Незавршените балкански војни

Не само поради тоа што по својот календарски редослед е „сместен“ во предвечерието на Денот на македонското востание, 11 Октомври, туку, би рекол, поради стотици други причини, спомнувањето на еден од историските октомвриски датуми упорно се избегнува во македонската јавност, а мене ми се чини дека некако е проскрибиран и од официјалната македонска историја.

Иако, тврдам, дека станува збор за преломен момент, не само за реалноста што денес ја живее Македонија, туку и за целото нејзино опкружување.

Станува збор за 8 октомври 1912 година, денот кога Кралството Црна Гора ѝ објави војна на Отоманската империја и така го почна она што денес се нарекува Балкански војни. На пример, имам сведочено дека во мојот животен век, извесни групи го обележувале 9 октомври, денот кога во 1934 година, во Марсеј, убиецот на ВМРО, Владо Черноземски, го атентираше југословенскиот крал Александар (и францускиот министер за надворешни работи, Луј Барту, наводно како колатерална жртва).

Значи, се меморизира(л) еден чист терористички чин, чии последици се дополнителна репресија и скратувања на човековите права на овие простори. Но, нема сеќавање на настаните од почетокот на минатиот век, чии последици ги чувствуваме и денес.

Публицитет и злосторство

Разбирливо е што главниот наратив на македонската официјална историографија е дeка Балканските војни се најголемата катастрофа што се случила на македонскиот етнички простор и која довела до поделба на етничката територија што функционира и денес. Исто така, разбирливо е дека сојузничките држави во војната против Османлиите, значи Србија, Бугарија, Грција и Црна Гора ги сметаат овие војни (поточно Првата балканска војна) за ослободителни.

Главното мото на Првата балканска војна е токму тоа: „Да ги ослободиме христијанските браќа.“ Проблемот е во тоа што сите мислат (Црногорците најмалку) дека на овие територии живеат токму нивни браќа. Значи, грчки, бугарски или српски, сеедно (црногорските „браќа“ се најмалку заинтересирани за овој простор, иако „братството“ со нив нѐ врзува уште од времето на Цар Самоил, односно од легендата за Владимир и Косара, наводно првпат забележена во „Летописот на попот Дукљанин“, еден од најстарите црногорски записи, кој, според некои проценки, датира од 12 век).

А тоа, секако, доведува и до Втората балканска војна во 1913 година. Пократка, ама покрвава.

Балканските војни, барем во тој миг, се извонредно значајни, не само за завојуваните страни, не само за Балканот, туку за целиот свет. Тука се наоѓаат новинари од сите најзначајни весници од тој период. Тука се рускиот револуционер Лав Троцки, американскиот новинар Џон Рид (подоцна познат по книгата „Десетте дена што го потресоа светот“ за Октомвриската револуција), британскиот публицист и стручњак за македонското прашање, Хенри Ноел Брејсфолд, швајцарскиот новинар Луј Ајер, кој гине во битките кај Кукуш и многу, ама баш многу други.

Балканските војни се првите војни за кои се формирмира меѓународен мониторинг за проценка на евентуалните воени злосторства. Станува збор за меѓународната комисија, формирана од американската Карнеги фондација, која на 400 и повеќе страници, навистина открива бројни (би рекле и ужасни) злосторства врз цивили, особено на териториите на денешните Македонија и Косово.

Извештајот на Карнегиевата комисија е преведен на македонски и, колку што јас знам, не е преведен на ниту еден јазик на официјалните учеснички во оваа или овие војни. Разбирливо, зар не? Каков одек имале овие војни во европската (и пошироко) јавност, можеби најдобро говори податокот дека Првата светска војна (подоцна наречена Големата војна), на своите почетоци во 1914 година, во западните медиуми е именувана како Третата балканска војна.

Раѓање на злото

Зошто беа овие војни толку важни тогаш и зошто ми се мене и денес важни? Ако смеам да направам инверзија на славната мисла на Карл фон Клаузевиц, тогаш ќе кажам дека политиката е продолжување на војната со други средства.

Според мене, коренот на балканските војни може да се бара уште во втората половина на 19 век, односно веднаш по завршувањето на војната меѓу Русија и Отоманската империја и потпишувањето на мирот во Сан Стефано (денешна Турција, да нема забуни. Денес Сан Стефано е практично кварт во Истанбул, под име Јешилкјој, во близина на аеродромот „Ататурк“), кога независност добиваат Србија, Романија, Црна Гора и Бугарија.

Со тоа што Бугарија со овој договор буквално добива територија од Црно Море до Охрид (и нешто подалеку) и од Дунав до Егејско Море.

Ваквиот руски протекторат изгледа не им се допаѓа премногу на тогашните големи сили, па на Берлинскиот конгрес, истата таа 1878 година, значително се ревидира. Бугарија е практично поделена на јужен дел под османлиска управа и северен дел како самостојно кнежество. Но, фрустрациите остануваат живи. До денес, би рекол.

Со одлуките на Берлинскиот конгрес, се чини, никој не е задоволен. Србија, на пример, дефинитивно ги губи своите амбиции за ширење кон запад, односно кон Босна и Херцеговина, која станува австро-унгарски протекторат, а пресечен ѝ е патот до Дубровник и Бока Которска. Интересно за нас е дека токму тогаш се раѓаат идеите (и пропагандата) за таканаречената Стара Србија и за косовскиот мит, кој дотогаш бил сосема маргинален. Стратешката определба за ширење на териториите се „сели“ од запад кон југ. Грција и дотогаш практично е сведена на Пелопонез, а Црна Гора има аспирации кон Скадар и Метохија (Ѓаковица).

Тука треба да се каже дека балканските сојузници практично немаат прецизен договор за нивно разграничување по завршувањето на војната. Србија и Бугарија имаат некаков договор, но поголемиот дел од територијата на денешна Македонија е оставен на арбитража на рускиот монарх. Бугарија и Грција немаат никаков договор. Црна Гора и Србија, во тоа време се сметаат за две српски држави, така што меѓу нив тогаш и немало потреба за некое особено преговарање за евентуално разграничување.

Лондонската конференција од крајот на мај, со која е практично завршена Првата балканска војна, не решава ништо. Територијата на етничка Македонија е оставена да „виси“, односно за „натамошни преговори“.

Фрустрациите на Бугарите само се зголемуваат. Тоа е најсилната војска меѓу балканските сојузници. Се проценува дека Бугарите изгубиле околу 40.000 војници, што загинати, што починати од епидемиите во тоа време и дека уште сто илјади се ранети или разболени, односно надвор од стројот, што би се рекло. За споредба, Црна Гора во тоа време може да мобилизира максимално 35.000 војници.

И тоа е причината за Втората балканска војна, кога Бугарија ја напаѓа Србија. Во неа овојпат учествуваат и Романија (ја зазема Добруџа), а, исто така, и Османлиската империја (го враќа стратешкиот град Едрене). И Бугарија останува уште пофрустрирана. Резултат на овие фрустрации се нејзините (погрешни) избори со кого ќе биде сојузник во двете светски војни. А причина за тие избори е секогаш Македонија.

Будење на националната свест

Во таа смисла, мене најинтересно ми е освојувањето на Солун во Првата балканска војна. Врз него имаат претензии трите држави, и Србија, и Грција, и Бугарија. Србија, во еден момент, се откажува од овие претензии и својот излез кон море го бара преку денешна Албанија. Ваквата промена на стратегијата предизвикува две важни последици: вклучување на Грција во војните (и стратешко партнерство со Србија, кое датира од тие времиња) и создавањето на албанската држава како австро-унгарски проект (спречување на Србија да излезе на море на југот), во содејство со Италија.

Според некои извори, Австро-унгарија и Италија не можеле да се договорат кој од нив ќе владее врз албанскиот излез на Јадранско и Јонско Море, па „џентлменски“ се договориле да го овозможат создавањето на кралството Албанија. Важно е никој трет да не влезе во нивната зона на интерес.

Изворите велат дека во „трката“ кој прв од завојуваните страни ќе влезе во Солун, бугарската војска задоцнила само неколку часа. Командантот на солунскиот гарнизон, Хасан Тахин-паша решава градот да му го предаде без борба на грчкиот престолонаследник Константин. Постојат повеќе теории за оваа одлука.

Првата и најмалку веројатната е дека грчките трговци од Солун ги подмитиле турските властодршци, а втората, поверојатна, е дека Турците биле исплашени од приказните за бугарските ѕверства на освоените или ослободените територии, како ви одговара. Дополнително на ова е и фактот дека Грците дозволиле турската војска со нив да го повлече и нивното оружје, нешто што може тешко да се очекува од организираната бугарска војска. Како и да е, Тахан-паша го предава градот на Грција на 26 октомври 1913 година, а грчката војска влегува во него во следните два дена.

Постојат докази, а тоа го признаваат и дел од грчките историчари, дека во Солун, всушност, прва влегла четата на Јане Сандански, таканаречената сереска група. Неговите доброволци, иако во одредени моменти биле во координација со бугарската војска, дејствувале самостојно и го почувствувале мигот за создавање сериозна автономна Македонија во рамките на Османлиската империја или за создавање посебна единка во рамките на некоја идна балканска федерација.

Меѓутоа, Јане Сандански нема свој државен ентитет зад себе и на крајот излегува дека бадијала биле овие негови воени напори.

Кој е резултатот на Балканските војни? Црна Гора го проширува својот територијален простор. Србија драматично ја проширува својата територија, а Грција речиси ја удвојува. Бугарија практично губи голем дел од она што го освоила во Првата балканска војна.

За Македонија, овие војни се битни затоа што токму поради нив тука се зацврстува националната свест, односно дека сме нешто посебно. И дека не сме ниту Бугари, ниту Срби, а секако не Грци. Во таа смисла не помогна ниту агресивната српска колонизација на овие простори, а се чини не помага ниту бугарската пропаганда, која трае, ете, до денес. Иако, сведочиме и самите, балканските војни траат и денес, само со други средства.

Затоа јас лично си го обележувам 8 октомври, датумот со кој почна поделбата на македонската територија, но и датум кога конечно и дефинитивно се осознавме како посебен субјект.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија