Заокружен е процесот на институционална заштита на македонскиот рубин, минерал кој претставува непроценлив дел од природното, геолошкото и културното наследство на Македонија, соопшти денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на брифинг со медиумите.
Ова е прв пример државата да заштити еден минерал како автентичен, со географско потекло. Тоа е статус што ќе овозможи поголема контрола на неговата експлоатација, обработка и продажба, и поголема гаранција дека тоа што се продава на пазарот и на интернет како македонски рубин е навистина минералот корунд од околината на Прилеп.
БИРН, пред две години, пишуваше како со децении се градат големи, но нерегулирани бизнис-шеми со овој скапоцен камен. Тој се наоѓа како нус-производ при експлоатацијата на мермер, а оттаму тргнува низ разни неформални или полуформални канали до купувачите. Стигнал и во рацете на холивудски ѕвезди што присуствувале на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ и на римските папи на кои им бил подаруван при државнички посети, без притоа да поседува државен документ за потврда на автентичноста.
Прашањето за експлоатацијата на рубинот го отвори Државниот завод за ревизија во извештајот за експлоатација на минералните суровини, главно посветен на мермерот и на несразмерното богатење на концесионерите на наоѓалишта на мермер, споредено со процентот што го добива државата. Во мал дел од овој извештај, на 114 страници беше наведено дека, иако со рубинот има економски активности, тој не е ни регистриран како минерал, и државата од неговото искористување не добива ништо.
Министерството за енергетика, во септември минатата година најави дека ќе почне процедура за да го заштити македонскиот рубин. Во денешното соопштение се вели дека таа постапка е завршена и сега корундот има статус на национален полускапоцен камен.
Од Министерството објаснија дека потфатот бил комплексен, бидејќи државата првпат поминала низ процедура да заштити еден минерал и за тоа била потребна координација на повеќе институции и експерти. Во процесот учествувале Геолошкиот завод, Заводот за индустриска сопственост, државниот советник за рударство, Филип Петровски, и тим од Министерството, како и долгогодишниот промотор и преработувач на македонскиот рубин, Дејан Шкартов-Деко.
Божиновска најави дека Министерството ќе продолжи со заштитата и на други уникатни минерални богатства, меѓу кои и одредени видови македонски мермер.
Во соопштението се додава дека македонскиот рубин претставува геолошки и естетски уникат – корунд со препознатлива малиново-розова боја, создадена поради присуството на хром во неговата кристална структура. Неговата посебност лежи и во фактот што се среќава исклучиво во околината на Прилеп и планините на Мариово, што го прави единствен природен рубин во копнената Европа што се обработува локално.

