„Забележувате ли колку е чист воздухот вечерва?“, вака некако, пред телевизиските камери, еден граѓанин на Белград ја коментираше новата ситуација по победата на Студентската листа на српските парламентарни избори.
Оваа констатација не е само нешто полуцидна метафора за спектакуларната смена на Александар Вучиќ од владејачкиот трон. Тоа е реална констатација за целосното „прочистување“ на српскиот традиционален политички систем, барем онаков каков што граѓаните на Србија го знаеја од воведувањето на плурализмот наваму.
Политички земјотрес
Првиот впечаток на овој политички земјотрес е дека ова се првите избори што Српската напредна странка на доскорешниот претседател и несуден иден премиер на Србија, Александар Вучиќ, ги изгуби од своето формирање од пред 18 години до денес. Неговата партија за првпат излезе на парламентарни избори во 2012 година и оттогаш е или релативен или апсолутен победник во сите парламентарни изборни циклуси.
Претходно, на претседателските избори, победа извојува тогашниот претседател на „напредњаците“, Тома Николиќ, кого на оваа позиција го замени токму неговиот партиски наследник, именуваниот Вучиќ.
Оваа политички прилично шарена група се собра околу една цел – уривање на диктатурата на Вучиќ и воспоставување на правната држава
По два поминати претседателски мандати, овој апсолутистички господар на севкупниот политички и јавен живот во Србија, според српските уставни норми, немаше право да се кандидира на оваа позиција и по третпат, па се обиде да го изведе таканаречениот „Путинов маневар“ – од претседателската функција повторно да се префрли во премиерската фотелја.
Без успех.
На изборите беше збришана и Социјалистичката партија на Србија, која за првпат во својата историја, од времето на нејзиниот основач Слободан Милошевиќ, па сѐ до денес, не успеа да го премине изборниот праг, со што по 35 години остана без свој претставник во српскиот парламент.
Не знам дали тоа значи политичка пензија за нивниот долгогодишен лидер, некогашен премиер и (сѐ уште) актуелен министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, ама едно е сигурно, српските социјалисти се целосно маргинализирани и, веќе сега може да се каже, од денес практично не постојат на српската политичка сцена.
За да биде овој земјотрес комплетен, треба да се каже дека со овие избори од српската политичка сцена исчезнуваат и опозициските корифеи Драган Ѓилас, Здравко Понош, Мариника Тепиќ, Милош Јовановиќ…, односно оние партии што се осмелија самостојно или како коалиции да излезат на овој „референдумски“ изборен мегдан. Неизвесна е и политичката судбина на другите опозициски партии што ја поддржаа Студентската листа, но нивни претставници не се најдоа на неа, со што и тие суштински останаа маргинализирани.
Чист простор
Некој веќе констатираше дека Студентската листа е единственото движење на светот што со еден удар, односно на едни избори, успеа да ги победи и опозицијата и позицијата. Не знам дали ова е единствениот случај во светот, ама секако е редок преседан.
Можеби не треба да се вадат паралели, ама ова што сега се случува во Србија, на некој начин ме потсеќа на колапсот на таканаречената Прва италијанска република во почетокот на 90-тите години од минатиот век. Поради низа корупциски скандали и истрагата наречена „Чисти раце“ (Mani Pulite), од политичката сцена исчезнаа демохристијаните (кои безмалку владееја половина век), социјалистите на Бетино Кракси, натаму либералите, републиканците, социјалдемократите…
Некој веќе констатираше дека Студентската листа е единственото движење на светот што со еден удар, односно на едни избори, успеа да ги победи и опозицијата и позицијата
Дотогаш силната комунистичка партија почна да се трансформира уште во времето на падот на Берлинскиот ѕид, па сега е практично претопена во најголемата италијанска левичарска партија, Демократска партија.
Нивните места во политичкиот живот ги зазедоа разно-разни движења и политички партии, Форца Италија на Берлускони, Лега Норд на Умберто Боси, Националната алијанса од која потекнува и актуелната премиерка Џорџа Мелони…
Иако заеднички им се високата корупција и колапсот на политичкиот систем како последица, сепак има големи разлики меѓу италијанскиот и српскиот случај. Во Србија, падот на системот е предизвикан од масовното незадоволство од корупцијата под државна заштита, како и од незадоволството од јаловите и често неспретни обиди на опозицијата да ѝ се спротивстави на власта.
Во таа смисла, уште на самите почетоци, студентското движење успешно се опираше од какво било и чие било политичко влијание, подеднакво избегнувајќи ги и опозицијата и власта. Во своето двегодишно постоење, вешто ја избегнаа и стапицата да создадат некаква организациона структура што ќе прилега на партија.
Ваквиот начин на работа (своевидна директна демократија преку пленуми и зборови) им донесе сериозни главоболки на нивните потенцијални меѓународни и внатрешни партнери. Едноставно, не знаеја со кого да разговараат и кој ги носи круцијалните одлуки. Тие, ете, немаат лидер, го немаат Лех Валенса или Зоран Ѓинѓиќ, па да може власта преку своите медиуми да го сатанизира или Европската Унија да пронајде соодветен соговорник.
Оваа политички прилично шарена група се собра околу една цел – уривање на диктатурата на Вучиќ и воспоставување на правната држава. Сите други политички или, што би рекле ние, идентитетски теми се оставени по страна: десно, лево, центар, односот кон Сребреница и Ратко Младиќ, прашањето на Косово, влегувањето во Европската Унија…
Денот потоа
На тој начин, некако и ја создадоа победничката изборна листа (што ја држеа во тајност до последниот момент). Беа поставени неколку принципи, на листата не смее да има студенти (да не излезе дека се бореле за фотелји) и не смее да има луѓе што се занимаваат или се занимавале со политика (да не падне ни трошка сомнеж врз искреноста на нивните идеали).
Значи, секој универзитет во Србија доби можност да предложи извесен број кредибилни и „неизвалкани“ поединци, а потоа преку пленумско гласање да се избере листата од 250 кандидати. Ваквата политика, ете, роди плод, првенствено затоа што студентите (правилно) проценија дека на луѓето (а и ним самите) им е здодеано од традиционалните политички елити и нивните демагошки размислувања и настапи.
Диктатурите можат да се воспостават за еден ден. И можат да паднат за еден ден. Демократијата го нема тоа својство
Луѓето, ете, сакаат да видат стручни луѓе на вистински места, а не кадри наместени поради партиски или некакви други заслуги.
Убеден сум дека во Србија не е прашање што ќе се случи или случува утре. Прилично е јасно дека студентите ќе состават технократска влада, која ќе треба да ги доведе државните и државничките работи во оној ред за кои тие мислат дека е правилен. Вистинското прашање е што ќе се случува по две години од денес. Во некој миг и таа технократска влада ќе мора да ги одреди своите стратешки чекори: Путин или ЕУ, Косово или без него, геноцид или не, Црква или рокенрол…
Италијанскиот пример нѐ учи дека не постои политички вакуум. Некој ќе го пополни просторот. Признавам дека немам способности на пророк, па ни на проценител на состојбите, ама мислам дека студентското движење неминовно ќе произведе нови политички субјекти што ќе бидат или нема да бидат компатибилни.
Сакам да верувам дека оваа влада ќе трае доволно долго за да не дозволи повторно враќање на култ на личноста и хибридни диктатури. А, потоа, бујрум во плуралистичкиот свет.
На крајот на краиштата, диктатурите можат да се воспостават за еден ден. И можат да паднат за еден ден. Демократијата го нема тоа својство. Таа мора да се гради настојчиво и упорно со години, ама затоа може да се урне за еден ден.
Српските избори, впрочем како и унгарските претходно, се извонредно важни за регионот.
Тие ни покажуваат дека и преку мирни протести може да се смени режим, дека луѓето не мора да бидат партиски определени за да го уредуваат својот живот и животот на својата заедница и дека заедништвото за повисоката цел може да роди плод.
Многумина ќе направат, а и прават паралела меѓу студентските протести и Шарената револуција во Македонија, особено по мултиплицираниот спин на Вучиќ дека се работи за „обоена револуција“, за странски платеници, за вмешаност на странски служби, за Сорос, за усташи итн.
На Шарената револуција, за која не би рекол дека беше неуспешна (сепак се смени еден режим) ѝ недостасуваше токму тој кохезионен фактор, кој ќе предизвика резистентност кон политичките влијанија. Во таа смисла, не им беше тешко на Заев и на СДСМ да се стават на чело на движењето, особено затоа што Заев во тој миг беше еден вид херој со јавно објавување на прислушуваните „бомби“ и со „Пржинските договори“, со кои практично режимот на Груевски беше сериозно оштетен.
Сепак, Заев на тие избори не успеа да оствари чиста победа, како што тоа го направија студентите во Србија, па мораше да прави низа компромиси. Првенствено на внатрешен план. Не се направи ништо со „Скопје 2014“, немаше никакви промени во медиумската сфера, не проработи бројчаникот на Порта Македонија, судството практично остана недопрено…
Плус некои од учесниците на Шарената револуција станаа пратеници или добија некакви вработувања во државната администрација што веднаш беше искористено за оцрнување на целиот процес. Изборите се чудна работа. Следат сега избори во Шпанија, Израел и САД…, чуда се случуваат. Некаде се чисти просторот, а некаде и не.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија












