Не можам да се сложам со оние што тврдат дека најавената кампања на лов на лажни боледувања е некаков вовед во тоталитаризам. Не. Тоа не е никаков вовед, тоа е само потврда на тоталитаризмот што го живееме, односно на тоталитарните карактеристики што ја красат актуелната власт.
А која е главната карактеристика на една тоталитарна власт? Да владее со сѐ и над сѐ, па ете сега ќе завладее и со здравјето и патологијата на своите поданици. И административно ќе арбитрира кој е навистина болен, а кој сака да ја изигра нивната милозливост што воопшто дозволиле да се користи институтот „боледување.“
Но, круцијалното прашање е што и кого штити македонската влада со нејзината хајка врз „лажните“ болни (јас би рекол првенствено врз матичните лекари)? Работодавачите? Медицинските служби? Не, се разбира. Таа ја штити очигледно доброиспразнетата државна каса. Токму затоа во целата кампања се вклучија и министрите за здравство и внатрешни работи, Сашо Клековски и Панче Тошковски.
Лицемерието на тоталитаризмот
И дотука ништо не би било спорно доколку целата оваа акција не изгледа лицемерно, па дури и навредливо од страна на нејзините главни спроведувачи. Имено, хајката врз наводно лажните болни и матичните лекари што ги издале тие боледувања треба да ја спроведе влада во чија администрација, според оптимистичките проценки, има повеќе од илјада вработени што воопшто не доаѓаат на работа, а примаат плата и ги уживаат сите придобивки од работниот однос.
Песимистичките проценки говорат дека бројот на овие административци е повеќекратно поголем.
Во таа иста влада, доскорашниот вицепремиер и министер за добро владеење, (!) Арбен Фетаи не се појавуваше на работното место речиси три месеци. Не е објавено дали беше на боледување и дали боледувањето е проверено, односно регуларно. Ако не бил на боледување, како што не бил, каде бил? Се усовршувал некаде во добро владеење? Или давал пример на другите колеги како добро се владее? Санкциониран е? Потегната е некаква дисциплинска постапка? Не е.
Доскорашниот вицепремиер и министер за добро владеење, (!) Арбен Фетаи не се појавуваше на работното место речиси три месеци. Не е објавено дали беше на боледување и дали боледувањето е проверено
Во ред, Фетаи даде оставка, ама заслугите во владеењето му се секако прилично големи што се потврдува со фактот дека таа иста влада веднаш потоа го именува за специјален пратеник во седиштето на Европската Унија во Брисел. Веројатно се очекува и таму да ги демонстрира своите квалитети во доброто владеење.
Нема, се разбира, да добиеме објаснувања зошто овие примери не го оштетуваат буџетот, а камоли зошто се дозволени. Тоталитарната власт не дава такви отчети. Едноставно е, за партиите на власт, нивните елити и нивните блиски поддржувачи, Уставот и законите не се нормативи, туку некој вид фикција, убава литература што мора да се има. Нешто како „Војна и мир“ на Толстој или „Пиреј“ на Петре М. Андреевски.
Вие можете да верувате дека тоа е прилично реалистична проза, но никој не очекува да се придржувате до нормите од тие романи, а камоли да ве санкционира поради тоа.
Со други зборови, законите и нормите не се пропишани за „нашите“, туку за оние „другите“, односно за политичките противници и таканаречените обични луѓе, небитни во практикувањето на власта. Во суштина, правилата и законите служат за елиминација или барем за пасивизација на неистомислениците, додека врз „обичните луѓе“ се применуваат како манифестација на репресија и наводно тежнеење за ред и поредок.
Целта, секако, е привлекување што поголем број вистински или камуфлирани следбеници, затоа што тоталитарните партии себеси се доживуваат како народни движења, единствени толкувачи и бранители на националните интереси, а не како политички субјекти со, не дај боже, визија за унапредување на демократијата, на пример.
Здравствена полиција
Интересна е улогата на партиските првенци Клековски и Тошковски. Министерот за здравство Клековски, барем според медиумските извештаи, вели дека има примери каде што луѓе, во времето на нивното боледување, одат по годишни одмори и објавуваат фотографии од таму на социјалните мрежи. Исто така, дека има луѓе што боледувањето го користат за да работат друга работа.
Министерот за внатрешни работи, Тошковски, пак, вели дека и МВР ќе се вклучи во ловот на лажните болни, иако мене барем не ми е најјасно што точно значи тоа. Ќе оди ли полицијата заедно со контролорите на Фондот за здравствено осигурување по домовите на болните и ќе им мери температура? Или на граничните премини ќе го има списокот на сите боледувања, па ќе проверува дали некој болен ќе ја напушти државата? Или пред станот на секој што е на боледување ќе стои по еден полицаец и ќе контролира дали ќе го напушти домот?
Можеби на сите што се на боледување ќе им се стават оние електронски алки за да се следат нивните движења? Или ќе се проверуваат сите налози по социјалните мрежи на луѓето на боледување за да се види што објавуваат во тој период?
Клековски вели дека работеле на други работи додека биле на боледување…Која е потребата луѓето да работат дополнителна работа во третата економија во Европа!
Ништо не е доволно скапо кога станува збор за заштеди во буџетот.
Се разбира дека резултатот од целата оваа шарада ќе биде само зајакнување на тоталитарната држава, контрола на приватноста на граѓаните (поточно поданиците) на државата. Најверојатно тоа е и целта. Како инаку да се протолкува најавата дека контролорите на ФЗОМ ќе влегуваат по домовите на луѓето? Зошто? Боледувањето мора да се користи само дома? Зошто?
Колку е целата работа лицемерна и провидна може да се илустрира преку еден пример од моето искуство. Нема да навлегувам во детали токму поради причините што погоре беа образложени. Своевремено, една моја пријателка, поради природата на нејзината болест, мораше секојдневно да оди на физикална терапија во болницата „8 Септември.“ Меѓутоа, во тоа време, како што е вообичаено, Скопје беше најзагадениот град во Светот, што директно влијаеше врз дополнителни здравствени проблеми со дишните патишта.
Во еден момент, жената си уплати престој во еден хотел во внатрешноста (со свои, а не со пари од Фондот), каде што постоеше базен со топла вода (на македонски: спа) и каде што воздухот беше чист. И замислете, објавуваше фотографии на социјалните мрежи како седи крај базенот и пие коктели. И, сега, што? Натаму, познавам луѓе што одат до Косово или Србија за да си обезбедат терапија што тука ја нема или е прескапа. Се разбира, без учество на Фондот. Што да правиме со тие луѓе? Да ги казнуваме, се разбира. Парично, се разбира.
Клековски вели дека работеле на други работи додека биле на боледување. Не е мое да делам совети, ама искрено мислам дека е многу поупатно министерот, со сите свои овластувања како член на владиниот кабинет, да се праша која е потребата луѓето да работат дополнителна работа во третата економија во Европа! Патем речено, оној што користи боледување за да оди на одмор во Италија (пример на Клековски), мора да е многу богат човек.
Платата на боледување значително се крати. Четвртина или третина, не знам точно, затоа што, нота бене, во целата моја професионална кариера не сум искористил ниту еден ден боледување. Не затоа што сум бил здрав и секогаш подготвен да работам, туку токму за да не ми се крати од и онака скромната плата.
На крајот на краиштата, болеста е длабоко вкоренета во македонската традиција, да не кажам во македонскиот идентитет. Од Болен Дојчин, па наваму. Тоа го потврдуваат (без)бројните народни и староградски песни, каде што нивните протагонисти најчесто боледуваат по три години, што веднаш би ги направило сомнителни во очите на Клековски и Тошковски.
Мислам дека за оваа пригода најсоодветна од нив е „Кажи ми, кажи, Катинке.“ Отприлика оди вака некако: „Кажи ми, кажи Катинке, која ли вечер да дојдам?/ Хеј, хај, болен сум јас, без болест болен си лежам./ Која ли вечер да дојдам, пред врата да ти постојам? Хеј, хај, болен сум јас, без болест болен си лежам.“
Жива среќа што Катинка не му кажала кога да дојде, инаку секако ќе го уловела здравствената полиција што ни ја спремаат.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија











