Апокрифната историја вели дека, според оригиналниот проект на Кензо Танге, железничката станица во Скопје требало да има меѓу 18 и 24 колосеци и 18 перони. Сите нивоа на тогашното политичко лидерство (сојузни, републички, градски) се согласиле дека ова е мегаломански проект, кој не одговара на потребите на градот, плус е прескап.
Залудни биле убедувањата на Танге дека железницата, всушност, е превоз на иднината, дека суштински е најевтина, најмалку ја загадува околината, во една „тура“ може да превезе најмногу патници и товар, дека Скопје ќе се развива во метропола итн. И, реално, ниту бродовите, а уште помалку авионите, камионите и автомобилите можат да се мерат со ефикасноста и економичноста на возовите.
Но, тогашните државни и партиски раководители останале на својот став, па скопската железничка станица „заврши“ со шест перони и десет колосеци. Во истата таа апокрифна историја се вели дека Кензо Танге, многу подоцна му рекол на својот син Пол Танге, исто така успешен и реализиран архитект, никогаш во животот да си нема работа со комунистички земји и комунистички власти.
Визија на визионерите
Гледано од денешна перспектива, се чини дека и Танге, и тогашната владејачка врхушка биле во право. Од една страна, наспроти очекувањата на тогашните политичари, железницата навистина стана доминантен патнички и особено товарен сообраќај на глобално ниво. Од друга страна, и тогашната политичка елита предвидела дека нивните наследници ќе немаат многу чувство за каква било визија, а особено не за визија за уредување на сообраќајот и сообраќајната инфраструктура.
Во таа смисла, времето покажа дека и оние шест перони и десет колосеци се премегаломански замислени за овој кутар народ што повеќе со воз не може да излезе никаде од земјата.
Ете, требаше да поминат децении, да не кажам половина век, па на политичката сцена да се појави елита со визија и да ги разбере визиите на Кензо Танге за железничкиот сообраќај и дата-центрите. Добро, можеби не за дата-центрите, ама секако за железничката станица. Во ред, не ни за железничката станица, туку повеќе за железничкиот сообраќај. Секако, не за секој железнички сообраќај, туку за градскиот железнички сообраќај.
Како ќе се пренесуваат товари и патници од Зелениково до Скопје, освен со воз? Како? Остатокот од светот може само да умира од завист.
Значи, тој историски 1 септември тргна првиот градски воз од Зелениково до Скопје. (Добро, ајде, можеби не баш првиот, затоа што најстарите жители на Скопје, оние со 60+ години, тврдат дека се сеќаваат на вакви возови од пред четири и кусур децении, ама сега нема да навлегуваме во злобните забелешки). И како што тоа доликува, во возот не беа жителите на Зелениково, туку пробрана политичка елита, на чело со премиерот-визионер Христијан Мицкоски и скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
И тоа е, би рекол, нормално. Одговорноста за еден таков потфат лежи кај најодговорните луѓе. И драго ми е што тие го прифаќаат тој товар на своите плеќи. Зашто, замислете, возот Зелениково – Скопје, според возниот ред, пристигнува на главната железничка станица за само 25 минути. Ако се земе предвид дека оддалеченоста од Скопје до Зелениково е некои 20 километри, тоа значи дека возот достигнува незабележана брзина за нашите пруги, нешто над 40 километри на час.
Во таква ситуација, нормално е првите „глави“ на државата да ги стават своите глави во торба и да ја „прелетаат“ оваа оддалеченост.
Како што тоа ѝ прилега на секоја одговорна власт, за жителите на Зелениково се оставени оние, многу побезбедните рути. На пример, кога снемува напон или струја или што и да е, пред Лисиче, па возот доцни едно 40 минути на својата крајна дестинација. (Еј, слушни ме мене: „крајна дестинација“). За разлика од оние неверојатни брзини, на пилот-возот, ова е секако побезбедна варијанта. На овој начин, патниците можат, до детали, да ги разгледаат убавините на потегот од Зелениково до Скопје. Да бидат горди на гордата Македонија и некаде во далечините да го гледаат просперитетот на нашата земја.
А, јас, еве, веќе го гледам. Оваа градска возна структура има невообичаени можности за брз развој. Зошто само од Зелениково да тргнува градски воз? Може еден да тргне од Орешани, друг од Морани, трет од Студеничани, четврт од Кисела Вода… И зошто само од тој правец? Еве ви идеја за возови од Миладиновци, Ченто, Маџари… Или од Илинден, Мралино, Идризово, или од Сарај, Ѓорче Петров, Хром, Влае, Жданец, Капиштец… И тогаш ќе разбереме дека малку им биле и оние 24 колосеци, проектирани од Кензо Танге.
Ајде да не се правам недоветен, ама, ете, и јас имам слушнато дека постои некоја најсовремена железничка инфраструктура, ја нарекуваат „теснолинејка“, а од некои причини возот што „шпарта“ преку неа се вика „Ќиро.“ Зошто да не изградиме теснолинејки? Та, нели сме меѓу првите четири економии во галаксијата? Добро, сум слушнал и за нешто ужасно помодерно, го нарекуваат „трамвај.“ И покрај целиот мој оптимизам, сепак не верувам дека сме стасани до примена на такви научно-фантастични откритија.
Првачиња – илегалци
И не треба нашата народна власт да се грижи за нас, поданиците. Градскиот воз секако ќе биде еден од порентабилните потези што ги промовирала. Јас ви тврдам дека во догледно време нема да се наоѓа билет за овие возови. Па, не може секој да ужива во природните убавини пред Лисиче. Првин ќе мора онлајн да се регистрира и да го плати билетот, а потоа да добие некаква алка, за да се избегнат сите можни далавери со возот што оди нешто над 40 километри на час.
Но, нема да има потреба ниту од вакви административни ограничувања. Доволно е само да ги примениме мерките на владата за демографско зголемување на населението, презентирани од министерката за образование и наука, Весна Јаневска, па да сфатиме дека сите градски возови ќе бидат премалку да ги соберат само нашите деца со нивните дади и батковци.
Читателот веројатно е запознаен со суштината на новите владини мерки. Министерката Јаневска, поздравувајќи ги првачињата, им порача (парафразирам) дека, освен што треба да се стекнат со знаење, треба да се стекнат и со братче и/или сестриче. Зошто? За да не се затвораат училишта, вели Јаневска. И додава дека луѓето се капитал.
Да, навистина е штета да се затвораат оние хипермодерни училишни згради во руралните средини. Добро, можеби им недостасува регуларна канализација, а некаде богами и греење, ама навистина е срамота да ги затвораме само затоа што нема деца.
Плус, министерката вели дека тие (ѝ) се капитал. И јас ѝ верувам на зборот.
Прашањето: „Како првачињата ќе се стекнат со братчиња и сестричиња?“ е едно од оние реторички прашања што не бараат одговор. Веќе се разбра дека првачињата формирале илегални ќелии. Едни од нив се нарекуваат „молители“ и клечат пред вратите на своите родители, молејќи се дека веќе во второ одделение ќе имаат некоја придружба што ќе можат регуларно да ја малтретираат.
Другите групи не се толку пацифизирани. Една група првачиња е задолжена да шета по спалната соба на своите родители и да врши строга инспекција, уништувајќи ги сите пронајдени кондоми, дијафрагми и антибеби апчиња.
Третата група првачиња е најопасна и таа е поделена во тројки. Кај ќе се појават тие, а се појавуваат во дуќани, маркети и аптеки, таму повеќе нема кондоми. И многу се префригани. Ги бушат кондомските пакувања со едвај видливаа дупка од шпенадла.
Морам малку и сериозно да резонирам. Неодамна, Обединетите нации усвоија резолуција за ново картографско устројување на светот (наспроти таканаречената „меркаторова“ географија, каде што сите површини на северната полутопка изгледаа многу поголеми во однос на Африка, Јужна Азија, Јужна Америка…).
На оваа карта, Македонија буквално не се гледа. Европа е ужасно мала, а Македонија, едноставно ја – нема. Не дека досега бевме нешто видливи, ама сега сме баш невидливи. Тоа ме натера да помислам што ќе се случи ако македонскиот народ изумре од таканаречената „бела куга“? Ништо. Изумреле еден куп цивилизации, многу посериозни од нашата (добро, сите се посериозни од нашата), па никому ништо. Што ќе изгуби светот, ако изумреме ние? Која е таа загуба?
Но, без грижа, повеќето тука веќе имаат нечии пасоши и државјанства, така што овие ингениозности и овој менталитет ќе останат трајни.
Сепак, прашањето за наталитетот не е воопшто едноставно. Тоа подразбира политики за грижа за деца (на пример, градинки), сериозен здравствен систем, сериозно образование, систем на вредности (каде што нема да се спомнува спалната соба на родителите)…
Целиот свет е во демографска криза. Мислам дека Обединетите нации, минатата година констатираа дека за првпат во историјата, односот на родените и починатите не ги исполнува условите за проста репродукција. Само го чекам моментот кога ОН ќе донесат Резолуција за наталитет, каде што ќе наведат дека првачињата ќе мора да се погрижат за наталитетот на светот, на нациите, на државите…
Што да порачам на крајот? Сексајте се, бре, луѓе! Некој мора да прави и работна сила за Германија. А за возовите од Зелениково? Тие и онака, еден по еден, полека заминуваат…
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија










