Природонаучниот музеј Скопје годинава одбележува еден век постоење и одржување на мисијата што ја поставил југословенскиот биолог Станко Караман, а тоа е природата и образованието да бидат достапни за сите.
Работата го донела Караман во Македонија, на почетокот од 20 век за да ги проучува комарците, кои ја пренесувале маларијата. Три години подоцна се вратил во Скопје и иницирал да се основа зоолошки музеј, зачеток на она што денес го знаеме како природонаучен музеј и како скопската Зоолошка градина.
Неговиот портрет денес виси во канцеларијата на актуелниот директор Ивица Заркадов, економист, кој во музејот работи речиси 27 години.
„Магистрирав нешто што ретко го има, финансирање и управување на природонаучен музеј. И така влегов во приказнава“, почна да раскажува тој додека во заднина се наслушнуваа звуци од жителите на Зоолошката градина.
Сосема спротивно во музејот владееше мртва тишина.

Природонаучниот музеј во Скопје | Фото: БИРН
Музејот функционира како национална установа, со задача да го проучува, заштитува и да го презентира природното богатство на Македонија. Според големината, изгледа скромен, спореден со европските, но на двата ката низ 168 витрини и низ 132 мали и големи диорами се прикажани околу 4.000 примероци од македонскиот природен свет.
Музејската зграда веќе покажува знаци на дотраеност, но и во тие скромни услови во кои функционира, управата и биолозите ја сочувуваат историјата на македонскиот биодиверзитет.
Природонаучниот музеј Скопје е меѓу 95-те институции, кои годинава добија владини средства за да одбележат значајни јубилеи. Министерството за култура и туризам, пак, годинава на музејот му додели двојно поголем буџет на музејот за проекти, а од лани има и нови вработувања.
Сочувана приказната за Македонија како савана

Остатоци од мастодон и препарирани птици-грабливки и риби | Фото: БИРН
Од самиот почеток, изложбата ве воведува во палеонтолошкиот свет, од каде што набргу сфаќате дека територијата на Македонија пред милиони години, всушност, била една мала савана.
Во дрвена витрина обложена со стакло гледате директно во череп што некогаш припаѓал на сабјест тигар, праисториски предатор со долги и заоблени заби. Веднаш до него се поставени заби, долги и повеќе од четири метри што ги имал мастодонтот, предок на денешните слонови.
Низ просторијата има и остатоци од черепи и коски на мајмун, антилопа и на носорог.
Најголемиот дел од експонатите се животински видови, кои сѐ уште егзистираат на нашите простори или од не многу одамна важат за изумрен вид, тие всушност се препарирани верзии на веќе угинати животни. Изложени се во диорами, кои преку макети и цртежи имитираат сцени од природниот пејзаж.

Директорот на музејот, Ивица Заркадов | Фото: БИРН
Таков пример е сцената што треба да го претставува островот Голем град во Преспанско Езеро. Меѓу вештачки карпи и треви се прикажани змиите, кои овде се најгусто населени.
Во друга диорама, пак, има сцена што преку цртеж навестува дека се работи за висок карпест предел, а внатре се прикажани препарирани мршојадци како се хранат со остатоци од дива коза.
Меѓу витрините со птици што живеат во Македонија, се и оние што не можат повеќе да се најдат, како црниот и брадестиот мршојадец.
И од светот на флората има ендемични видови, како двата вида темјанушки, кои може да се најдат само во околината на рудникот Алшар, како и малото ендемично лале – тулипа маријана, кое расте на неготинско Орлово Брдо.
Посебен впечаток остава делот со големите препарирани ѕверки, кои, и покрај тоа што се зад стакло, ви треба време да се осмелите да им се доближете. Меѓу кафеавата мечка, волкот и дивата мачка, може да се погледне и рисот, кој кај нас е под строга заштита.
Дел од витрините веќе покажуваат знаци на дотраеност. На делови од плафонот има знаци дека некогаш протекол, додека дел од описите со информации се оскудни и напишани само на македонски и на латински јазик.
Образовната улога на музејот

Мршојадци, загрозениот рис и ретки пеперутки | Фото: БИРН
Лилјана Стефановска е биолог, кој веќе 20 години работи како музејски педагог. Таа ги води едукативните тури низ музејот, најчесто со ученици. Овојпат, нѐ прошета и нас.
Се задржавме пред витрините со пеперутките, каде што во една од нив се наоѓа и Аполоновата пеперутка. Со восклик реагираа и десетина ученици, кои со наставничката го посетуваа музејот тој ден. Ги потсетуваше да не допираат, туку само да разгледуваат.
Аполоновата пеперутка, во природата може да се најде на планините, како Шара или Галичица, има карактеристични точкести, колоритни крилја. Но, таа е загрозен вид, чија популација е во постојан пад поради човечките активности.
Во соседната витрина, пак, беше ноќниот пауновец, најголемата пеперутка во Македонија, кој може да порасне и колку една дланка.
Установата, годишно ја посетуваат од 10.000 до 12.000 посетители. И тоа главно се организирани тури на ученици од целата држава.
Музејот, посебен акцент сака да стави и на едукацијата, а таа, како што вели Стефановска, не е наменета само за најмалите. Потребата од подобро информирање на јавноста ја оправдува со проблемот на ширење неточни информации.

Музејскиот педагог Стефановска ги води турите | Фото: БИРН
Како пример спомена видео што периодов се прошири на социјалните мрежи, наводно со балкански рис виден во природата, но, всушност, тоа било дива мачка.
Возрасните посетители, пак, главно странски, пишуваат позитивни критики на онлајн-платформите, и покрај пропустите што ги посочуваат за музејот. Еден од нив дури и го нарекува „мал скриен бисер“ во својата оценка на Гугл.
Но, повеќе од гледањето слики и фотографии, за странските посетители тешко оди информирањето кога нема превод на англиски јазик, некои делови од диорамите и просторот се недоволно осветлени и нема постојано присутен водич, кој би објаснувал.
Водичот следува само за организирани групи, и тоа со најава неколку дена однапред, објасни Стефановска.
Токму затоа, вели директорот Заркадов, се обидуваат да ги менуваат работите. Според него, уникатно за музејот е што изложените експонати во постојаните изложби се оригинали.
Она што се гледа во изложбите, всушност, е само еден процент од целата колекција на Природонаучниот музеј. Таа брои околу 380.000 примероци, кои се чуваат во депото на музејот. Тие се одржуваат и се обработуваат од стручниот кадар, кој, пак, се мачи да постигне сè.
Во овие простории се чуваат, од збирки на пеперутки собрани уште во 30-тите години на минатиот век, до остатоци од мастодонот – предок на денешните слонови, пронајден во неготински Долни Дисан, во 2018 година.
Музејската дејност е само 10 отсто од тоа што го работи оваа установа.
„Ние се занимаваме со наука“, потсети Заркадов.
При обиколка на дел од канцелариите каде што работат биолозите, во Одделот за палеонтологија, на работната маса, меѓу остатоците од гипс, алат и ракавици, стоеше фосил што треба да се исчисти.
„Тиквешијата и Велес се многу богати со палеонтолошки материјал“, забележа Заркадов.
Во соседната просторија, пак, имаше препарирано мече, кое, како што посочи Заркадов, полицијата им го донела пред неколку години, откако било згазено. До него стоеше моделот што се ваја со глина и врз тоа се става кожата за да се добие конечниот резултат.
Многу планови, малку пари

Лабораторијата во музејот | Фото: БИРН
Токму наоѓање препаратор е еден од поголемите предизвици. И за тоа нема школо, па се бара од нешто што би било сродно, како Факултетот за вајарство и ликовната академија.
Во холот на музејот кусо го пресретнавме и поранешниот препаратор Македон Петличаров. Во музејот работел уште од 1970-тите, но веќе 20 години е во пензија. Вели оти сака да доаѓа за да ги подучува новите.
На оваа позиција сега имаат вработен, но се надеваат дека ќе најдат уште еден откако еден конкурс веќе пропаднал во минатото.
Во моментов, работата на музејот се потпира на 26 вработени.
„Кубуриме со стручен кадар во некои одделенија. Ни недостигаат биолози“, додава тој.
Лани во музејот се вработиле 10 нови лица, а во 2026 години уште едно лице се приклучило на тимот, потврдија од Министерството за култура и туризам. Оттаму, за БИРН, велат дека најголемиот дел од нив се стручен кадар.
Заркадов, пак, вели дека на музејот му е потребен голем број биолози, бидејќи како што појаснува, секој од нив работи на конкретен вид од природниот свет и дека не може секој од нив да се посвети на сѐ.
„Имаме експонати што се по 100 години стари, и ако нема биолози што ќе ги одржуваат, може да ги снема. Значи нема да знаеме што сме имале или, пак, да се грижиме за тоа што го имаме да го зачуваме“, загрижен вели Заркадов.
Природонаучниот музеј е под закрила на Министерството за култура и туризам, што значи дека главните средства, како платите и трошоците за научната работа, доаѓаат оттаму.

Подготовка на експонати | Фото: БИРН
Министерството за култура и туризам, оваа година на Природонаучниот музеј му додели нешто повеќе од 37.000 евра за осум проекти, што е двојно поголем буџет од лани, кога изнесувал речиси 16.000 евра.
Меѓу нив се и две патувачки изложби, кои ќе бидат претставени во Белград, како и гостување на изложбата „Фосилите како одраз на минатото“ од Природонаучниот музеј во Белград.
Од Министерството го споменуваат и издавањето на книгата „Палеонтологијата во Македонија.“ Сепак, Заркадов посочи дека авторите на книгата не зеле хонорар, туку волонтерски работеле на неа.
Во иднина, желба им е музејот да биде и поинклузивен, па се во подготовка на Браево писмо. За коментарите околу немањето превод на странски јазик, Заркадов вели дека работат на тоа, но дека не е едноставна работа.
„Тоа е како кога ви треба мислење од три доктори. Не смееме да си дозволиме грешка.“
Но, музејот изнаоѓа средства и преку разни соработки и донации.
Една таква е и донација од банка од 150.000 евра за изградба на интерактивна „Магична соба“ со 3Д изложби и филм за постанокот на Земјата.
А, за да ја средат електриката во диорамите, каде што светилките се дотраени, побарале донација од ЕВН. Сакаат и амфитеатарот повторно да го направат киносала и да постават фотоволтаици за помали трошоци за струја.
Планираат да донесат и изложба на диносауруси од Аргентина. За оваа изложба ќе треба да најдат објект, кој ќе биде четири метри висок и барем 500 квадратни метри голем.
При излегување, во холот од музејот, ве испраќа слика на која е исцртан развојот на човештвото, од мајмун до хомосапиенс. Секоја витрина во музејот, всушност, раскажува своја верзија на еволуцијата на животинските видови во Македонија.
Токму тоа би била и визијата на биологот Станко Караман. Овој музеј да биде едукатор, каде што секој агол е училница за новите генерации.

