Репортажи

Тажно празнично Скопје 2014

Полувонредно издание на главниот град

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
mnr-rabotnik

Турбо се работи во близина на зградата на МНР

Пукната канализациска цевка пред новата зграда на Факултетот за драмски уметности веќе трети ден ја блокира улицата „Филип Втори“ во строгиот центар во Скопје, која го дели факултетот од новото седиште на Министерство за надворешни работи (МНР), изградено, исто така, во архитектонскиот стил којшто популарно го нарекуваме барок.

По улицата не можат да се движат возила, а гужва како во средата нема, само благодарение на тоа што многу скопјани овој петок го споија во продолжен викенд со Денот на независноста.

Сепак, главниот град денеска повеќе изгледа тажно отколку празнично.

Плацот каде се прекина канализациската мрежа е на приватна фирма, која гради деловен објект. Со оглед дека претходните денови од ова место ги бркаа новинарските екипи, денеска таков проблем немаше, бидејќи проблематичната парцела е веќе заградена со високи бетонски плочи.

zatvorena-ulica-2

Затворени сите приоди кон МНР

mnr-vlez-2

Дипломатија и хидраулика

cisterni

Со тешка „артилерија“ против фекалиите

Работниците носеа нови цевки, а на припомош имаше и возило од армијата.

„Ќе ја местиме канализацијата, не знам што се случило, од денеска сум тука“, ни раскажа еден од работниците, откако малку на шега се пожали зошто го фотографираме, оти не бил во најубавото издание.

На местото сè уште ги има двете цевки преку кои се испумпувале фекалиите врз велосипедската патека крај Вардар, а само благодарение на тридневниот дожд, кој ги измил нечистотиите и ги однел во реката, во околината не смрди, иако се насетува мирис на мочуриште што не е за некоја посебна репортажна пофалба.

Дупката која речиси до милиметар се приближила кон факултетската зграда сега може да се види само ако се качите на мермерниот постамент на Света Лидија Македонска, која сега е целата збиена во новопоставената ограда.

Иако ситуацијата изгледа прилично драматично, тоа не е пречка големиот екран на факултетската зграда да продолжи со промотивните спотови за чудесна Македонија, со актерот Владимир Јовановски и со по некоја поп песна од домашната естрада.

mnr-naslovna

На никој не му се верува што се случило – поглед кон дупката што го блокираше Скопје

fdu

Забрането за новинари, дозволено за реклами…

monitor

… и за малку музика

Да се рече дека Скопје е во вонредна ситуација по неколкудневните врнежи, секако би било претерување, ама нема да биде престрого ако кажеме дека Градот и надлежните комунални претпријатија имаат полни раце работа.

Околу новиот театар две жолти машини ишмукуваат вода во канализациите, а слична е сликата и пред Музејот на ВМРО, каде се сконцентрирани екипи на „Водовод“.

mnr-vlez

Пумпите што живот значат пред новиот театар

muzej-na-vmro-vlez

Восочен музеј на вода

kej-urnat-zid

И по илјадагодишните врнежи продожува вековниот проект

Купот пластични шишиња заглавени пред галиите, кадар што се споделуваше на Фејсбук, веќе го нема, ама затоа малку подолу пред Камениот мост, баш каде што се гради Панорамското тркало веќе се формирала мала Дрисла.

Галијата ги пречекува гостите со вреќи песок пред влезот во бродот, кои ја штитат од подигнатото ниво на матниот Вардар, а од карши блешти белиот барок, кој речиси го поклопил старото МЕПСО.

gubre-vardar-kandelabri

Ново светло на метрополата

gubre-vo-vardar

Вива ла Скопје 2014

insekticid-vo-vardar

Ѓубре има, ама бубашваби нема во Вардар

И додека работниците и денеска забрзано ја вадат старата коцка од кејот под Археолошкиот музеј, која ќе се заменува со нови плочки, никако да се најде јунак да ги замени искршените прозорци од препознатливата овална и „комуњарска“ зграда на Македонски пошти, кои настрадаа во пожарот од пред некоја година.

Ништо подобро не изгледа ниту релативно новото игралиште за одбојка, кое беше дел од несудената Градска плажа, што денеска се загуби во треви и ѓубре под новиот Стар театар.

kapacka

„Капачка“ и шише со капаче

galija

Галија што се плаши од вода

posta1

За поштата нема барок, ама нема ни прозорци

Пред неколку години градскиот татко Коце Трајановски ги смируваше скопјани, преку билборди им порачуваше дека е мачно додека се обновуваат улиците, ама потсетуваше оти потоа ќе возиме по нов асфалт. Не кажа ништо за улиците блокирани заради излевање на фекалиите од новите објекти.