Жолти шери-домати во форма на круша од кои се прави слатко, пченка за пуканки, која има црно семе, грав со интензивна розова боја, борании што растат долги по еден метар, дињи и гравови какви што нема на друго место, туку се одгледуваат само во неколку села низ Македонија.
Ова е релативно непознатото, егзотично земјоделско богатство на нашето поднебје зачувано во семињата на старите локални сорти, кои опстојуваат благодарение на мисијата во која пред 15-тина година влегла професорката Мирјана Јанкуловска, од Факултетот за земјоделски науки и храна, заедно со неколку колешки од Катедрата за генетика и селекција.
Целта што тогаш си ја поставиле била да отидат во сите села на Македонија за да ги зачуваат семињата што се одгледуваат на оваа територија, пред тие целосно да исчезнат, бидејќи селата се празнат и луѓето сè поретко сами ја одгледуваат својата храна.
Растителниот диверзитет што го пронашле целосно ги надминал нивните очекувања.

Генетски диверзитет на дел од македонските локални сорти пиперка | Фото М. Јанкуловска
Јанкуловска, со жар раскажува колку била изненадена кога за првпат на еден од локалните пазари видела жена што ја продава црната пченка од која се прават пуканки, семе што се чувало со децении и секоја година се сеело во нејзината фамилија.
Посебно биле зачудени од еден вид дињи што селаните ги нарекувале шкоравки или бадатки. Плодот бил сладок како шеќер, а нивното семе било собрано како тврдо купче во самата средина на дињата, што било мошне невообичаено.
„Пребарувавме низ сета литература, ама досега не успеавме да најдеме дека постои друг таков примерок“, вели професорката.
На планините над Струмица, во селото Дорломбас, до кое едвај стигнале возејќи по неасфалтиран пат, пронашле стара локална сорта на жолти, крушковидни шери-домати, кои локалците ги користеле за правење слатко.
Со оглед на тоа што селото е отцепено од градот, луѓето биле принудени сами да си ја одгледуваат храната и зачувале цело богатство од локалните сорти.
„Немаше што немаат, а сето семе им било останато од бабите и од прабабите“, се потсетува Јанкуловска.
Најголем диверзитет пронашле кај гравовите, пиперките, тиквите, лубениците, дињите, пченките и доматите.
Во друга колекционерска мисија, пак, добиле семе од афион, чувано во тегла повеќе од 20 години.
Го посадиле, никнале само неколку растенија бидејќи ‘ртливоста веќе била изгубена, ама и едно растение било доволно за да се почне нов циклус на обнова на семето.
„Некогаш луѓето немаат да ни дадат доволно семе, па добиваме само по три или по пет зрна“, раскажува професорката.

Колекционерска мисија по селата | Фото М. Јанкуловска
Резултатот од работата на Јанкуловска и уште две-три колешки од нејзината катедра е собранaта колекција од околу 10 илјади примероци семе од 80 растителни видови, од над 600 села од сите општини во земјава, кои лично ги посетиле.
И сето тоа благодарение на личниот ангажман, со многу откажувања и без никаква помош од државата.
Тивка трка со исчезнувањето на семињата

Ако немаме семе, ќе умреме од град, потсетува професорката | Фото: БИРН
Зачувување на семето од старите локални сорти значи и зачувување на растителниот биодиверзитет, кој полека исчезнува поради конвенционалното земјоделство и тоа што најголем дел од луѓето храната ја купуваат во продавница.
Од друга страна, пак, токму разновидноста на културите ги зголемува шансите за наоѓање растенија што успеваат и на лоша почва, отпорни се на суша, на штетници и болести.
За Организацијата за храна и земјоделство ФАО, зачувувањето на растителниот диверзитет го нарекува „животно осигурување на нашето производство на храна.
Овој генетски материјал, пак, би можел да биде клучен во време на климатски промени, бидејќи со децении и векови наназад, овие растенија се адаптирале на поднебјето на кое се одгледувале и успевале да преживеат.
„Можеби кога ќе погледнеме едно семе, изгледа безначајно, но без него нема да преживееме, ќе умреме од глад. Ако ние ги изгубиме тие сорти, ако го изгубиме тоа семе, нема враќање назад“, предупредува Јанкуловска.
Ама губењето на сортите се случува пред нивните очи. Ако пред 15 години, кога со сиот елан влегле во оваа мисија, наоѓале богатство од семиња, во последниве пет години им се вистински предизвик.

Цвет од грав на опитно поле | Фото М. Јанкуловска
Првично, со темпото со кое тргнале и делумна помош на странски проекти, мислеле дека за неколку години ќе успеат да ги минат сите села и да соберат сè што може да се собере, но планот значително се одолжил откако сфатиле дека се оставени сами на себе.
Колекционерските мисии по селата, илјадниците минати километри и средбите со луѓето од селата каде што се саделе локалните сорти, биле само еден дел од работата, која секогаш била непредвидлива.
Прво селаните ги гледале со недоверба, но потоа им помагале и им кажувале во која куќа може да најдат други семиња, што има во следното село.
Од некои мисии знаеле да се вратат со полн автомобил плодови, кои морало да ги исчистат во следните два-три дена, за да ги извадат семињата од нив.
Неретко тоа значело останување по цели ноќи на факултетот, за да се извади семето пред да скапат дињите, лубениците, доматите…

Мисија без поддршка | Фото: БИРН
Посебно биле изненадени од „белите патлиџани“, чие семе го добиле во една од мисиите по селата.
Се работело за вид модар патлиџан, кој наместо модра, имал зелена боја, ама локалците си го нарекувале бел патлиџан. Кога го засадиле на нивата на факултетот, израснала грмушка полна со трња, кои биле насекаде, дури и на цветовите.
„Подоцна сфативме дека тоа се едни од најстарите сорти на патлиџан што историски наназад постоеле, бидејќи првичните напори на селекционерите биле да се елиминираат овие непожелни својства“, вели Јанкуловска.
За да утврдат, пак, дали се работи за посебни сорти и дали имаат дупликати, требало да се направат молекуларни тестови, кои чинат многу пари, што главно ги давале од свој џеб.

Генетски диверзитет на дел од македонските локални сорти грав | Фото М. Јанкуловска
Заинтригирани биле и од разновидноста на гравовите, од кои собрале колекција со над 2.200 примероци.
Во неа, белиот грав, кој вообичаено може да се најде во продавниците е само еден мал дел.
Има зелен грав, различни облици и шари на виолетови, црни, кафеави и беж бои, па дури грав со јарко розова боја, кој веќе речиси и да не може да се најде по селата.
За да ги видат нивните карактеристики, пред две години, во опит на еден хектар површина засадиле околу 400 сорти грав. Некаде од мај, па сè до декември, неколкуте жени од катедрата биле на нива од 4 часот наутро, па сè до зајдисонце и повторно наишле на изненадување.
Гравот има т.н. тролистен лист, ама од собраните семиња никнале и гравови што имаа четири, пет, па и повеќе листови.
„Првпат во светот е откриено такво нешто“, вели Јанкуловска.
Во светската колекција на гравови, која се чува во Колумбија, единствениот примерок од гравот „фазеолус думозус“, најден надвор од Јужна Америка, потекнува од Македонија.
По издавањето на монографијата на гравовите од Македонија, планираат вакви публикации и за пиперката и за доматот. Сè уште има села што ги немаат посетено, па целта им е да отидат и во нив за да видат дали сè уште има семиња што може да се зачуваат.
И тука ќе запрат.
Веќе се помирени дека нема успеат да спасат сè што планирале. Досега пратиле повеќе од 5.000 примероци во странски генетски банки за семиња, за кои се уверени дека ќе останат зачувани и на нив ќе стои потеклото од Македонија.
Во земјава, собрани семиња има зачувано во македонската ген банка на Земјоделскиот институт, која има 721 примерок од 43 ботанички вида.
Семе има и на Земјоделскиот факултет во Штип и на Институтот за тутун во Прилеп.
Сепак, сево ова е далеку помалку од собраниот материјал на катедрата на Јанкуловска.
„Ако самите не ги собереме, проучиме, зачуваме и повторно не ги користиме нашите локални сорти, никој не мора да ни ги украде – ќе ги изгубиме поради сопствената негрижа“, вели Јанкуловска.

Семе што во себе ја носи меморијата за минатото | Фото: БИРН
И самата не знае колку ветувања и тапкања по рамо добиле и од институции и од компании, но никој не направил ништо повеќе од тоа. Неразбирливо ѝ е како во време кога во земјава сите зборуваат за зачувување на македонскиот идентитет, се заборава на нешто што е нераскинлив дел од тој идентитет.
„Тоа семе во себе ги носи меморијата за минатото, традиционалните рецепти, локалните знаења или традиционалните знаења, начинот на живот на луѓето во таа одредена рурална средина“, укажува професорката.
Кога првпат ја сретнавме, на Факултетот за земјоделски науки и храна, заедно со своја колешка, по скалите качуваа десетина вреќи со супстрат за правење расад.
Секоја од нив тежеше по најмалку стотина килограми. Беше време за ручек и лето, па аулите на институцијата беа празни.
„Научени сме на ова, нема кој да помогне и мора да се снаоѓаме“, со полунасмевка забележа Јанкуловска, додека ги спушташе тешките вреќи на подот на факултетот.
Македонското семе во античкиот мраз

На опитните полиња | Фото: М. Јанкуловска
Една од последните цели што сега си ги имаат поставено, е дел од богатата колекција да ја зачуваат длабоко во арктичкиот мраз во Норвешка.
Таму се наоѓа Свалбард – глобалното складиште за семе, каде што има семиња од речиси сите земји во светот, кои ќе можат да преживеат глобални катастрофи, од војни до климатски колапс.
Преку оваа база, на пример, беа обновени семињата од Сирија, чија ген банка беше уништена во војната.
„Тука ќе ја праќаме таа, да ја наречам безбедносна колекција, која е наша осигурителна полиса, дека утре ако се случи каква било катастрофа, а ние останеме без семе, ќе можеме да го вратиме семето оттаму“, раскажува Јанкуловска.
Но, праќањето семе во Свалбард не е едноставно.
За тоа ќе има треба минимално количество од секоја сорта, која сега ја немаат, па допрва ќе влезат во тој процес на одбирање на семињата и нивно размножување.
„Нашиот проблем не е целосно отсуство на активност, туку отсуство на систем. Имаме семиња, колекции, знаење и стручни лица, но немаме доволно континуирана политичка волја, финансирање и национална координација. Богатството постои, но неговата иднина не е обезбедена,“ алармира Јанкуловска.

