Македонците знаат да кажат дека ја сакаат својата земја и народ, но ги мразат политичарите. Секој ден на независност, веќе 35 години по ред, ова е главниот наратив што го живееме јавно. Ќе го чуете дома на семеен ручек, во кафуле, на училиште, па дури и во политичките говори. Слободно можете да го искажете овој став јавно и никој нема да ви противречи.
Можеби изгледа парадоксално што и самите политичари и власти го поддржуваат овој наратив, кој изгледа како да е насочен против нив самите. Тоа е затоа што во својата суштина, тој воопшто не е противречен. Неговата сила е во ефектот на деполитизација што го произведува. Земјата, сфатена дури и како простор или природа, не е нешто надворешно на политиките, туку нивни производ.
Ама кога ќе ги раздвоите како два посебни домена, добивате илузија за убав простор без моќ, кој можете да се лажете дека го поседувате, и политички простор со моќ, кој е наводно толку расипан и корумпиран, што најдобро е да им го оставите на политичарите, кои ете се жртвуваат за нас во оваа валканица.
Кога функционерите ламентираат дека нашата земја е плодна и богата со храна, треба да ни текне дека овие луѓе еден час не потрошиле да видат што значи таа храна да се произведе
Деполитизацијата тука има за цел да го одржи овој конфликт меѓу наводно чистата и убава земја и грдите и нечисти политичари, така што ќе му го одземе политичкиот статус. Слична операција се случува кога во свечените говори на носителите на функции, секој 8 Септември слушаме за нашата нација како едно големо семејство, споделена крв, разно-разни драматични восклици за корења и почва, и еден жив организам, кој наводно сам од себе живее вечно.
Бидете внимателни да не ве понесе занесот, затоа што овие метафори многу лукаво ги прикриваат институциите преку кои нацијата се произведува, животот се одржува, а ресурсите се споделуваат. И токму затоа, политичарите повеќе сакаат да зборуваат за „земја“ отколку за „држава“, за некаква наводно непроменлива и самодоволна природа наместо за систем, кој не само што ја произведува, туку ја организира и ја управува.
Митот за идиличната земја ги спојува природата и заедницата, создавајќи ја илузијата дека општествените односи произлегуваат непосредно од природата, дека поделбата на трудот е органска, дека тука сите се познаваат и си помагаат, а евентуалниот конфликт доаѓа однадвор. Идејата за идиличната земја не е деполитизирана затоа што таму нема власт, туку затоа што власта е маскирана како обичај, блискост, семејна должност и природен ред.
Пасторалниот мит често создава и една специфична морална антропологија, правејќи од човекот што е поблиску до земјата, некој што е поблиску до вистината. Па, така, „здравиот селанец“ од говорите на политичарите, но и самите политичари, кои наводно го разбираат и претставуваат, се замислуваат како чесни, морално здрави, трудољубиви и некорумпирани од интелектуализам.
Тешко учиме дека земјата е продукт на политичарите и политиките, а не некаква природно дадена непроменлива територија
Овој „обичен, природен човек“, во реалноста, постои единствено како маргиналец, чиј глас и живот остануваат надвор од интересот, ама во државничките наративи постои како книжевен лик, чија функција е да се постави наспроти критичките гласови на интелектуалците, уметниците и „однародените“ малцински групи.
Пасторалата е заводлива, ама и опасна. Блиска ми е критиката на пасторалата на Рејмонд Вилијамс затоа што мошне прецизно го лоцира местото на опасност во идиличниот пејзаж, кој се претставува како непосреден израз на природна убавина, свесно криејќи го процесот на производство на „земјата“ преку земјоделски труд, односи меѓу земјопоседници и закупници, експлоатација на руралното население, акумулација на капитал кај мал број луѓе.
Убавината е реална, но начинот на кој ја гледаме може да ги направи невидливи условите на нејзиното постоење.
Само човек што не поминал еден ден во земјоделски труд може да млати празна слама за селото како едноставна радост и мирен живот. Секогаш кога функционерите ламентираат дека нашата земја е плодна и богата со храна, треба да ни текне дека овие луѓе еден час не потрошиле да видат што значи таа храна да се произведе, преработи, да се даде на откуп и да се достави до маркетите каде што ја купуваме додека шетаме низ рафтовите на климатизиран простор и им завидуваме на „тие таму“, небаре овците сами го прават сирењето ноќе додека здравиот селанец одмора или прави деца за татковината.
Оние што ја слават македонската земја се истите што одлучуваат земјата да се сведува на парцела, шумата на дрвна маса, реката на енергетски потенцијал.., а воздухот на туѓа грижа
Тешко учиме дека земјата е продукт на политичарите и политиките, а не некаква природно дадена непроменлива територија, некаква неутрална сцена на која дејствуваат луѓето и институциите. Просторот што го произведува капиталистичката држава, Лефевр го нарекува „апстрактен простор“, односно простор што се прикажува како хомоген, мерлив и технички управлив.
Па така, оние што ја слават македонската земја се истите оние што одлучуваат земјата да се сведува на парцела, шумата на дрвна маса, реката на енергетски потенцијал, брегот на градежна површина, а воздухот на туѓа грижа.
Затоа симболичката љубов кон просторот речиси редовно коегзистира со неговото материјално уништување и тоа ни изгледа како нормално. Не велам дека таа љубов е нужно лажна, но е опасна затоа што е лишена од политичка одговорност доколку не ги проблематизира односите преку кои се произведува просторот. Ако застанеме на таа позиција, ќе видиме дека во реалноста, ситуацијата е сосема спротивна, дека всушност мнозинството ја мрази својата земја, а ги обожава политичарите. Честито независност.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија










