Мајка ми почина во вторникот, во раните утрински часови. По сите критериуми и сите нормативи на сите цивилизации што опстојувале на оваа планета, таа почина во длабока или сериозна старост (во октомври требаше да наполни 92 години).
Нејзиниот живот беше еден мал, обичен скромен и по ништо особен живот. Нејзиното име нема да остане во колективната меморија. Во таа смисла, и нејзиното заминување е едно „обично“ умирање, едно од многуте вообичаени заминувања на луѓето на кои им „догорела свеќата.“ И ова умирање, никого, освен нејзиното семејство и пријателите, не го интересира и нема да го интересира.
Мртвопроверител
Зошто тогаш ја спомнувам мојата мајка и мојата лична траума? Затоа што мислам дека таа е илустрација за една општа аномалија и, според мене, важен општествен интерес.
Тој вторник, тоа утро отидов во надлежната служба да ја пријавам смртта на мајка ми. Мртвопроверителката, или како веќе се викаат тие ликови, чија должност е да ја потврдат смртта, ме праша кога починала мајка ми. Сакав тогаш да го парафразирам Ками и да кажам нешто во смисла: „Не знам. Денес или можеби вчера.“ И немаше да биде тоа гола фраза, затоа што навистина не знаев дали жената починала во доцните вечерни часови во понеделникот или рано наутро во вторникот.
Службата за Брза помош не најде за сходно да дојде и да ја констатира смртта (мајка ми почина дома, а не во болница). Само ми дадоа информација во колку часот отвораат оние без чие пусулче не можеме да ја погребеме.
Истото ми се случи и пред 11 години, кога почина татко ми (имаше 82 години). Тоа беше моја иницијација во „светот на мртвите старци“ и веројатно затоа бев толку збунет. Залудно ми беше да објаснувам дека јас не знам да констатирам смрт, дека не знам да реанимирам, дека не сум сигурен дали е навистина починат… „Колку години има? 82? Ако не дише, нема што ние да бараме таму.“
И следи: „Ние сме Брза помош за живи, а не за умрени.“ На татко ми му напишаа дека починал од воспаление на бели дробови, затоа што јас навистина не знаев која е причината за неговата смрт. „Велиш плитко дишеше?“, и тоа беше тоа.
Сепак, некако бев убеден дека кај мајка ми ќе биде поинаков случајот затоа што во главата ми беа оние несреќни возрасни жени од Кумановско што ги ексхумираа за да се докаже насилната смрт предизвикана од кумановскиот масовен убиец. Тие беа погребени со потврди за „природни причини за смртта.“ Но, не. Принципот остана ист. Проценето е дека човекот е во години кога „природно може да умре“ и нема потреба од некои дополнителни ангажмани.
Зошто? Затоа што службите се неефикасни? Затоа што немаат доволно кадри? Затоа што не се добро организирани? Има секако нешто од сево ова, ама главната причина е затоа што така налага нашиот општ однос кон возрасните сограѓани.
Луѓето во зрели и поодминати години, оние што веќе го отслужиле својот работен век и што го исплатиле својот долг кон општеството се третираат како „општествено-економски паразити“, како бескорисни „штетници“, на кои, безмалку, им е забрането достоинствено да го дочекаат крајот на сопствениот живот.
За нив е речиси оневозможен пристапот до основната медицинска заштита, а за повисоките степени и да не говорам. Во Македонија има само еден центар за палијативна нега, онаа геријатриска болница „13 Ноември“ зад која се влечат опаши на корупција и чии капацитети ниту се доволни, ниту, пак, се задоволувачки за потребите на пациентите. Слично е и со таканаречената хоспис нега (за неизлечиви болни).
Туку нешто прави „Сју Рајдер“ со своите центри во Скопје, Струга и во Битола, ама далеку е тоа од вистинските потреби. Да обезбедите, пак, нега на пациент во домашни услови или барем да набавите морфиум за да му ги намалите болките е еднакво на научна фантастика.
Неодржлив пензиски систем
Но, не сакам тука да зборувам (само) за луѓето во претсмртна агонија, туку многу повеќе за луѓето од таканаречената трета доба. Како ова општество се однесува кон нив, на кои во просек пензијата им стасува отприлика да ги покријат трошоците за лекови и за други здравствени потреби. Во Скопје им дава бесплатен градски превоз во вторник и петок.
И тоа отприлика би било тоа. Нема институционални активности за нив. Нема креативни работилници, театарски групи, пишувачки лаборатории, сликарски кружоци, фотоклубови, па ако сакате нема ни некакви курсеви за везење и шиење, на пример.
Не ги сметам тука канцелариите на пензионерските здруженија, кои првенствено служат за пиење кафе, неврзани разговори и (евентуално) организирање по некоја скромна екскурзија до некој манастир во Волково или нешто слично.
Не ги сметам ни парковите каде уште можат да се видат некои претставници од машкиот дел од пензионерската популација како играат шах по слободните клупи. Сето тоа се самоорганизирани активностј, надвор од каква било институционална или, ако сакате, општествена грижа за нашите повозрасни сограѓани.
Многу економисти ми рекле дека тоа се „непродуктивни“ трошоци, дека Пензискиот фонд со години (да не кажам децении) е во дубиоза и дека не може да издржи без буџетска интервенција, а камоли да се издвојуваат некакви дополнителни средства за „занимација.“
На прв поглед, сосема се во право. Пензискиот фонд во Македонија е солидарен.
Тоа значи дека трошоците за пензиите на актуелните пензионери, преку своите придонеси, ги покриваат оние што се сега во активен работен однос. Нивните пензии ќе ги покрива некоја следна генерација. И така натаму.
Во Македонија, отприлика, на 1,6 вработени доаѓа еден пензионер и ова, се разбира, е неодржлива состојба. Во теоријата се смета дека за да биде пензискиот фонд во идеална кондиција, односот треба да биде четворица вработени на еден пензионер (каков што е, на пример, во Франција).
Сепак, за одржлив се смета и односот три спрема еден (каков што е просекот во државите во Европската Унија и каков што беше односот во Македонија во 1990 година, непосредно пред осамостојувањето). Секој однос помал од овој предизвикува проблеми во одржувањето на редовната исплата на пензиите. Особено ако немате солиден даночен систем и имате голем процент сива економија.
Некои од моите пријатели економисти велат дека е дури и себично од страна на пензионерите да бараат подостоинствени услови за остатокот од својот животен век. Така, ми велат, „крадат“ од своите деца и од нивната иднина. Демек, на тој начин ќе има помалку пари за образование, за здравство, за социјални програми, за градинки, за култура, за патишта… итн. Како божем досега се „убивме“ во вложувања во овие области.
Вака излегува дека пензионерите единствено привлекуваат внимание како некаква „изборна машина“ и тоа „подмачкани“ со некоја евтина корупција или со некакво „линеарно“ покачување, од кое подоцна медиумите ќе направат вистинско „економско чудо.“
Решение?
Но, кои се тие пензионери за кои јас тука барам „преку леб погача“? Доминантно, тоа е таканаречената „бејби бум генерација“, значи луѓе родени во годините на Втората светска војна, па сѐ до кај почетокот на 60-тите години од минатиот век.
Тоа е генерацијата што ја „изведе“ хипи-револуцијата, ја изнесе револуционерната 1968 година, го смени општествениот однос кон војната, кон еколошките прашања, кон правата на луѓето без оглед на расата, религијата или политичките убедувања, кон правата на животните…
Таа генерација се смета за најкреативната генерација во историјата на цивилизацијата. Ниту една генерација дотогаш и потоа немала толку значајни музичари, актери, режисери, сликари… Никој како тие луѓе не донел толку промени во филозофијата, социологијата, психологијата… во литературата, сликарството, музиката, театарот…
Што направи оваа генерација во Македонија. И денес кога ќе слушнам дека секој добива пензија колку што издвојувал, искрено ми се крева косата на главата. Оваа генерација редовно си го отплаќаше својот долг кон државата. И направи многу повеќе. Сѐ или речиси сѐ што се изгради во оваа држава, го изградија тие. Сето она што подоцна преку приватизацијата им овозможи на поединци да станат олигарси, го создадоа тие.
Не е во прашање само емпатија, во прашање е буквално – минат труд.
Не сум економист, ама „можам да погледнам“, што би се рекло. Значи, убеден сум дека постои решение и оваа општествена група достоинствено да си го заврши животот. Нема тука да банализирам со превработеност во државната администрација и јавните претпријатија, со патните трошоци на пратениците, со прекубројните министерства и државни агенции, со енормните плати за наши поими…, иако мислам дека и тука се кријат сериозни буџетски ресурси што можат да решат многу работи.
Но, ако се посегне малку по даночниот систем и се оданочат прогресивно оние што сега се „големи газди“ токму врз грбот на „бејби бум“ генерацијата, мислам дека и пензискиот систем ќе биде поправеден, а и тие ќе го поминат остатокот од својот живот подостоинствено или барем поинтересно.
Вака, не ми останува ништо друго, освен да се обидам да го парафразирам Душко Радовиќ, кој во еден од своите луцидни коментари, отприлика вели: „Никогаш не се жалете пред вашите деца колку ви било тешко во животот. Прво, по вас се гледа дека ви било тешко. И, второ, по она што сте постигнале не се гледа зошто ви било тешко.“
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија









