Среде вестите за нашите историски успеси, како посетата на Мицкоски на САД, неподносливо високиот економски раст и масовното враќање дома на иселениците, некако се провлече и веста дека вештачката интелигенција би можела, и тоа во не толку далечна иднина, да го уништи човештвото. Тешко е, се разбира, да се мисли на крајот на светот додека сме толку зафатени со нашиот напредок.
Во принцип, тоа е обврска на талогот, па веста ме заинтересира помалку поради тоа што машините еден ден би можеле да одлучуваат наместо нас, а повеќе поради претпоставката дека денес знаеме кој одлучува.
Апокалиптичните вести, како оваа за вештачката интелигенција, обично поттикнуваат расправа за тоа колку моќни ќе станат машините и дали ќе успееме да ја задржиме контролата врз нив. Ама во таа расправа се крие уште една претпоставка дека денес постои некој што има контрола, дека зад она што ни се случува стои институција, зад институцијата процедура, зад процедурата одлука, а зад одлуката некој што е одговорен за неа.
Со други зборови, дека, сепак, постои некој што знае што прави. На тој некој можеме да му се лутиме, да не му веруваме, да го смениме, да го тужиме или да протестираме против него, но самата можност да го замислиме го прави светот политички поднослив.
Некој го развил системот, институцијата одлучила да го користи, службеникот ја следел таа препорака… секој направил нешто, но и секој може да објасни зошто токму тој не одлучил. Ефектите, меѓутоа, не исчезнале…
Имам чувство дека никогаш не сме им верувале на институциите толку колку што сме верувале дека некаде во нив се донесуваат одлуки. Низ годините, можевме да ги сметаме за корумпирани или неспособни, но скеогаш кога ги критикуваме, кога протестираме пред нив, бараме оставки, ние, сепак, претпоставуваме дека моќта има адреса.
Дека постои некој кому можеме да му кажеме: ти одлучи, сега одговори за последиците.
Современиот свет, меѓутоа, го карактеризира нешто многу понепријатно. Денешниот човек живее со сомнежот дека институциите веќе не се местото каде што навистина се донесуваат одлуките. Институциите постојат, тие се видливи, имаат правилници и вработени, но врз нивните одлуки сè повеќе влијаат проценки и податоци што обликуваат нечии туѓи интереси. Моќта не исчезнала, но станува сè потешко да кажеме: одлуката е донесена овде. Во таа смисла, вештачката интелигенција го прави повидлив проблемот што веќе постоел.
Мене ете не ме плаши толку можноста машините да станат премногу слични на луѓето, туку она спротивното. Ме плаши што политичките системи почнуваат да стануваат слични на машини.
Кога зборуваме за опасноста од вештачката интелигенција, најлесно ни е да замислиме машина што еден ден ќе одлучува наместо човекот, затоа што во таа слика барем знаеме кој ја донел одлуката. Ете, порано човек, сега машина. Сега е многу потешко. Како да замислиме одлука што настанува низ толку раце и системи што никој не може да каже дека е негова? Некој го развил системот, институцијата одлучила да го користи, службеникот ја следел таа препорака. Со други зборови, секој направил нешто, но и секој може да објасни зошто токму тој не одлучил.
Ефектите, меѓутоа, не исчезнале, на крајот некој, сепак, ги сноси последиците.
На институциите, рацете редовно им се врзани. Сироти тие, и тие сакаат паркови и зелен јавен простор, ама, ете, ДУП-от наложува згради и гаражи… Тие ептен се против непотизам, ама ете баш нивните деца имаат биографија што одговара на државниот оглас
За разлика од оние што себеси се сметаат за институции, за нас, чии животи се управувани од институциите, разликата меѓу одлука и препорака може да биде прилично неважна. Кому му е гајле каде запнало кога не сме ја добиле побараната помош, кога не сме стигнале на ред на вработување или лекување, кога не сме добиле нешто што ни следува. Знаеме дека кога ќе прашаме зошто, редовно добиваме објаснување дека така функционира постапката, дека таква е процедурата, а не зошто било одлучено токму така.
Секое од овие објаснувања звучи разумно, а заедно оставаат впечаток дека ништо друго не можело да се направи. На институциите, рацете редовно им се врзани. Сироти тие, и тие сакаат паркови и зелен јавен простор, ама, ете, ДУП-от наложува згради и гаражи. Кутрите тие, и тие сакаат влез во ЕУ, ама ете преговарачката рамка така наложува. Не е до нив, и тие сакаат поголеми плати за сите, ама буџетот така наложува. Тие ептен се против непотизам, ама ете баш нивните деца имаат биографија што одговара на државниот оглас.
Да не сме им во кожа.
Кога одлуките што веќе ги обликуваат нашите животи почнуваме да ги прифаќаме како неизбежен резултат од проценки и процедури, тогаш ја губиме можноста некого да повикаме на одговорност, ама и можноста да кажеме дека нештата би можеле да биде поинакви. Без таа можност, политиката е сведена на управување со нешто за кое е веќе одлучено.
Кај нас, се разбира, нема недостиг од човек што знае што се случува. Премиерот знае колку силно расте економијата, зошто иселениците се враќаат и кој е елита, а кој талог. Единствено можеби не му е јасно зошто тоа го знаат и чувствуваат само тој, неговите и еден грст привилегирани луѓе, но не и ние. За да го дознае тоа, ќе мора да престане да ни го објаснува напредокот и да одговори зошто толку упорно ни ја опишува земјата во која не живееме.
Па така, кога вештачката интелигенција ќе дојде по нас, прво ќе мора да утврди во која од двете Македонии живееме, онаа на талогот или онаа на елитите.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија











