Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека „талогот не смее да ја победи елитата и дека мора да биде победен“, со додатокот дека ако талогот ја победи елитата и самиот стане елита, тогаш вистинската елита ќе ја напушти државата, не е само ступидна, туку е и прилично опасна.
Оваа изјава директно (и повторно) го поларизира општеството на два спротивни пола – „наши“ и „ваши“, при што „наши“ се оние што се наши приврзаници, а „ваши“ се сите други. Во политичкиот спектар на владејачката партија, очигледно не постојат други бои. Сѐ е, или црно, или бело. Нема нијанси. Не смеам тука ни да ги споменам боите на виножитото, веднаш ќе бидам прогласен за општествен талог.
Додуша, верувам дека ме сметаат за таков, ама, ете, да не ги провоцирам главните арбитри за општествената поделба на елити и талози, па, не дај Боже, да ме сместат во седмиот круг од талогот на Пеколот.
Борбена реторика
Единствената новина во однос на претходните реторики на ВМРО-ДПМНЕ е дека повеќе не се делиме на „патриоти“ и „предавници“, туку на „елита“ и „талог.“ Суштински мислам дека со воведувањето на овие два релативно нови термина во македонската дневно-политичка терминологија, ВМРО-ДПМНЕ сака да се ребрендира од „најпатриотска“ во „најтехнократска“ партија.
Ова со патриотизмот изгледа не им тргна баш најдобро. Не ревидираа никакви договори (Охридски, Преспански…), не го вратија знамето, „Северна“ не им пречи во името на државата…, ама затоа ние сме најбрзорастечка економија во Европа (а по потреба и во светот). Сега сме во периметарот на претприемачот Трамп! Малку ли е тоа?
Во таа смисла, мислам дека Мицкоски е во право.
Се сеќавам, имено, кога неговиот претходник, од неговата партија, го почна својот премиерски мандат како млад претставник на тогашната партиска технократска елита. На крајот, навистина мораше да ја напушти државата. Откога беше поразен токму од талогот! За среќа, нашиот талог изгледа не е она што се нарекува „жива кал“ и не успеа баш да ја „проголта“ целата „елита“, ниту, пак, целата „елита“ ја напушти државата. Еве ги, на власт се и спроведуваат секакви инженеринзи во општественото ткиво. Од образовниот преку информативниот до судскиот систем.
Давид Гета ќе го прескокнеме (засега).
Опасна е оваа изјава затоа што има и премногу воинствена реторика. Некој некого треба да победи? Во што? Во фудбалски натпревар? Или во културен натпревар, што би рекол Гоце Делчев? Не, се разбира. Туку во бескомпромисна војна со неистомислениците. Опасна е таа изјава првенствено затоа што доаѓа од менталниот склоп на најмоќниот човек во државата, премиерот.
Кога првиот човек на извршната власт користи ваква воинствена и арогантна реторика, тогаш може да се очекува дека ваквиот модус на размислување ќе стане или станува општествено доминантен. На крајот на краиштата, тоа е и работа на елитата, ма која и да е таа – да наметнува начини на однесување и размислување.
И потоа ќе се чудиме од каде му е ароганцијата на Бобан Милошeски од „Авалон.“ Па, од тука му е. Ако нарачателот на неговите услуги е хиперарогантен, зошто тогаш да не биде и оној што ги дава тие услуги? Едноставно, заштитен е од „шефот.“ Ако изговара „шефот“ вакви закани и навреди, тогаш зошто би се изненадувале дека социјалните мрежи ни се преполни со лесно изговорени клевети, омрази и закани. Така прави „елитата“, а ако сакаме да бидеме дел од „врвот“, тогаш имаме модел за следење.
А, познато е (или барем се надевам дека е така) дека реторичкото насилство многу лесно поминува во физичко.
Всушност, станува збор за сосема погрешно толкување на демократијата. Демократија не значи дека оној што победил на избори треба да приграби сѐ и да ги уништи сите други малцински групи, чии интереси не се совпаѓаат со интересите на владејачката гарнитура. Напротив. Демократијата значи токму грижа за добробитта на малцинствата. Политичките и секакви други.
Дури и ми е дегутантно да ја повторувам филозофијата на толеранцијата и граѓанските слободи на францускиот просветител Франсоа Волтер за правото да се каже спротивно мислење од она што е доминантно во тој момент. Ама затоа ќе споменам една дигресија. Своевремено, еден мој американски возрасен колега ми објаснуваше дека „ако постои еден човек што сака да врисне преку радио, тогаш мора да постои и радио што ќе му го овозможи тоа. Тоа е демократија.“
Јас знам дека нашата политика не ги познава француските просветители, ниту темелите на европската демократија, туку дека го следат примерот на Доналд Трамп и неговото сфаќање на „демократијата на моќта“, односно популистичката теорија „кој не е со нас, тој е против нас.“ Нема тука да зборувам за најголемата поделеност на САД од нивната граѓанска војна до денес, ама затоа ќе констатирам дека Македонија не е САД и дека нејзината поделба на две, три или на повеќе Македонии, внатре меѓу нас, е политика што води до фатален крај.
Изгледа дека нам не ни се потребни соседните земји да нѐ растурат. Ние сме си доволни или самодоволни да ја завршиме целата работа и во нивно име. Затоа што поделбата на општеството на „елита“ и „талог“ во некаква политичка смисла е отворено поле за пропаганда и манипулација.
Кој е елита?
Од друга страна, ваквата општествена стратификација на „елита“ и „талог“ е навистина прилично ступидна. Прво, поимите „елита“ и „талог“ не се спротивставени термини. Контрапоимот на „елита“, во некоја општествена смисла, би бил „народни маси.“ Зборовите значат, имаат значење, па буквално сфатено излегува дека Мицкоски ги именува таканаречените „народни маси“ за талог на општеството. И натаму, ако победи „талогот“, „елитата“ ќе се исели. Во спротивно, „талогот“ се иселува, процес што во моментов го сведочиме.
Натаму, останува недоволно разјаснето на каква елита мисли Мицкоски кога му се спротивставува на „талогот“? Вилфредо Парето вели дека постои и елита меѓу криминалците. Не верувам дека премиерот мисли баш на нив, иако многу индиции укажуваат дека е тоа така (вклучувајќи го тука и фамозниот настап на Давид Гета, како и сите коруптивни процеси на главниот спонзор, Државната лотарија, што се во тек).
Своевремено во Париз постоеше нешто што се нарекуваше „клошарска елита“ и беше важен дел од туристичката понуда на градот. Постојат и елитни убијци. Кој не го гледал, може да го погледне акциониот трилер „Елита убијци“ (Killer Elite) од 2011 година со Дејвид Статам, Роберт де Ниро и Клајв Овен во главните улоги. Постои и елитна проституција, елитни коцкари, дури има и елитни светци меѓу светците…
Се разбира, постои и научна и уметничка елита. Тоа кај нас би требало да биде Македонската академија на науките и уметностите. На која елита мисли Мицкоски? На онаа што оној априлски четврток влезе како елитен башибозук во Собранието на Македонија?
Верувам, сепак, дека мисли на онаа елита што британскиот антрополог Фред Најдел ја дефинира како „оние кои со својот начин на однесување и размислување воспоставуваат норми што важат во целото општество.“
На крајот, не можам, а да не се сложам со констатацијата на српскиот театарски режисер Златко Паковиќ, кој вели дека „ако рибата смрди од главата, тогаш општеството смрди од елитата.“ И, богами, смрди. Се чувствува во воздухот.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија










