Момчило Марјановиќ цела деценија се грижел за „безбедноста“ на владејачката Српска напредна партија (СНС). Воглавно , тој бил невидлив за јавноста, а бил плаќан во кеш или преку фиктивно вработување во јавно претпријатие во градот каде што живее, Нови Сад.
Работата му била динамична, исполнета со адреналин, а во двете години откако избувнаа студентските протести против владата предводена од СНС, станувала сè понасилна.
„Мојата улога беше да водам група момци на најризичните и најкритичните места, на сите собири на кои од другата страна беа студентите или опозицијата“, рече Марјановиќ.
„Бевме во самиот епицентар. Наша задача беше, се разбира, како последна опција, да употребиме сила, иако често се случуваше тоа да не биде последна опција“.
Сè повеќе разочаран и вознемирен од насоката во која се одвивале настаните, Марјановиќ се разделил со СНС рано годинава.
Само две недели пред најважните избори во Србија од падот на авторитарниот лидер Слободан Милошевиќ во 2000 година, 54-годишниот Марјановиќ разговараше со БИРН, откривајќи ги тактиките што ги користи СНС за задушување на незадоволство, поттикнување насилство, купување гласови и заплашување на потенцијалните гласачи на опозицијата.
„Во еден момент, човек на мои години, татко на прекрасна ќерка, се вразумува“, рече тој.
СНС не одговори на нашето барање за коментар.
„Подготвени да употребат насилство“
Една од карактеристиките на 14-годишното владеење на СНС е употребата на платени силеџии – неформални безбедносни структури составени од крупни мажи облечени во црно. Марјановиќ бил ветеран во овие неформални структури, кои биле распоредувани да ги штитат партиските простории од демонстранти или да го координираат обезбедувањето на големи партиски настани.
Луѓето како него втеруваат страв и тие ги поттикнуваат стравувањата од нови насилства додека Србија се подготвува да гласа на 25 октомври.
Уште во 2014 година, две години откако СНС дојде на власт, набљудувачите на изборите од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) посочија на „веродостојни извештаи за случаи на заплашување гласачи“, како и случаи на „купување гласови, притисоци и заплашување на гласачите“. Оттогаш има малку подобрување.
Кога на 1 ноември 2024 година се урна бетонската надстрешница на новореновираната железничка станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица, луѓето како Марјановиќ повторно се најдоа во преден план. Протестите што избувнаа после несреќата беа проследени со извештаи за насилство извршено од неформални безбедносни структури поврзани со СНС, но и од полицијата.
Платените силеџии, вели Предраг Петровиќ, директор за истражувања во белградскиот тинк-тенк Центар за безбедносна политика во Белград, „можат да го прават она што полицијата, барем отворено и без последици, не може“.
„Меѓу нив има луѓе од криминалното подземје, подготвени да употребат насилство и да преземат ризици што државните актери сакаат да ги избегнат“, изјави Петровиќ за БИРН.
„На тој начин, режимот добива неформален инструмент за принуда, со можност да ја негира одговорноста за своите постапки“.
За нивните услуги, Марјановиќ вели дека им делел пари во готовина што му ги давал директорот на новосадското претпријатие за греење, Ненад Барац. Тој добивал и месечна плата преку посредничка агенција за вработување, ангажирана од друго претпријатие – „Лисје“, задолжено за градските гробишта.
Барац одби да ги коментира овие наводи.
„Тоа се фиктивни работни места, така ги нарекуваат“, изјави Марјановиќ за БИРН.
„Но, за жал, не сум единствениот“.
„Никогаш не одев на работа, но, се разбира, редовно добивав плата“.
Од претпријатието „Лисје“ не одговорија на нашето барање за коментар.
Од студент по историја до „обезбедување“ на владејачката партија

Марјановиќ во акција пред канцелариите на СНС во Нови Сад (2025) | Фото: YouTube/Jordan Creek.
Марјановиќ студирал историја на универзитетот во Нови Сад, но на крај дипломирал на факултет за спорт и физичко образование. Неговата кариера во обезбедувањето започнала веднаш по дипломирањето, со низа работни ангажмани во клубови, обложувалници и приватни фирми.
Пред околу една деценија, на инсистирање на пријател, ѝ се приклучил на СНС. На почетокот, како што раскажа Марјановиќ, обезбедувал партиски митинзи и настани организирани од партијата или од локалните власти во општините каде што таа беше на власт, во Војводина и на други места.
Една од неговите задачи, изјави тој за БИРН, била да се погрижи таканаречените „сигурни гласачи“, луѓе што ветиле дека ќе гласаат за СНС, а главно биле вработени во јавниот сектор, навистина да излезат на изборите. За тоа им се плаќало.
„Обично стануваше збор за 100 евра, но сега слушам дека даваат многу повеќе“, рече Марјановиќ.
„Слушам дека даваат 400, 500 евра за глас“.
СНС не одговори на барањата за коментар во врска со обвинувањата на Марјановиќ, но Александар Вучиќ, основачот на партијата и кандидат за премиер, неделава негираше дека партијата плаќа за гласови, нарекувајќи ги тврдењата „лаги“.
Кога почнале протестите, Марјановиќ рече дека неговата задача била да го организира обезбедувањето на митинзите на СНС или на контрапротестите. Тој бил меѓу мажите што ги обезбедувале партиските простории на СНС во Нови Сад во ноќта меѓу 13 и 14 октомври минатата година, кога избија судири, а припадник на елитна воена единица испука куршум во воздух.
„И тогаш бев во првите редови, како и секогаш“, изјави Марјановиќ за БИРН.
„Таму ме удрија со шише во устата и со камен во ногата, но мислам дека тоа ми го направија момци испратени од нашата страна, односно наши луѓе“.
Односно, тој реферира на инфилтраторите, платени од партијата да предизвикуваат насилство што подоцна можело да им се припише на демонстрантите.
„Организиравме момци од други градови, кои не им беа познати на локалните жители, за да се инфилтрираат меѓу нив, да напаѓаат и да фрлаат камења и пиротехнички средства кон полицијата, за вината да им се префрли на студентите“.
Вооружени насилници
На 15 март 2025 година, околу 300.000 луѓе протестираа во центарот на Белград, барајќи одговорност за железничката трагедија во Нови Сад и распишување избори. Марјановиќ ги поминал двете недели пред протестот во камп, наречен Чациленд, што го поставиле поддржувачи на СНС во паркот меѓу зградата на претседателството и парламентот.
Во шаторите главно биле сместени вработени во државни компании, но околу нив имало и група мажи со криминално минато, задолжени да го штитат периметарот на кампот. Марјановиќ рече дека било сосема јасно што треба да прави: да го брани кампот со сите неопходни средства. Тој и неговите луѓе земале долги метални шипки, спрејови и фантомки од шатор во центарот на кампот.
„Немаше потреба да се навлегува во детали, се подразбираше што треба да се направи: ако дојде до судир… имаме сè што ни треба… И одиме до крај, без милост“.
Кога дошол 15 март, Марјановиќ рече дека бил во првите редови.
„Секој човек имаше претпоставен кој водеше група луѓе задолжени за одреден дел, за одреден простор, за одреден сегмент од оградата“, рече тој.
„Со оглед на какви луѓе имаше внатре, атмосферата беше во ред“, изјави Марјановиќ за БИРН.
„Некои дури и се надеваа дека ќе има проблеми“.
Марјановиќ тврди дека видел најмалку 100 луѓе во кампот вооружени со пиштоли, „кои, патем, воопшто не се ни обидуваа да ги сокријат“.
„Ги носеа пикнати одзади во појасот или закачени за ременот… Не стануваше збор за оружје со долга цевка, туку носеа револвери, и тоа не само неколкумина. Сигурно имаше околу 100 такви луѓе“.
На прашањето дали се плашел, Марјановиќ одговори: „Се разбира дека се плашев. Секој нормален човек би се плашел“.
Не се објавени фотографии од наводното оружје. Сепак, и други извори што анонимно разговараа со БИРН спомнаа дека некои од луѓето во кампот биле вооружени.
Платени во готовина

Преписка смеѓу Марјановиќ и Ненад Барац во врска со исплатите
Марјановиќ тврди дека полицијата била соучесник и дека полицајците „ги штителе луѓето во кампот и ја координирале работата со нив“. Тој рече дека слушнал еден полицаец како вели дека, доколку е потребно, би можеле да пуштат неколку демонстранти да влезат во кампот, за луѓето внатре „малку да ги натепаат“, како предупредување за другите.
Тој, исто така, тврди дека слушнал висок полициски функционер како им вели на луѓето: „Погрижете се да ги заштитите ушите во следните 15 минути“. Овие зборови дополнително ќе ги засилат тврдењата на демонстрантите дека полицијата употребила акустично оружје, предизвикувајќи стампедо. Владата постојано негира дека употребила такво оружје.
Марјановиќ рече дека за престојот во кампот добил 500 евра, а секој од неговите луѓе по 200 евра.
Петровиќ од Белградскиот центар за безбедносна политика смета дека кампот, стратешки поставен меѓу претседателството, парламентот, Собранието на градот Белград и јавниот радиодифузен сервис, практично бил „паравоена база за наводна одбрана на институциите од измислените закани што доаѓале од демонстрантите“.
Кампот, исто така, ги спречувал демонстрантите да се собираат на тоа место и служел како „логистичка база за насилни инциденти во Белград, насочени против студентите и граѓаните, но и против новинарите“.
Марјановиќ раскажува дека бил во „директна комуникација“ со Барац, директорот на новосадското претпријатие за греење „Новосадска топлана“.
„Земав пари директно од него и им ги исплаќав на момците што ги водев“, рече тој.
Парите биле во готовина и му биле предавани на Марјановиќ во просториите на „Топлана“.
„Кога тој [Барац] не беше таму, парите ме чекаа кај неговата секретарка“, изјави Марјановиќ за БИРН.
Тој процени дека од железничката трагедија во ноември 2024 година лично „извел“ меѓу 350.000 и 400.000 евра од канцеларијата на Барац. Во пораките разменети преку Ватсап меѓу Марјановиќ и Барац повеќепати се спомнуваат исплати. Барац одби да коментира за обвинувањата, прашувајќи само од каде БИРН добиле такви информации, пред да го прекине разговорот.
Марјановиќ тврди дека добивал и месечна плата преку посредничка агенција за вработување, ангажирана од „Лисје“, компанијата задолжена за градските гробишта во Нови Сад. Тој никогаш навистина не работел за „Лисје“.
Разделба
Марјановиќ почнал да се сомнева во соработката со СНС додека престојувал во кампот во центарот на Белград, кога морал да ги спречи луѓето од кампот физички да нападнат двајца млади луѓе што влегле во оградениот простор. Потоа, во март годинава, одбил да оди во градот Кула за време на локалните избори таму. Изборите беа обележани со присуство на десетици мажи со фантомки, вооружени со метални шипки.
Марјановиќ објаснува дека неговата ќерка е во раните дваесетти години, на приближно иста возраст како младите што излегуваат на улиците во протестите против СНС. Кога, на инсистирање на ќерка му, Марјановиќ посетил еден познат српски православен манастир во Црна Гора, донел одлука да се повлече, иако знаел што го чека.
„Дека ќе ми биде загрозена егзистенцијата“.
Тој се надева оти неговите „соборци“ ќе ја слушнат неговата исповед и ќе сфатат дека „сето ова оди во погрешна насока“.
По одбивањето да замине во Кула, Марјановиќ раскажа дека му се заканувале двајца активисти на СНС. Потоа, во мај, бил нападнат во Нови Сад. Марјановиќ ги идентификуваше напаѓачите како Бојан Михајловиќ, поранешен борец во мешани боречки вештини (ММА), и Владимир Жукиќ, кои и двајцата се поврзани со владејачката партија.
Тој го пријавил случајот во полиција, но од тоа не произлегло ништо. И Михајловиќ и Жукиќ одбија да коментираат.

