Извештај

Владата со бруто-отчет за прославата, деталите доверливи

Презентиран финансискиот извештај од организаторот Авалон

Речиси 2,1 милиони евра чинеле 67-те музички артисти и уметници што учествуваа на прославата на независноста, сума во која се вклучени и хонорарите на светски познатиот ди-џеј Давид Гета, славниот оперски пејач Хозе Кареас и другите македонски и странски естрадни имиња, кои беа дел од уметничкиот дел од програмата.

Остатокот до 5,4 милиони евра биле потрошени на организација и на логистика.

Ова на денешната прес-конференција во Владата, меѓу другото, го соопшти Александар Климовски, директорот на Државна лотарија, која е генерален спонзор на прославата, обезбедувајќи 300 милиони денари или приближно пет милиони евра – односно доминантиот дел од предвидениот буџет.

И за време на најавите и во екот на прославата долго време не се знаеше кој е спонзорот на предвидените настани зашто Владата го криеше тој податок сè до завршувањето на концертот на Давид Гета, неколку дена по 8 Септември и дури откако БИРН откри дека главниот спонзор, всушност, е акционерското друштво Државна лотарија.

Климовски заедно со владината портпаролка Марија Митева денеска го презентираа извештајот од прославата приложен од агенцијата „Стардаст“, која стои зад промотерската куќа Авалон. „Стардаст“ пролетоска била избрана да ја организира прославата, откако само оваа компанија се јави на огласот што траеше пет дена по што во рок од само неколку дена Авалон и Митева го најавија настапот на Гета.

Директорот на Лотарија на денешниот прес се концентрираше на финансискиот дел од извештајот, притоа потенцирајќи дека тој документ ги содржи само вкупните трошоци во пет различни сегменти од прославата.

Меѓутоа, како што кажа тој, Државна лотарија нема право да ги поседува и ги нема поединечните договори за хонорари меѓу „Стардаст“ и артистите и меѓу „Стардаст“ и фирмите-подизведувачи и затоа не може да ја провери нивната веродостојност, иако тој, како што кажа, верува во она што е презентирано во извештајот.

„Државна лотарија не може да влезе во тие договори, тие се базирани на доверливост. И доколку го направиме тоа, може да се соочиме со тужби“, рече Климовски.

Покрај овие 2,1 милиони евра што биле потрошени на уметниците, нешто повеќе од 860.000 евра отишле на 21 компанија-подизведувачи, кои се грижеле за звукот, светлото и сличната логистика при организирање на вкупно 18-те настани што се одржаа летоска. Околу 1,5 милиони евра биле потрошени на техничката инфраструктура во која спаѓала и аудио-визуелната опрема за сите настани. А, за превоз, сместување и ноќевање на уметниците или, како што рече директорот на Лотарија, за крвотокот на настанот, се одвоиле 950.000 евра.

Брендирање на локациите и целиот маркетинг чинеле приближно 47.000 евра, што за Климовски е знак за скромно и домаќинско работење.

Генерално, тој смета дека трошоците за, како што го нарече, овој колосален проект биле во рамките на реалните пазарни вредности.

Настаните по повод независноста предизвикаа внимание во јавноста не само поради тоа што долг период не се знаеше за трошокот за нив, туку и поради начинот на кој државата одлучила дека токму на овој начин треба да се прослави празникот. БИРН неделава, повикувајќи се на извештајот од владината седница на која е донесена одлуката, објави дека, всушност, организациски одбор составен од Владата ги дал конкретните насоки за настаните.

Веднаш потоа Државна лотарија реагирала брзо, па само за десет дена по седницата го склучила договорот со „Стардаст“. Во тој период бил и распишан огласот, разгледана понудата од стотина страници и донесена одлуката.