Тринаесетмина пратеници од македонското Собрание неодамна се вратија од службена посета на своите колеги од израелскиот парламент или Кнесет. Сега истите изигруваат жртви, изненадени и навредини, од, би рекла дури и срамежливите, реакции на јавноста, небаре отишле таму на шопинг, а не во име на македонскиот народ да дадат кукавичка поддршка на земја што врши окупација и хуманитарни трагедии врз палестинскиот народ.
Навикната, просечните македонски политичари да не можат да видат ништо подалеку од Табановце и Деве Баир, а камоли да разбираат деликатни и комплицирани политички, геостратешки и империјалистички глобални односи, ќе се обидам накусо да им „нацртам“ каде биле и пред кого ја свиткале кичмата, оптоварувајќи нè и нам со нивниот срам, кој очигледно не го чувствуваат.
Амнести интернешнел, по обемната истрага на убиствата, тешките повреди, уништувањето на цивилната инфраструктура и намерното наметнување услови што го загрозуваат опстанокот на населението, заклучи дека Израел врши геноцид врз Палестинците во Газа.
Аргументот дека војната е против Хамас, а не Палестинците, за кој грчевито се држат нашите тринаесетмина, не поминува веќе ни кај деца
До истиот заклучок дојде и Независната меѓународна истражна комисија формирана од Советот за човекови права на ОН, анализирајќи ги постапките на израелските сили и изјавите на политичкото и военото раководство како докази за геноцидна намера. Ова се наоди на независни истраги, одделни од сè уште незавршената судска постапка пред Меѓународниот суд на правдата.
Досега во Газа се пријавени повеќе од 71.800 убиени Палестинци, меѓу кои најмалку 21.289 деца и над 171.000 повредени. Цивили се убивани во воздушни и напади со дронови, со тенковски оган и со огнено оружје, во домовите, на улиците и во засолништата. Ниту една од 36-те болници во појасот Газа не е целосно функционална, па повеќе од 18.500 пациенти имаат потреба од медицинска евакуација.
Околу 1,4 милиони луѓе се соочуваат со глад на кризно или потешко ниво, додека уништените водоводни и канализациски системи го зголемуваат ризикот од болести. Уништени или оштетени се над 371.000 станбени единици и речиси сите училишта, а околу 1,9 милиони луѓе биле раселени, многумина повеќепати. Истражната комисија на ОН документира и систематско уништување на репродуктивната здравствена грижа, со тешки и долгорочни последици врз бременоста, породувањето и репродуктивното здравје.
Аргументот дека војната е против Хамас, а не Палестинците, за кој грчевито се држат нашите тринаесетмина, не поминува веќе ни кај деца. Во нормална земја, политичари, особено пратеници, би требало да знаат дека тоа што постои воена цел само по себе не ги исклучува можностите за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид. Со други зборови, да не бевте толкави дудуци, веројатно ќе знаевте дека геноцидната намера може да постои истовремено со воената цел, односно дека геноцидната намера речиси никогаш не постои одделено од воени цели и интереси.
Додека тринаесеттемина шетачи се влечеле и се фотографирале по посети, настани и дипломатски средби, 14-годишниот Мохамед е убиен со вооружен дрон на пат за дома од образовен центар, 6-годишната Миск е убиена со огнено оружје во својот дом, 12-годишниот Тамер е застрелан додека очајувал врз урнатините на својот дом, 14-годишниот Бара е убиен со тенковски оган, а 16-годишната Рагад е погодена во грбот, куршумот останал меѓу `рбетот и белите дробови, а лекарите просто немаат опрема за снимање што би ѝ овозможила безбедна операција. Сите и многу други само во октомври оваа година.
Но, да се вратиме на повесели теми, да не ги вознемируваме македонските политичарчиња и нивните ситни души со подробности. Тие не направиле ништо лошо, биле само во посета на Кнесетот, институцијата која на 8 октомври 2023 година ја потврди одлуката за воена состојба и чија улога понатаму е клучна во финансирањето на војната, усвојувањето законски ограничувања врз хуманитарната инфраструктура и усвојување на декларацијата против создавање палестинска држава западно од Јордан.
Во соопштението објавено од нашето Собрание, оваа реалност не постои, тие таму наводно разговарале за „понатамошен развој на соработката во делот на трговската размена и продлабочување на соработката во стратешки сектори за двете држави, особено во областа на здравството, земјоделството, безбедноста, претприемништвото, културната размена и туризмот.“
Да не се лажеме, ниту ќе се развива стратешка соработка, ниту ќе се разменуваме културно и туристички со Израел. Тринаесеттемина не се ништо повеќе од обични статисти во израелската кампања за создавање привид на нормалност, со која се настојува да се неутрализираат сè погласните критики и отпорот ширум светот.
Тринаесеттемина не се ништо повеќе од обични статисти во израелската кампања за создавање привид на нормалност, со која се настојува да се неутрализираат сè погласните критики и отпорот ширум светот
Нашите тринаесет „корисни идиоти“ патуваат во Израел на покана на израелското Министерство за надворешни работи, чија основна функција е токму одбрана на израелската воена окупација и суровост како законита и оправдана, оспорување на обвинувањата за меѓународни злосторства и зачувување дипломатска поддршка. Што е право, Израел тука направил полн погодок, затоа што тешко дека можел да најде посоодветни гости од македонските политичари, кои сопствената сервилност ја носат како орден. Таа заслуга не можеме да им ја оспориме.
Конечно, прагматичниот дел од величествената Тринаесетка ќе каже дека Македонија е многу мала земја, која нема моќ и мора да биде секогаш на страната на САД. Да ја цитирам палестинската професорка Ерекат, која вели „Соединетите Американски Држави се империја, но тие не се сиот свет.“
Никој и не тврди дека ние имаме моќ. Нормално дека сме свесни за енормно нееднаквата моќ, но тоа не значи и отсуство на политичка одговорност. Проблемот можел да се реши многу поедноставно. Ниту ние забележавме дека тринаесеттемина заминале од Македонија, ниту Израелците забележале дека пристигнале кај нив. Можеле да ги искористат попаметно и покорисно овие денови, и тоа токму во име на македонскиот народ, дома.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија












