Анализи

Случај „Дрисла“: Ни радиоактивен отпад, ни денар инвестиција од Италијанците

Потпишување на договорот тежок 73 милиони евра, април 2013 | Фото: МИА

Изјавата на скопскиот градоначалник Петре Шилегов за можниот радиоактивен отпад во Дрисла крена паника минатата недела и премиерот Зоран Заев побрза да ја смири топката, објаснувајќи дека такво нешто, сепак, нема на скопската депонија.

Во таа несреќно срочена изјава на Шилегов за Телевизија 24, која згора на сѐ останатите медиуми лошо ја пренесоа, акцентот на градоначалникот беше врз улогата на италијанскиот партнер во менаџирањето со Дрисла. И токму за тој дел од работењето на депонијата, Шилегов најави ревизија.

Во исчекување на она што Шилегов ќе го дознае при увидот во Дрисла, БИРН открива дека Италијанците не инвестирале ниту приближно колку што најавија.

Фирмата што оперира со депонијата, „Дрисла“ ДОО од 2013 е јавно-приватно партнерство меѓу Градот Скопје и анонимната италијанска компанија „ФЦЛ Амбиенте“. Италијанците се 80 проценти сопственици на фирмата, а градот само 20.

Градот во 2012 година ја избра „ФЦЛ Амбиенте“ на тендер што германската компанија „Шолц“ до ден-денешен го спори на суд. Истражувањето на БИРН од 2014 година откри оти италијанската фирма нема искуство во ова поле и е формирана само неколку дена пред крајниот рок за доставување понуди.

Производството на струја остана на хартија

Сметот требаше да биде алтернативен извор на електрична енергија | Фото: БИРН

Добивајќи го тендерот тие ветија дека до крајот на 2016 ќе ја запечатат постојната депонија и ќе изградат нова, ќе направат постројка за третман на медицински отпад и дека камионите за собирање смет ќе ги мијат во автоматизирана пералница и оти ќе инвестираат во нови механизација, опрема и административна зграда.

Сето ова требаше да чини околу 36 милиони евра, што е половина од целата најавена инвестиција, меѓутоа официјалните бројки на „Дрисла“ ДОО покажуваат дека нетековната вредност на компанијата, сумата која е најблиска до инвестицијата, пораснала за само два милиона евра во овој период од три години.

Нема нова механизација и опрема, ниту, пак, нов административен објект, камионите сѐ уште рачно се мијат, за постројката за медицински отпад е направена само хала, додека проектот со запечатување на депонијата и производство на струја е почнат, меѓутоа е далеку од готво.

Идејата е да се затвори половина од 35-хектарската депонија со еден вид пластеници, така ќе се создадат услови органскиот отпад да испушта гас-метан, кој потоа ќе се согорува и од топлинската ќе се произведува електрична енергија.

Ангелов: „ФЦЛ Амбиенте“ нема увезено отпад

Претпоставка е дека ако во Дрисла би имало радиоактивен отпад, тој најверојатно би бил увезен и извршниот директор на компанијата, Горан Ангелов, за БИРН уверува дека „ФЦЛ Амбиенте“ не увезле отпад во Македонија. БИРН во 2014 откри дека „ФЦЛ Амбиенте“ ја нудеше скопската депонија како дестинација за отпад од Италија.

„Имаа обид, меѓутоа Министерството за животна средина не им дозволи“, вели Ангелов.

Оваа постројка за производство на струја кога би била готова би имала моќност колку четири мали хидроцентрали.

Сознанија на БИРН ги потврдува и извршниот директор на „Дрисла“, Горан Ангелов.

Тој потенцира дека, сепак, италијанскиот партнер во овој период не извлекувал пари од компанијата, како што се шпекулираше, туку годишната добивка ја реинвестирал во депонијата.

„Италијанците беа подготвени уште летото во 2013 да инвестираат, сѐ беше готово да вложат шест милиони евра, меѓутоа почна судскиот спор што го покрена германската компанија, која изгуби на тендерот“, вели Ангелов.

Несигурноста поради долгогодишниот судски процес, според него, била главната причина зошто нема ништо од странската инвестицијата во „Дрисла“.

Далеку од реализација се и проектите ветени за до крајот на годинава, како, на пример, Фабриката за РДФ – алтернативно гориво, проект што претставува срце на најавената инвестиција и чини дополнителни 21,4 милиони евра.

Идејата е фабриката да го селектира отпадот, односно да ги отстранува металот и  пластиката и она што ќе остане да се процесуира во посебна печка, која на крајот ќе произведува РДФ, цврсто гориво налик на јаглен со калоричната вредност на дрвото бука.

Тоа гориво најчесто се користи во индустријата и кај нас лиценца за користење на РДФ има скопската Цементарница.

Токму оваа постројка е причината зошто „ФЦЛ Амбиенте“ била фаворитот пред „Шолц“, бидејќи печката што Италијанците ја ветиле го произведува РДФ-горивото за 17 минути, додека овој процес кај Германците траел дваесетина дена.

Меѓутоа, денес од овој проект има само елаборат.

„ФЦЛ Амбиенте“ доби плус време за инвестиции

Во Дрисла нема увозен отпад | Фото: БИРН

Интересно е дека поради судските одлуки што го враќаа партнерството на „ФЦЛ Амбиенте“ на повторно одлучување во Советот на Град Скопје, од 3 март годинава италијанската компанија има нов договор со градот и поради тоа предвидените 35 години концесија течат од овој датум.

Оваа компанија на тендерот во 2012 се јави во конзорциум со италијанскиот гигант „Униеко“, кој има искуство во менаџирањето со отпад, меѓутоа оттогаш наваму не е јасно која е улогата на вторава фирма во проектот со кој требаше да се осовремени скопската депонија.

„Униеко“ ја нема во сопственичката структура на „Дрисла“ ДОО, таму се само „ФЦЛ Амбиенте“ и Градот Скопје.

Без искуството на „Униеко“ во екологијата и во градежништвото, како и профитите и обртите поголеми од 500 милиони евра, „ФЦЛ Амбиенте“ не би можела да победи на тендерот.

Тоа е така, бидејќи „ФЦЛ Амбиенте“ е во сопственост на  мрежа на компании на фирмата Ферацоли С.П.А., која според трговскиот регистар е мала компанија и работи како „финансиски посредник“, а во 2012 година имала обрт од 310.744 евра и профит од 7.715 евра.

Италијанците во партнерство со Градот Скопје ја поседуваат фирмата која ја менаџира со депонијата, додека имотот на депонијата вреден околу 15 милиони евра, во кој спаѓаат земјиштето и објектите, е во рацете на државата, меѓутоа градоначалникот Петре Шилегов на неговото последно интервју за Телма најави дека градот ќе ја врати во целосна сопственост и фирмата „Дрисла“.