Интернетот одамна не е простор одвоен од нашиот секојдневен живот. Таму учиме, комуницираме, работиме, споделуваме мислења и градиме еден нов простор кој е дел од нашето присуство во јавноста.
Но, слободата да бидеме присутни во онлајн просторот носи и една друга реалност – загрозувањето на безбедноста не останува само во физичкиот простор туку има и дигитална форма. Заканите, вознемирувањето, следењето, уцените, лажните профили и споделувањето лични или интимни содржини без согласност се случуваат на екранот, но последиците се чувствуваат и надвор од него.
Колку често се чувствувате небезбедно додека сте онлајн? Дали некогаш сте биле навредувани, уценувани или изложени на закани преку интернет? И што се случува кога ќе одлучите да не премолчите, туку да пријавите?
За многу жени, моментот на пријавување може да биде подеднакво важен како и самото искуство. Каде да се обратат? Кој ќе ги сослуша? Дали нивниот случај ќе биде сфатен сериозно? И што ќе се случи откако ќе ја поднесат пријавата?
Целта на овој прашалник е да дознаеме што се случува кога жените ќе одлучат да побараат помош – од првиот контакт со институциите, преку постапувањето по пријавата, до евентуалниот исход.
Прашалникот е наменет за жени кои доживеале онлајн насилство, без оглед дали го пријавиле случајот или не. Нè интересира што се случило, но и зошто жените одлучиле да пријават или да не пријават, да побараат помош или да не побараат.
Прашалникот е целосно анонимен, а вашите одговори се безбедни и шифрирани. БИРН нема да објави никакви лични податоци без претходна согласност.

