот аналитичар и некогашен пратеник Слободан Најдовски, изнесени во разговорот за БИРН, снимен неодамна и непосредно пред објавувањето на ребалансот, кој сега е во Собранието и чека одобрување од пратениците.

„Иако државите не банкротираат во класична смисла, последиците се чувствуваат преку осиромашување на граѓаните и сериозни економски потреси“, вака го замислува сценариото за кое нѐ предупредува.

Најдовски, речиси две децении не е дел од партискиот и од политичкиот живот, меѓутоа тој не е случаен соговорник на економските теми. Во три мандати бил пратеник што се фокусирал на тоа како и за што државата ги троши парите.

Соодветно на економското образование извршувал функции и во локалната самоуправа, како директор на јавно претпријатие и како секретар на Општина Битола меѓу 2017 и 2021 година. Работел и во стопанството, во поранешна Битолска пивара и во приватна проценителска фирма.

Овој 65-годишен битолчанец, поточно жител на битолското село Кравари, денес е пензионер и деновите ги поминува во лозјето.

Низ призмата на сето тоа искуство, сега пишува колумни за порталот „Независен.“

Бунтовнички старт во политиката

Најдовски како пратеник на почетокот од веков | Фото: Собрание на РСМ

Политички се градел во клучни моменти од релативно кусата историја на независна Македонија.

Кариерата ја почнал во бурните 1980-ти, кога Југославија и нејзиниот економски систем почнале да се распаѓаат под притисокот на општествените промени.

Во 1986 година, професионално бил ангажиран во Сојузот на социјалистичката младина на Југославија во Белград. Влијанието на младинската организација во тој период го илустрира фактот дека под нејзина контрола бил весникот „Млад борец“, кој, под водство на новинарот Никола Младенов, постепено добивал поголема уредувачка слобода.

„Младинската организација се сметаше за најпрогресивниот дел на општеството, се залагаше за промена на државното уредување.

„Ние тогаш ја укинавме штафетата“, евоцира Најдовски.

Штафетата на младоста служела за зацврстување на култот кон Јосип БрозТито. По неговата смрт во 1980 година се одржувала уште осум години, но постепено ја губела симболиката.

Наместо долгогодишниот југословенски претседател, штафетата ја примале младинците, па затоа сè почесто се доживувала како празен ритуал во време на продлабочена економска криза и етнички тензии.

„Од таа група луѓе произлезе Младата демократска странка.“

„Иако, според многумина, Лигата за демократија, предводена од професорот Ѓорѓи Марјановиќ, е првата партија во плуралистичка Македонија, сепак нашата Млада демократска странка прва напиша политичка програма.“

Најдовски уште го чува тој документ.

Младата демократска странка на изборите во 1990 година настапила во коалиција со Реформските сили на Стојан Андов, а подоцна двете групации се трансформирале во Либералната партија.

Како кандидат на либералите, Слободан Најдовски станал пратеник во вториот собраниски состав, а народен избраник бил и во периодот меѓу 2002 и 2008 година, како дел од Либерално-демократската партија (ЛДП), која во меѓувреме произлезе од фузијата на либералите и Демократската партија на Петар Гошев.

Зависни од задолжувања

Трендот на сѐ поголемо задолжување се отсликува и во ребалансот | Фото: Влада на РСМ

Како пратеник на ЛДП во опозиција, меѓу 2006 и 2008 година, Најдовски ненаметливо и со одмерен тон, сепак, често и упорно му се спротивставуваше на тогашниот министер за финансии, а денешен гувернер на Народна банка, Трајко Славески.

И тоа не било случајно. Преседаните од тоа време, сега ни вели соговорникот, имаат последици и денес.

Тој го поврзува почетокот на владеењето на Никола Груевски (2006–2008) со моментот кога се губи контролата врз државното задолжување по што долгот континуирано расте, без оглед која партија е на власт.

Старее нацијата

Најновите од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување покажуваат дека во просек 1,6 вработени преку своите придонеси обезбедуваат една пензија.

„Тоа е нашиот главен проблем“, вели Најдовски.

Тој, оваа незавидна состојба ја поврзува со емиграцијата и со стареењето на населението.

„Лани, во Битола, во прво одделение се запишале само 651 дете, што е за 116 помалку од претходната година.“

„Не се задолжуваме само за враќање стари долгови, туку земаме и нови кредити што не се во функција на развој.

„Со текот на времето, сѐ поголем дел од буџетот ќе оди за отплата на долгови и камати, што веќе и се случува, па сѐ помалку ќе останува за здравство и за образование“, вели Најдовски.

Трендот на сѐ поголемо задолжување се отсликува и во Буџетот за 2026 година и во предложениот ребаланс.

Државата годинава треба да врати стари долгови, кои надминуваат милијарда евра, меѓутоа, заклучно со ребалансот, ќе се задолжи за нови 1,9 милијарди, што практично значи дека нето-новото задолжување изнесува околу 800 милиони евра.

Вака се врши дополнителен притисок врз јавниот долг, кој подолго време се приближува до 60 отсто од БДП, прагот што во Европа се смета за граница на одржлива задолженост.

Задолжувањето, всушност, расте зашто државата упорно троши повеќе пари отколку што собира, а јазот меѓу приходите и расходите се зголемува и со ребалансот на Буџетот.

„По ребалансот ќе имаме, номинално, според апсолутниот износ во пари, историски највисок дефицит“, вели Најдовски за ребалансираната бројка од околу 750 милиони евра.

„Ако едно семејство постојано троши повеќе отколку што има приходи, еден ден ќе крахира. Исто е и со државата“, предупредува соговорникот.

Нозете подолги од чергата

Најдовски смета дека дефицитот ќе се крие „под патиштата што се градат“ | Фото: Министерство за транспорт

Најдовски нема доверба дека владата искрено ќе го решава проблемот, туку уште полошо, смета дека ќе се обиде делумно да го прикрие.

Веќе има знаци, вели тој, дека нема навремено да ги исплаќа фирмите-набавувачи, и тоа особено во последните месеци од годината. На удар ќе бидат компаниите што продале одреден производ или ѝ дале некаква услуга на државата и таа нема да им плати во договорениот рок.

„Автоматски тоа ќе се одрази врз работењето на тие фирми што имаат вработени, кои очекуваат плата.“

Слично сценарио, вели тој, имало и при крајот на минатата година.

Втората „игра“, според него, ќе се однесува на делот дефицитот што ќе оди за фирмата што ги гради автопатиштата, „Бехтел и Енка“, кој наместо директно од буџетот, најверојатно ќе биде префрлен на Јавното претпријатие за државни патишта.

„Со тоа ќе се задолжи ЈП за државни патишта, па иако буџетскиот дефицит формално ќе остане на исто ниво, јавниот долг ќе се зголеми.“

„Тоа е прикриен дефицит.“

Според Најдовски, решението е секогаш она наједноставното, државата да троши според своите можности.

„Треба да престанат новите вработувања во администрацијата и непродуктивните трошоци. Повторно се трошат јавни пари за рекламирање“, вели тој, алудирајќи на последниот објавен тендер од околу 300.000 евра за владина пиар-продукција.

Тој критикува и дел од општинските јавни претпријатија за кои вели дека, и покрај лошите резултати, спонзорираат медиуми. Ги анализирал и јавните набавки и тврди дека кај многу од проектите финансирани со унгарскиот кредит немало вистинско наддавање, па државата не добила пониски цени.

„Тоа е фрапантно.“

Посиромашните повеќе ја чувствуваат инфлацијата

„Високите цени не се решаваат во маркетите“, смета Најдовски | Фото: БИРН

Економските политики најдобро се отсликуваат врз цените во маркетите.

Последниот податок од мај е дека инфлацијата е 4,8 отсто, односно дека трошоците за живот се зголемиле за речиси пет проценти во последните 12 месеци.

Македонија, голем дел од производите и енергенсите ги увезува така што домашната економија е зависна од светските пазари, кои беа под сериозен удар од војната на САД и Израел со Иран.

Владините мерки во овој сегмент почнаа и завршија со намалувањето на акцизата за горивата, додека за повисоките цени во продавниците, политиката се сведе на повикување на совеста кај големите синџири на супермаркети.

Незадоволен од перформансите на владата во овој сегмент, Најдовски предупредува дека најсиромашните ја чувствуваат инфлацијата и тоа повеќе од официјалните речиси пет проценти.

Причината е што, според државната статистика, храната поскапела повеќе од просекот, месото за девет, млечните производи за шест, а маслото и мастите за седум проценти на годишно ниво. А, најсиромашните трошат околу 85 отсто од приходите за храна, наспроти 35,5 проценти кај најбогатите.

„Затоа велам дека инфлацијата е нееднаква, повеќе ја чувствуваат посиромашните.“

Коментирајќи ги изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за преговори со маркетите и постојаните апели во јавноста за ограничување на маржите, Најдовски смета дека проблемот не се решава во продавниците, туку многу порано при земјоделското производство и преработката.

„Нешто не е во ред со земјоделската политика. Не може да вложуваме толку многу пари во субвенции, а, сепак, да имаме скапо земјоделско производство“, вели тој, алудирајќи дека државата со години издвојува најмалку 100 милиони евра годишно за субвенции.

Проблем е, вели Најдовски, и недостигот од индустриска преработка, поради што земјоделските производи, наместо како производи со повисока цена, се извезуваат како евтини суровини.

Тој смета дека државата губи и кога не реагира навреме со соодветни мерки.

Како пример ја наведува светската криза со вештачките ѓубрива, предизвикана од нарушувањата во снабдувањето со суровини поради затворањето на Ормускиот теснец.

„Грција веднаш ја субвенционираше нивната употреба за да ги намали трошоците на земјоделците и да го одржи производството.“

„Ние тоа не го направивме“, заклучува тој.

Корупцијата проблем четири децении

„Антикорупциска практично не постои“, вели Најдовски | Фото: БИРН/Емилија Петреска

По повеќе од 40 години политички и општествен ангажман што стартувал бунтовнички во социјализмот, Најдовски вели дека е разочаран од правецот во кој се развила државата. Наместо модерно и функционално општество, Македонија, според него, не ги искористила шансите што ги имала по осамостојувањето.

Како најголеми неуспеси ги издвојува високата корупција, слабите институции и губењето на контролните механизми.

Антикорупциската комисија, според соговорникот, во одредени периоди функционирала поефикасно, но тоа варирало во зависност од тоа која политичка гарнитура е на власт.

Крпење на пензискиот фонд

Со законските измени се предвиде привремено, до декември, дел од придонесот за осигурување при невработеност да се пренамени во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Стапката за пензиско осигурување, која ја одвојуваат вработените, се зголемува од 18,8 на 19,9 %, додека придонесот за осигурување во случај на невработеност се намалува од 1,2 на 0,1 %.

Времено се подобруваат приходите на пензискиот фонд, без решение за неговата стабилност, вели Најдовски.

„Ќе бидат оштетени луѓето што користат услуги и програми на Агенцијата за вработување, особено преквалификации.“

„Сега комисијата практично и не постои.“

Најдовски одамна не е активен партиски, меѓутоа како што вели, сè уште ја следи политиката.

За него, сегашната владејачка гарнитура нема јасен план, не е функционална и нема стратегија за иднината на државата, ниту во политички, ниту во финансиски поглед.

За проблемот со Бугарија вели дека, и покрај тоа што соседот постојано провоцира, одговорноста е кај нашите политичари да најдат начин да го решаваат наместо само декларативно да се залага за ЕУ без конкретни чекори.

Во овој контекст се повикува и на личното политичко искуство.

„Јас бев член на парламентот кога го сменивме знамето.“

„Тогаш вагавме што е подобро за државата зашто бевме блокирани, одевме со шишиња за да купуваме бензин во пластично шише.“

За крај, нашиот соговорник категорично заклучува дека денешната власт е најслаба досега, а дополнително проблемот го гледа и во тоа што нема силна организирана опозиција, која би ѝ се спротивставила.

Сегашност, која многу поразлично ја замислувал кога преку младинската организација во социјализмот се борел за општествени промени.