Сексуалното образование во исламската правно-теолошка традиција

Колумна на Рејхан Мандак

Актуелната дебата за сеопфатното сексуално образование во македонските училишта повторно го отвори прашањето за границите и целите на образованието, улогата на семејството и местото на верските заедници во едно плуралистичко општество. Во интервјуто за „Призма“, доктор Велимир Савески го нагласува значењето на навременото и научно засновано информирање на младите, особено во однос на сексуалното и репродуктивното здравје, превенцијата од насилство, личните граници и различните ризици со кои младите се соочуваат.

Овие аргументи заслужуваат сериозно внимание. Но, исто толку важно е јавната дебата да не се конструира како спротивставување меѓу науката и религијата, односно меѓу современото образование и традиционалните вредности. Таквата дихотомија е премногу поедноставена и не одговара ниту на историјата на науката, ниту на сложениот однос меѓу религијата и знаењето.

Особено кога станува збор за исламот, тезата дека религиозниот пристап нужно подразбира избегнување на разговорот за сексуалноста не може да се потврди со историското искуство. Напротив, исламската цивилизација развила обемен систем на знаење во кој прашањата поврзани со човечкото тело, пубертетот, телесната хигиена, сексуалните односи, бракот, репродукцијата, семејството и меѓучовечките односи биле предмет на детално разгледување.

За овие прашања постоела литература, образовна практика и правно-етички норми, кои се пренесувале и се развивале низ вековите.

Тоа е важен историски факт затоа што покажува дека моралната воздржаност и образовното молчење не се истоветни категории. Во исламската традиција постои јасно разграничување меѓу непристојноста и знаењето за интимните прашања. Одредени теми се сметаат за интимни, но нивната интимност не значи дека треба да останат непознати. Напротив, кога незнаењето може да доведе до здравствени, семејни, правни или до морални последици, стекнувањето соодветно знаење се третира како потреба.

Овој принцип може да се согледа и во самата традиција на религиозното поучување. Прашањата за телото, пубертетот, менструацијата, сексуалната зрелост, бракот и брачните односи не биле целосно исклучени од јавниот процес на пренесување на знаењето. Верниците поставувале и многу интимни прашања, а религиозните авторитети давале одговори со цел да се овозможи правилно разбирање на верските обврски, здравјето, семејниот живот и меѓучовечките односи. Оттука произлегува еден значаен принцип: скромноста во изразувањето не мора да значи отсуство на знаење, а интимноста на одредена тема не ја исклучува нејзината образовна вредност.

Оваа историска перспектива е важна и за современата македонска дебата. Ако сексуалното образование се разбира исклучиво како промоција или нормирање на одредени видови сексуално однесување, тогаш дискусијата лесно се претвора во судир на морални ставови. Но, ако се разбере пошироко – како образование за човечкото тело, здравјето, личните граници, достоинството, одговорноста, спречувањето на насилството и последиците од одредени однесувања – тогаш просторот за дијалог станува значително поширок.

Токму во оваа област постои можност за суштинско приближување меѓу современото здравствено образование и исламската етичка традиција. Познавањето на сопственото тело, одржувањето на хигиената, заштитата на здравјето, спречувањето на насилството, почитувањето на достоинството на другиот, одговорноста кон семејството и спречувањето на штетата не претставуваат вредности, кои по дефиниција се спротивставени на исламското разбирање на човекот.

Напротив, значителен дел од исламската етичка традиција се темели токму врз идејата дека човекот има одговорност кон сопственото тело и здравје, но и кон другите луѓе. Оттука, превенцијата и образованието можат да бидат сфатени, не само како современи секуларни категории, туку и како инструменти преку кои се остварува пошироката општествена одговорност.

Сепак, од ова не следи дека исламската традиција и современото сеопфатно сексуално образование имаат идентична концепција. Тука е потребна една важна аналитичка разлика. Можно е да постои согласност во однос на фактите и потребата од знаење, а истовремено да постои несогласување во однос на вредносното толкување на тие факти.

Современото секуларно образование, на пример, може одредени прашања да ги разгледува низ призма на индивидуалната автономија, личниот избор и различните современи концепции на идентитетот и родот. Исламската традиција, пак, истите прашања ги поставува во поширока нормативна рамка во која човечкото однесување е поврзано со моралната одговорност, семејството, достоинството и определени граници на дозволеното и недозволеното.

Токму оваа разлика не треба да биде причина за прекин на дијалогот. Напротив, таа покажува дека прашањето за сексуалното образование не е само медицинско или педагошко прашање, туку и прашање на вредности, култура и општествена визија за воспитувањето на младите.

Затоа и позицијата на верските заедници треба да се разгледува со поголема аналитичка прецизност. Доколку постои критика кон одредена програма, методологија или содржина на сексуалното образование, тогаш јавната расправа треба да утврди што точно е предмет на несогласување. Дали станува збор за возраста на учениците, начинот на кој се презентира одредена содржина, примарната воспитна улога на семејството, институционалната одговорност на училиштето или за одредени современи вредносни концепции?

Овие прашања не треба да се сведуваат на едноставна поделба на „за“ и „против сексуалното образование.“

Од друга страна, ниту секуларниот јавен дискурс не би требало религиозните критики однапред да ги квалификува како антинаучни, назадни или резултат на незнаење. Таквиот пристап само ја продлабочува поларизацијата. Религиозните заедници имаат сопствени историски, теолошки и етички аргументи и, во едно демократско и плуралистичко општество, тие аргументи треба да бидат предмет на рационална јавна расправа.

Истовремено, религиозниот авторитет не може да биде замена за медицинската и научната експертиза. Прашањата поврзани со здравјето, развојот на младите, превенцијата од инфекции, психолошките последици од насилството и други здравствени ризици треба да се темелат врз современи научни сознанија. Отфрлањето на научниот факт само затоа што доаѓа од секуларна институција не претставува религиозен аргумент, исто како што игнорирањето на моралните и културните димензии на воспитувањето само затоа што тие потекнуваат од религиозна традиција не претставува научен аргумент.

Во таа смисла, потребен ни е поинаков модел на јавна расправа. Не модел во кој науката треба да ја порази религијата, ниту модел во кој религијата треба да ја замолчи науката, туку модел во кој различните извори на знаење и општествен авторитет можат да се соочат со аргументи.

Во македонски услови, тоа значи дека медицинската и педагошката струка треба да ги образложат здравствените и развојните потреби на младите, родителите треба да бидат слушнати во однос на примарната воспитна улога на семејството, а верските заедници треба јасно да ги образложат своите морални и вредносни позиции. Само преку таков пристап може да се избегне создавањето непотребни поделби во кои младите стануваат предмет на културна и политичка конфронтација.

На крајот, можеби најважното прашање не е дали општеството треба да има сексуално образование. Прашањето е каков вид знаење им е потребен на младите, на кој начин тоа знаење треба да биде пренесено и во каква вредносна и општествена рамка треба да биде поставено.

Исламската правно-теолошка традиција може да придонесе кон оваа дебата токму со потсетување дека знаењето за човекот и неговото тело не е спротивно на моралот, дека интимноста не значи незнаење и дека воспитувањето не може целосно да се одвои од одговорноста и вредностите. Од друга страна, современата наука нè потсетува дека недостигот од знаење може да има реални последици за здравјето, безбедноста и психо-физичкиот развој на младите. И двете перспективи заслужуваат да бидат слушнати.

Затоа, вистинскиот предизвик не е да се избере меѓу науката и религијата, туку да се создаде простор во кој научното знаење, воспитувањето, семејството, моралот и културниот плурализам ќе можат да бидат дел од една сериозна општествена дискусија. Само така сексуалното образование може да престане да биде тема на културна војна и да стане она што во суштина треба да биде – прашање на знаење, одговорност и грижа за младите.

Авторот е дипломиран професор по исламски науки, доктор на историски науки и секретар на Исламската верска заедница при Муфтиство-Штип. Ставовите и оцените изнесени во оваа колумна се лични ставови на авторот и не претставуваат официјален став на Исламската верска заедница или на која било институција со која авторот е професионално поврзан.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија.