Нашата гордост против нивната Европа

Со цел ризик дека ќе бидам прогласен за партиски бот, сепак морам да кажам дека предлогот на СДСМ да се одржи референдум за влез на Македонија во Европската Унија ми држи вода.

Формално гледано, македонските граѓани никогаш не се изјасниле, односно не ја изразиле својата волја за влез на Македонија во ЕУ. Евроатлантските интеграции на Македонија беа, би рекол, консензуална стратешка определба на сите овдешни политички елити од нејзиното осамостојување и во децениите потоа, па претпоставувам дека општонародната поддршка се подразбираше токму низ призмата на политичката волја на чинителите на политичкиот живот.

Сега, и покрај декларативните определби на поголемиот број политички партии за членство во ЕУ „без алтернатива“, мислам дека тој повеќепартиски консензус повеќе е одраз на канонизацијата на оваа политичка определба отколку што навистина е плод на актуелната политичка прагма.

Напротив, не само што мислам дека политичкиот консензус за влез на Македонија во ЕУ е сериозно начнат, туку сѐ повеќе сум убеден дека никогаш не ни постоел. Или барем не бил искрен. И така стигнуваме до македонскиот парадокс: да, за влез во Европската Унија без алтернатива, ама под наши услови. Да, за влез во Европската Унија без алтернатива, ама да не го менуваме Уставот.

Всушност, ние сме за компромис – ако може никогаш да не влеземе во ЕУ, ама затоа редовно и регуларно да примаме пари од нивните фондови. Како да сме полноправна членка.

Билатерални магли

Познато е. ЕУ бара да го отвориме Уставот и да го ставиме, покрај другите, и бугарското малцинство во неговата преамбула. А ние (читај: партијата на власт), не сакаме да ги исполниме обврските што самите (како држава) сме ги прифатиле, а од перспективата на ЕУ, и самите (како држава) сме учествувале во нивното дефинирање.

Македонија бара од ЕУ, поточно од нејзините институции, гаранции (политички, правни?) дека нема да биде закочувана на патот до ЕУ, ако ги прифати своите обврски. Такви гаранции не добива и не може да добие, за тоа што ниту Европската комисија, ниту Европскиот парламент, па ни Европскиот совет не можат, дури и да сакаат, да дадат никакви гаранции.

За условите и приемот на државата решаваат земјите-членки, а не земјите-кандидатки. И тоа го прават со консензус. Без оглед на препораките на институциите на ЕУ. Со други зборови, Македонија, ако нема друга работа, може да бара гаранции од секоја држава-членка поединечно, па дури тогаш да го смени Уставот. А такви гаранции гарант нема да добие. Без оглед што сме трета или не знам која економија на светот.

На крајот на краиштата, еден од битните услови за прием на ЕУ се и добрососедските односи. Но, не сите добрососедски односи, туку оние со земјите-членки на Унијата. Ете, со Грција некако го решивме проблемот, ни остана уште проблемот со Бугарија. Барем дотогаш додека во ЕУ не влезат Албанија и Србија, кои, бездруго, ќе имаат некои свои услови, кои во споредба со проблемите со Бугарија ќе ни се чинат како „парче кекс.“ Ама, ако. Ние сме подготвени да чекаме со децении, што би рекол премиерот Христијан Мицкоски. Но, нема да дозволиме да ни се гази по националната гордост и по идентитетот.

Еве ви еден пример за она што во ЕУ се подразбира под „добрососедски односи.“ Од земјите во Западен Балкан, Црна Гора е најблиску до полноправно членство. На неодамнешниот самит меѓу ЕУ и Западен Балкан што се одржа во Тиват дури беше и прогнозирано дека таа ќе стане полноправна членка во 2028 година.

Но, на истиот тој самит, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ги испорача хрватските услови за нејзино полноправно членство: од воени репарации, преку разграничување, враќање на бродот „Јадран“, пронаоѓање на останките на хрватските државјани што се водат за исчезнати од времето на југословенските војни, па сѐ до процесуирање на воените злосторници. И децидно рече дека Црна Гора не може да влезе во ЕУ без исполнување на тие услови.

А како одговори Црна Гора? Се инаетеше? Тврдеше дека нема да дозволи да ѝ се гази „националната гордост“? Дека нема да дозволи да ѝ се урива идентитетот? Не! Нејзините претставници рекоа дека интензивно работат на разрешување на сите отворени прашања со Хрватска и дека се надеваат дека тие наскоро ќе бидат апсолвирани. Конечно, и самата Хрватска, инаку последната членка што е примена во ЕУ (2013 година), извесно време беше блокирана од Словенија поради нерасчистени погранични прашања (Пиранскиот залив). Толку околу тврдењата дека билатералните прашања никогаш не биле услов за прием во Европската Унија.

Од една страна, ние велиме дека е национално понижување да го менуваме Уставот по диктат од надвор, а од друга, како замена за бараните гаранции, нудиме солуција дека уставните измени ќе стапат во сила тогаш кога ќе станеме полноправна членка на ЕУ. Сепак, остануваат нејасни некои аспекти на ова тврдење.

Прво: зошто кога ќе станеме полноправна членка на ЕУ нема да биде национално понижување Бугарите да се стават во Уставот? И, второ, какви гаранции ние нудиме дека тоа ќе го прифатиме. И ние, а богами и ЕУ, сме сведоци на променливите и неконзистентни ставови на оваа држава. Зошто да му се верува на збор на премиерот Мицкоски? И зошто да се верува дека тој ќе биде премиер до тој претпоставен прием во ЕУ? Какви гаранции даваме? И, да не заборавиме, ние ја прифативме преговарачката рамка, па сега ја отфрламе. Дали сме земја од доверба?

Самитот во Тиват

Но, што навистина се случуваше на самитот во Тиват? И зошто е тој (не)битен за нас? На сите досегашни самити од овој тип, од оној првиот одржан во Солун пред 23 години, кога беше донесена фамозната Солунска декларација со која се потврдува интересот на ЕУ за прием на државите во регионот, па до денес отприлика се повторуваат истите ставови: дека Европа не е комплетна без овој регион, дека влезот зависи најмногу од државите-претенденти и нивната посветеност на исполнување на критериумите за членство итн.

Треба да се спомене дека средбата во Тиват е тек втора од овој тип што е организирана надвор од земјите на ЕУ. Првата беше во Тирана во 2022 година, кога Албанија официјално ги почна преговорите за влез во Унијата. Се разбира дека изборот Албанија и Црна Гора да бидат домаќини на овие средби не е случаен. Тоа е првенствено признание за нивните напори во приклучувањето кон ЕУ, но и порака да продолжат по истиот пат.

Тиватската средба беше дизајнирана да покаже дека интересот на ЕУ за процесите во регионот не е замрен, туку напротив, дека со оглед на геополитичките случувања, интересот за проширување на Унијата повторно е на дневен ред. Во таа смисла беше презентиран и таканаречениот француско-германски нон-пејпер, документ што би требало да ги вообличи оние идеи за придружно членство во ЕУ до завршувањето на преговорите. Според она што беше презентирано во јавноста, земјите-кандидатки ќе можат да ги користат сите бенефити на Унијата како рамноправните членки во оние тела што ги опфаќаат областите на преговарачките поглавја (или кластери) што се веќе затворени. Само без право на глас.

Со други зборови, тоа значи дека Црна Гора и Албанија веќе сега ќе можат да ги користат придобивките од ова, па макар го нарекле и придружно членство. Во секој случај, со овој потег ЕУ сака да ги мотивира претендентите за влез за поефикасна и попродуктивна работа врз исполнувањето на условите и критериумите. И јас верувам дека ќе ги мотивира. Особено Црна Гора и Албанија, кои се практично пред нивните порти.

Дури и Србија, доколку промени некои постулати првенствено во нивната надворешна политика, а потоа и во делот на човековите права. Инаку само како мал потсетник: Албанија и Македонија формално ги почнаа преговорите во исто време, во 2022 година.

Македонија нема и не може да ја мотивира, затоа што Македонија нема отворено ниту едно поглавје. И, како што сега стојат работите, нема ниту да отвори. Не во догледно време, туку со децении, ако му веруваме на нашиот премиер. Секој коментар е излишен.

Во ваква ситуација, лично мислам дека е почесно да постапиме како Турција, па практично да се откажеме од европските аспирации, отколку да бидеме лицемери и да тераме државна хипокризија, само за да ги (зло)употребуваме оние европски фондови што ни се достапни.

Ете, затоа сум за референдум за влез за ЕУ. Дури предлагам и да се намали оној фамозен цензус за да биде референдумот успешен. И, да, не сум наивен да верувам дека каков било резултат од тој референдум ќе ги смени доминантните политички наративи, ама барем јасно ќе видиме кој за што и како агитира. Не дека не знаеме, само тоа е подобар начин работите да станат појасни.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија