На некој начин сум воодушевен од дебатата што кај нас се води за центрите за податоци (на македонски: дата центри). Таа, иако почната со извесен временски отклон од година-две од расправиите во светот за истата тема, сепак покажува дека, на некој начин, сме дел од тој „нормален“ свет.
Во светот, како и кај нас, не се губи време за дебати што завршиле пред еден или два века. На пример, ниту во светот, ниту кај нас, никој не расправа како е можно фекалии да се впумпуваат во јавен, градски водовод. Или како се прави атмосферска канализација и зошто е потребна таа. Или како се покрива еден град со „обична“ канализација. Или како се прска против комарци што пренесуваат смртоносни болести. Или дали треба да се брани воен злосторник или не? Или дали министер треба да оди во посета на човек осомничен за воени злосторства?
Низата е бескрајна и отворена за надополнувања, ама, велам, цела среќа е што и ние, како, впрочем, и остатокот од светот, ги имаме надминато овие дребулии, па сега можеме со полн капацитет да се посветиме на незапирливиот технолошки пробив во и на нашата држава.
Ентузијазам и скепса
Сепак, одборниците на Општина Пехчево останаа глуви на ентузијазмот и визијата на премиерот Христијан Мицкоски за изградба на мега-гига-тера дата центри на територијата на државата и, како што тоа никогаш не се случува (освен при одлуки за покачување плати и исплата на додатоци) со консензус ја одбија иницијативата, таков еден проект да се гради во нивниот општински атар.
Зошто? Официјалното образложение е дека проектот не бил доволно транспарентен и дека одборниците немаат доволно информации дали и какви придобивки или последици тој ќе донесе за нивната локална заедница. Се чини дека она што е добро за државата, не е и не мора секогаш да биде добро и на локално ниво. Иако во оној свет кон кој наводно се стремиме, спротивставувањето на локалот кон централата е вообичаена практика, кај нас станува збор за прилично охрабрувачки преседан.
Особено ако се знае традиционалната централизирана практика, партискиот лидер секогаш и беспоговорно да биде во право. И уште ако станува збор за премиерот на државата и неговата мантра за дата центрите како „нова нафта“, тогаш овој исклучок уште повеќе добива на неговата специфична тежина.
Точно е дека откога вештачката интелигенција стана „масовна појава“, дата-центрите се трансформираа во дневно-политичка валута за куп лидери во светот. Сѐ нешто се ветува дека токму кај нив ќе се направат нејефикасните гига-мега дата центри и дека нивните држави, ако веќе не бидат лидери во дигиталните технологии, тогаш секако ќе го фатат приклучокот со најразвиените.
Поточно, точно е дека до пред извесно време беше така. Њујорк е првата американска сојузна држава што стави мораториум на изградба на овие објекти. Уште 15 американски држави размислуваат за истиот потег. Барем 15 веќе одобрени проекти од овој тип на нивна територија, во вредност од стотици милиони долари, се ставени во мирување додека не се согледаат сите аспекти на нивното работење.
Американскиот претседател Доналд Трамп, по својот обичај, за ваквиот развој на настаните ги обвини „радикално левите комунисти“, кои сакаат да ја „уназадат Америка и целиот развој да ѝ го препуштат на Кина.“
Зошто не?
Што, всушност, се случи? Првин се јавија екологистите со своите предупредувања за влијанието на овие објекти врз човечката околина. Станува збор за згради со сериозно впечатливи габарити и обеми што треба да соберат стотици и илјадници компјутери за складирање и обработка на милијарди и милијарди информации. Во зависност од амбициите на инвеститорот, односно капацитетот на дата центарот, и самиот обем на зградата може да претставува проблем за животната средина.
Имено, тој објект бара сериозна инфраструктура, патна мрежа, напојување со струја, непрекината достапност на вода итн. Ако станува збор за повеќе дата центри, тогаш, се разбира, проблемот се мултиплицира.
Она што особено се потенцира во дискусиите е проблемот со водата. Секој што има дома обичен лаптоп, знае како му се загрева неговата „машина“, па тогаш може да претпостави колкава топлина еманираат илјадници компјутери. Водата, и тоа во големи количества, е неопходна за разладните системи. Но, и тука постои еден проблем. Тоа мора да биде прочистена вода, да не кажам вода од водовод (ама не од гостиварскиот), затоа што секаква нејзина контаминација со надворешни физички влијанија набргу ќе ги онеспособи системите за ладење, а со тоа и самите дата-центри.
Вториот проблем е во фактот што таа вода е проточна. Поточно, во услови на високи температури испарува и не може да се „рециклира“ како кај фонтаните, на пример. Со други зборови, секој дата центар треба да се гради во подрачје каде што има обилни количества вода што бргу и лесно се регенира. Прашање е кои се тие подрачја, особено во време на суша и кога речните текови практично се паднати на најниско ниво.
Натаму, без оглед на ефикасноста на системите за ладење, дел од топлината неминовно ќе се пренесе во почвата, што ќе доведе до нејзино додатно загревање во услови на и онака алармантното глобално затоплување.
Водата де факто е ограничен ресурс (и тоа на глобално ниво) и затоа е важно да се спомене уште еден аспект за кој, за жал, многу малку се зборува во актуелните дебати. Секој дата центар, всушност, троши најмалку трипати повеќе вода од онаа што му треба за ладење. Толку, имено, се проценува потрошувачката на вода за производство на дополнителната електрична енергија што му е потребна на еден „мал“ дата-центар.
Не само хидроцентралите и термоцентралите, туку дури и атомските централи за производство на струја имаат потреба од вода. Евентуално овој ресурс не им е потребен на сончевите панели, ама и тие имаат свои штетни последици за природната околина. Ветерниците не се сигурен извор за електрична енергија на дата центрите.
Ова беа, ајде така да ги наречам, еколошките аргументи. Но, кога сме веќе кај струјата, да кажеме дека веднаш по екологистите се „разбудија“ и економистите. Тие предупредија на една едноставна пазарна законитост – струјата ќе поскапи! Дата центрите се големи потрошувачи на струја. И тоа приоритетни.
Плус закачени се на мрежа со непроменет капацитет. Најбрзиот начин, потрошувачката да се избалансира со побарувачката е – качувањето на цената. Во САД, на пример, веќе има загриженост во владејачката администрација пред скорешните мидтермс избори поради досегашното покачување на цената на струјата (во последната година се покачи за четири проценти, плус покачувањата од претходните години), а во најава се и нови покачувања.
Дата центрите во овој момент трошат повеќе од двојно струја од, на пример, сите електрични автомобили во светот.
Проценката е дека дата центрите во моментов трошат меѓу 1,5 и два проценти од вкупната потрошувачка на струја во светот, а електричните автомобили трошат околу 0,7 проценти. Меѓутоа, оваа потрошувачка вртоглаво расте. Предвидувањата на Европската Унија се дека до 2030 година, потрошувачката на електричните автомобили ќе нарасне на 2,5 проценти од вкупната потрошувачка, а на дата центрите на три проценти.
Кога веќе се прават планови за изградба на дата центри во Македонија, можеби не е на одмет да се разгледаат и плановите на Илон Маск и Џеф Безос, дата центрите да ги (дис)лоцираат на сателити, лансирани во Земјината орбита, и така да ги прекинат овие полемики околу (не)опходноста на нивното градење.
Факт е дека дата центрите нема ништо да загреваат во вселената, но познавачите на работите предупредуваат дека толкав број сателити може да ја загади светлината до таа мера што на некои делови на Земјината топка, ноќта буквално ќе биде загрозена, инаку неопходна за голем број природни процеси.
Ниту вештачка, ниту природна интелигенција
Што да правиме ние? Да си ги мериме дата центрите со САД, Велика Британија, Франција, Кина…? Да ги ставиме нив на приоритетна листа? Или по десет години малтретирање, да го завршиме трикилометарскиот пат меѓу Пинтија и Драчево? „Огромните“ инфраструктурни проекти, од типот на автопатот Кичево-Охрид или оној до Блаце, не сакам ни да ги споменувам. Пругата до Бугарија е за некој следен век.
Од сево ова погоре напишано се гледа мојот став околу дата центрите. Лично мислам дека „новата нафта“ на светот нема да бидат ниту дата центрите, ниту вештачката интелигенција. Тоа ќе бидат само алатки за богатење на пребогатите могули. И толку. Такви „нови нафти“ допрва ќе се откриваат. Она што ќе му недостасува на светот ќе биде квалитетната (здрава) храна. И, секако, водата.
Иако, морам да признаам дека во последните денови почнав сериозно да се пишманам во моите убедувања. И тоа по објавата за смртта на воениот злосторник Ратко Младиќ. Имено, се убедив дека имаме огромен дефицит во природната интелигенција, па си реков ајде да се обидеме со вештачката.
Ако јавни (државни) функционери и партии на власт, не само што ги релативизираат злосторствата направени под командата на осудениот воен злосторник, туку наоѓаат и зборови пофалба, а државата, не само што не презема ништо, туку практично ги става под закрила, тоа значи дека и државата е на иста страна (или барем има разбирање за оправдувањето на злосторствата).
Македонија, за среќа, не учествуваше во југословенските војни, и во таа смисла не сноси одговорност за она што тогаш се случуваше. Дилемата на која немам одговор е: за кој ѓавол, сега се пикаме онаму каде што не бевме и плус контрираме на сите факти, на сите жртви, на сите пресуди итн. Да, можеби навистина не е лошо и ние да развиеме некаква вештачка интелигенција, кога веќе не ни оди со нашата.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија













