Кога последен пат сте слушнале добар политички виц? Некаква сатира, па нека биде дури и цинизам? Признавам, јас одамна немам слушнато. Можеби тоа се должи на круговите во кои се движам и на апатијата, и на мојата, и неинвентивноста на моите пријатели. Но, факт е дека во јавниот простор, сатирата или, ајде да кажеме така, цуцулењето со политичките елити и воопшто со условите во кои живееме одамна е фрлено (и закопано) длабоко на општествените маргини.
„Остен“, своевремено единствениот овдешен сатиричен весник, одамна го нема. „К-15“ и нејзините деривати („Фчерашни вести“) ги снема од телевизиските екрани. Ги нема дури ни бенигните „Хихириху“ со нивниот стереотипен хумор.
Ете, и јас самиот, со неколку мои колеги, учествував во проектот „Коза ностра“ (кој се сеќава, знае за што зборувам). Не успеавме, односно релативно кусо траевме. Или не ги издржавме условите на пазарот, што би рекол еден мој тогашен неистомисленик. За „условите на пазарот“, во некоја друга пригода. Она што сакам да го поентирам е недостигот од сатирата, па и на хуморот, воопшто.
Игри без леб
Оваа констатација секако не говори добро за општеството и за државата во која живееме. Погрешно е сфаќањето дека авторитарните системи се плодно тло за сатира и дека во „средените“ држави, нема потреба од исмевање на власта. Напротив.
Нема хумор во советските гулази и во нацистичките конц-логори. Нема хумор во Германија на Хитлер, во Северна Кореја или во Иран. И не е тоа само прашање на репресии и драконски казни. Повеќе е прашање на убивањето на духот на населението што живее на одредени простори.
Од друга страна, познат е традиционалниот британски хумор, негуван со векови. Во САД уште излегува „The Onion“, иконата на политичката сатира. Во Франција, сатиричарите од „Шарли Ебдо“, со животите ја платија својата сатира на сметка на исламскиот фундаментализам.
Германскиот писател Вернер Финк, еден од оние ликови што сериозно го разбираат хуморот, своевремено постави прашање што го мачи целото човештво: „Од што се плашат политичарите?“ И веднаш даде одговор: „Од слободни избори, од отворени дебати, од фанатици и од – вицови.“ Диктатурата може да ги намести изборите, да ги придуши дебатите, да ги елиминира фанатиците, но не може да ги запре вицовите. Може, се разбира, да ги „притисне“ тие што ги раскажуваат, ама вицовите ја имаат таа особина да ѝ избегаат на секоја потера.
Во Македонија нема диктатура (иако има некои назнаки), но нема ни – хумор. Одамна тука политичките вицеви ја изгубија својата острица, па и базичната духовитост. Оние обиди што ги имам слушнато во последно време се сведуваат на рециклирање на шегите од времето на комунизмот (знаете она: Македонец, Бугарин и Грк, и Македонецот ги заебал сите) или се движат на работ на навреди и стереотипи.
Хуморот е лековит и за поединецот, но и за целото општество. Тој ја релаксира состојбата на напластените проблеми и ја додава неопходната доза ведрина и ентузијазам во индивидуалниот и колективниот дух. Смеењето (и на сопствена сметка) го продолжува животот на човекот, но и на општеството во целина.
Не бадијала уште старите Римјани ја измислиле практиката „леб и игри“, која во разни варијанти се применува до денешен ден. Се применува, додуша, и кај нас, само со сѐ почесто отсуство на лебот. Суверените во средниот век ја измислиле институцијата „дворски шут“, кловнот со смешна капа, кој може сѐ да му каже на монархот пред широките народни маси и така привремено да го суспендира акумулираното незадоволство.
Дворскиот шут е оној што во името на сите на царот му го кажува она што другите не смеат.
Велат дека во современите општества, токму сатирата ја има таа улога. Да ја освестува власта со хиперболи и со извртен поглед на работите. Сатирата е супститут за удирање по главите на власта со тула во рака. Активност, која не е ниту смешна, ниту релаксирачка.
Паметните владејачки елити создаваат клима за формирање сериозна сатирична сцена. Оние непаметните (ајде да го употребиме овој еуфемизам), ја сузбиваат или го оневозможуваат егзистирањето на сатирата. Ваквата политика неминовно води до претворање на власта во – сатира. Или во сопствена карикатура.
Владејачка сатира
Ние, се разбира, не сме никаков исклучок од ова правило. Директен повод за овој текст е објавата на социјалните мрежи на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, со која се пофали дека Јавното сообраќајно претпријатие заштедело половина милион евра на гориво во првите шест месеци од годинава. И тоа со наводно 50 нови автобуси.
Оваа изјава, колегата Васко Лазаревски ја нарекува „парадоксот на Орце.“ Тој наведува дека од февруари до денес, дизелот поскапел за 44 проценти, а во истиот период заштедата е половина милион евра. Во изјавата на градоначалникот не е наведено колку пари се потрошени во референтниот период лани (да кажеме од февруари до август минатата година), колку литри дизел се потрошени и колку километри се извозени. Во таа смисла, секакво наведување на заштеди е релативно и релативизирачко.
Не мора човек да биде Бертнард Расел, па дури и не мора да биде македонски резидент за да знае дека секоја заштеда се базира на рестрикција. Ако сакате да заштедите на бензинот, тогаш нема да го возите автомобилот. Ако заштедил ЈСП во состојба на вклучување на 50 нови автобуси, тоа може само да значи дека претходно се исклучени 150 автобуси од сообраќајот.
На крајот на краиштата, граѓаните на Скопје, оние што ги користат услугите на ЈСП (и самиот спаѓам во нив), немаат никаква потреба да ги решаваат логичките загатки на нивниот градоначалник. Доволно е само да застанат на некоја автобуска постојка и решението само ќе им се каже.
Но, не ми беше мене смешна (или барем не премногу смешна) логичката еквилибристика на градоначалникот. Смешна ми беше неговата поента. Имено, како и секој добар сатиричар (да не кажам „дворски шут“), градоначалникот својот „панчлајн“ го остава за крајот.
Тој вели: „И тоа е само дел од промените што ги правиме.“ Велам, како и во секоја добра сатира, поентата истовремено му е и горчлива, и смешна. Просто му доаѓа на човек низ громогласното смеење да заплаче, па и да врисне: „А да не правите повеќе промени.“ Видовме какви промени сè направија во ЈП „Комунална хигиена“, какви промени се прават во однос на проектот „Скопје – европска престолнина на културата“ и во некои слични домени и активности.
Одморете, бре, малку. Премногу промени лошо влијаат врз пробавниот тракт.
Се разбира, не е скопскиот градоначалник, родоначалник на сатирата во актуелната владејачка елита. Неговиот ментор, премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека во двете години од неговото владеење, просечните плати во Македонија пораснале за 70 проценти, а старосните пензии за цели 325 проценти („математички прецизно“, вели премиерот).
Слично како и неговиот пулен, скопскиот градоначалник, и Мицкоски ги меша референтните периоди. За платите говори за просечен месечен раст, при што покачувањето од времето „на бившите“ е лимитирано на 81 месец наспроти овие 20 и кусур месеци, откога тој е премиер.
За пензиите, приказната е посебна, нивното зголемување е стриктно одредено според закон, освен ако тоа зголемување некоја влада не го направи, заобиколувајќи ги законските решенија, односно линеарно. Но, ништо од тоа не е битно. Верувам дека пензионерите и оние што примаат просечна плата, горчливо се смеат на шегите на премиерот. Еве, јас, на пример, не знам ништо духовито да кажам врз основа на овие изјави. Толку е апсурдно смешно, што просто го елиминира просторот за натамошна духовитост.
Реков, постои институцијата „дворски шут“, ама вистински исклучок е кога самата власт ја игра таа улога.
Она што можам да го направам е да го коригирам почетокот на овој текст. Тој би требало да гласи: „Кога последен пат сте слушнале добар политички виц? Јас ги слушам секојдневно.“
И да не заврши приказната тмурно, еве еден виц за крајот на текстот: Влегува Миле во кафеана и се дере: „Сите политичари се будали.“ Ставре му вика: „Немој да ме вреѓаш“, а Миле го прашува: „Што си ти? Политичар?“ Ставре одговара: „Не, јас сум само будала.“
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија









