Не го следам Светското првенство во фудбал. Всушност, воопшто не следам ни фудбал. Во ред, лажам малку, бидејќи знам да погледнам некој натпревар на македонската фудбалска репрезентација или некој друг натпревар за кој ќе проценам дека може да ми биде интересен.
Впрочем, во светот во кој живеам е прилично тешко да се изолира човек од „најважната споредна работа на светот.“
Сакал или не, налетувам на него во медиумските извештаи, во кафеаните и кафулињата со огромни лед-екрани, по социјалните мрежи, во разговорите со пријателите и посредно преку бројните и особено посетени обложувалници, така што, сепак, сум информиран на некое базично или рудиментирано ниво.
Да се разбереме, немам ништо против фудбалот како некој вид детска, да не кажам инфантилна забава, која го придвижува адреналинот и буди некакви компетитивни страсти што му се иманентни на човечкото суштество. Напротив.
Во таа смисла сметам дека фудбалот, како и другите спортови со топка (кои се, исто така, репетитивни и инфантилни и суштински непотребни како професии со кои се занимаваат сериозни луѓе), е неопходен за разбивање на монотонијата во и онака неподносливо репетитивниот свет.
Дувло на корупција
Но, одамна сфатив дека кога фудбалот прераснува во професија, некој вид занает што инклинира кон неверојатно вносен глобален бизнис, целата забава ја претвора во дувло на корупција, криминал, модерно робовладетелство, погрешно идолопоклонство, политикантство и воопшто на уште куп други гревови што човек може да си ги замисли. Сметам дека професионалниот фудбал и сето она што се врти околу него е далеку од некаква витешка игра токму онолку колку што е небото далеку од земјата.
А, искрено, во детството, па и во младоста, сакав фудбал. Барем онолку колку што го сакаа и моите врсници. Но, првото Светско фудбалско првенство што сериозно го следев и за кое собирав и сликички, беше воедно и последното што го гледав со интерес. Тоа беше Светското првенство во Минхен во 1974 година. Во ред, тогаш на првенството се квалификуваа само 16 репрезентации што целиот турнир го правеше многу подинамичен и со самото тоа поинтересен за гледање.
Веќе со победата на Југославија против Заир со девет спрема нула, работите ми станаа сомнителни. Заир, кој тогаш го предводеше нашиот Благое Видиниќ, беше далеку од нивото на југословенската репрезентација, но, сепак, не толку далеку. Видиниќ, уште во првото полувреме го замени заирскиот прв голман со резервниот и потопот на неговите фудбалери не можеше да се спречи. Тоа беше единствениот натпревар што Југославија го доби на тоа првенство и благодарение на „набиената“ гол разлика помина во следната фаза, каде што ги изгуби сите три натпревари.
Дека нешто не е во ред со целата работа беше и скандалот кога југословенските репрезентативци Владислав Богичевиќ и Владимир Владиќ го украдоа југословенскиот службен автобус и со него се возеа низ Минхен. Тогашните медиуми, меѓу другото, пишуваа дека станува збор за некој вид протест против состојбите во ју-репрезентацијата и воопшто во југословенската делегација.
На следното Светско првенство (Аргентина 1978), Југославија не се пласираше, а јас веќе имав некои други приоритети во мојот адолесцентски живот. Се решив да му дадам шанса на фудбалот на првенството во Шпанија во 1982 година. Но, тоа траеше кратко. Сѐ до натпреварот меѓу Шпанија и Југославија, кога извесен дански судија Соренсен, ако не се лажам, досуди веројатно еден од најскандалозните пенали во историјата на светските првенства. Во полза на Шпанија, се разбира. За прекршок направен надвор од шеснаесетникот. Тогаш го исклучив телевизорот.
А фудбалот, оној професионалниот, го исклучив од мојот живот некоја година подоцна. Поточно во 1986 година, односно по таканаречената „афера Шајбер“: Тогашниот претседател на Фудбалскиот сојуз на Југославија, Славко Шајбер, тогаш го поништи целото последно коло на првата југословенска фудбалска лига.
Дури 12 клубови од прволигашкото друштво беа казнети со по минус шест бодови на стартот на следното првенство.
Тоа му овозможи тогаш на Вардар (кој не беше осомничен во аферата и не беше казнет), следната година прв и последен пат да стане шампион на Југославија. Треба да се напомене дека тогаш победа во еден натпревар носеше два, а не три бода како што е сега, така што Вардар имаше сериозна предност од самиот почеток на следната сезона. Во таа смисла, сите оние скандали, судски процеси, корупции и разно-разни обвинувања што следеа потоа во светскиот, па и во македонскиот фудбал прекинаа да ме интересираат.
Навивачки атавизам
И не само што не ме интересираа, туку почнав со голема доза на критичност, па и нервоза да гледам на сѐ што се случува во и околу фудбалот. На пример, секогаш ме нервирале оние навивачки ритуали. Во контекст на навивачите, направени се сериозни студии за „однесувањето на крдото“, за „стеснетата свест“ и за анималниот карактер на групата. Навивачите, поточно навивачките групи, во суштина секогаш биле „корисни идиоти“ за остварување нечии лукративни, многу често политички цели.
Во таа смисла, склон сум да се сложам со хрватскиот публицист Игор Мандиќ (кој, патем речено, има многу полошо мислење за фудбалот како игра од мене). Тој вели дека мажите уште како деца првин се воспитуваат да бидат добри навивачи, а потоа сѐ друго. Преку навивањето и верноста на клубот, тие се тренираат да бидат добри и дисциплинирани војници во служба на општествениот поредок.
Мандиќ вели дека навивачите се најдобрите и најголемите слуги на кој било (капиталистички) режим. Речиси без исклучок станува збор за моносексуални групи, чии ритуали покажуваат исклучителна одбојност кон другиот пол.
Од друга страна, фудбалот, според Мандиќ, може да се толкува и како некакво квази-продолжение на семејството. Ние би рекле на чување на тие фамозни традиционални вредности. За него, голманот е симбол на мајка, жена, девица и сите други се должни него да го штитат од противничките напаѓачи. Во таа смисла, секој гол е, всушност, забивање во семејната интима од страна на некој странец.
Момент на среќа
Ќе бидам контрадикторен кога ќе кажам дека, сепак, ми е криво дека Македонија не е дел од овој светски спектакл. Зошто? Затоа што таму се дури 48 репрезентации, а нашето отсуство е само слика на она каде сме ние сега. Затоа што на ниво на очај ни недостасува некаков успех како државен ентитет. Затоа што ни фали некаков агенс за обединување.
Сараевскиот автор Ахмед Буриќ, на пример, вели дека неговата држава Босна и Херцеговина, со заминувањето на Светското првенство, во некоја смисла повторно ја пронашла причината за своето постоење. Босна и Херцеговина е држава, чиј политички живот речиси исклучиво се води врз етничката поделба, а учеството на БиХ е своевиден кохезивен фактор.
Тој ја враќа човечката димензија во општествениот простор. Во овие моменти, не е важно кој на кој народ му припаѓа, туку сите се обединети околу бодрењето на своите миленици. Вакви кохезивни моменти обично се јавуваат при некои природни непогоди, поплави, земјотреси, пожари… Ова е, сепак, колективен момент на среќа. А фудбалскиот резултат секако е во втор план.
Македонија не е на Светското првенство. Фудбалската федерација на Македонија ја тресат финансиски скандали. Навивачите на македонскиот шампион Вардар пеат недолични песни. Колективниот момент на среќа одамна ни има избегано.
Останува, оние што можат и имаат волја да се радуваат на успесите на Босна и Херцеговина или на некоја друга репрезентација и така да ги компензираат сопствените фрустрации.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија











