Извештај

Избледените „зебри“- последица на тендери без стандарди

Истражување на Центарот за граѓански комуникации

Се обидувате да преминете улица во скопска Кисела Вода, во близина на основното училиште „Кузман Јосифовски-Питу.“ Знаете дека таму отсекогаш имало пешачки премин, меѓутоа одвај ги забележувате белите ленти што треба да го означат.

Избледени се, па речиси и како да ги нема. Кога ќе ги здогледате, поминувате со страв, бидејќи знаете дека возачите во движење уште потешко ги забележуваат.

Ова е само еден пример за улици каде што речиси невидлива е хоризонталната сигнализација, проблем кој може да ги доведе во опасност сите учесници во сообраќајот.

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), денеска објави анализа на јавните набавки, кои меѓу другото се однесуваат и на обележување на „зебрите“, во 81 општина за периодот меѓу 2023 и 2025 година. Податоците до кои дошле покажуваат дека дури 46 општини воопшто не спровеле тендери за хоризонтална сигнализација.

Но, истражувањето покажува и дека избледените пешачки премини низ државава не се само последица на нередовните набавки, туку и на тоа што локалните самоуправи често и не инсистираат на квалитетот и стандардите при спроведувањето на јавните набавки.

Тоа значи дека никој не контролира колку квалитетна боја се користи, ниту, пак, колку време таа ќе издржи врз асфалтот.

Само седум општини барале стандарди

„Изработка на пешачки премини со боја за патишта“, ова е единствената спецификација, која во тендерската документација ја објавила Општина Гази Баба и склучила договор за бележење со бела боја. Набавката ја чинела општината 295 денари за квадратен метар.

Оваа скопска општина е само една од многуте, кои во тендерите не поставуваат никакви други барања преку кои би се гарантирал квалитетот.

Всушност, оние што поставуваат услови се бројат на прсти. Конкретно, од 18 општини и јавни претпријатија што спровеле тендер за набавка на услугата за бележење на пешачки премини и други ознаки на улиците, во дури 11 општини (Берово, Крива Паланка, Делчево, Гази Баба, Кисела Вода, Прилеп, Сопиште, Тетово, Дебар, Ресен и Ѓорче Петров) не е даден никаков опис на бојата што треба да се користи, односно најчесто се користи терминот „боја за патишта.“

„Тоа значи дека изведувачот може да употреби каква и да е боја и формално да го исполни договорот, без никаква одговорност за тоа колку ќе траат линиите на улицата“, наведуваат од ЦГК.

Поништена постапка во Скопје

Ладната пластика е поиздржлив матријали, но не се користи често | Фото: БИРН

Исполнување некакви услови или стандарди, сепак, барале јавните претпријатија на Скопје, Велес, Кавадарци, Битола, Радовиш, Штип и на Илинден.

Во случајот со Скопје, пак, работата околу тендерот се комплицира. ЦГК нотира дека јавното претпријатие „Улици и патишта“, лани пролетта спровело тендер составен од три дела. Во првиот набавувале боја за патишта, разредувач и стаклен перлит, во вториот самолеплива лента, додека во третиот ладна пластика.

Претпријатието склучило договор за првите два дела, додека била поништена постапката за ладна пластика, која претставува најквалитетен материјал за обележување на „зебрите“ зашто најдолго трае, има одлична ноќна видливост и не е лизгав. Обично ладната пластика се аплицира врз асфалтот на големите градски булевари.

Сега е во тек трета постапка.

„Тоа укажува дека повторените неуспешни постапки за набавка на ладна пластика можат директно до го нарушат континуитетот во снабдувањето со овој клучен материјал за хоризонтална сигнализација, поради што обележувањето на улиците во Град Скопје не може да се изведува ниту со предвидениот квалитет, ниту со потребната динамика“, наведуваат од ЦГК.

Други општини, пак, набавувале и бела боја и стаклен перлит, материјал што треба да ѝ ја зголеми видливоста на хоризонталната сигнализација во ноќни услови. И во овие набавки секогаш не се барале стандарди за квалитет.

Попрецизен опис имаат наведено Петровец, Кичево и Гостивар.

„Општината што дала технички карактеристики на бојата за бележење и стаклениот перлит, а тоа е Општина Петровец, има пониска цена од општините што не го дефинирале квалитетот на белата боја и перлитот, односно Кисела Вода, Прилеп, Сопиште и Тетово“, заклучуваат од ЦГК.

Анализата на цените на спроведените јавни набавки во сите општини открива ценовни разлики и до четирипати.

Бојата е купувана за цени од 132 до 296 денари за еден килограм, додека, пак, цените за услугите за бележење со бела боја и стаклен перлит се движат меѓу 281 и 802 денари за квадратен метар.

Најевтина боја платило скопско јавно претпријатие, а најскапа штипското. За стаклениот перлит, најмалку платила Општина Петровец, а најмногу Гостивар.

Ваквата ситуација, односно немањето стандарди и потенцијална нееднаква примена на обврските за хоризонталната сигнализација, од ЦГК сметаат дека сугерира потреба од појасно дефинирани обврски, унифицирани практики и поактивно следење на реализацијата на ваквите набавки на општинско ниво.