„Мислам дека секоја година е сѐ полошо. Сѐ што одгледувам во мојата градина, оваа година се исуши. Апсолутно сѐ. Можете да полевате колку што сакате, но ни тоа нема да помогне“, се пожали Вера, жителка на мало гратче во близина на Микулов, во јужноморавскиот регион на Чешка.
Низ Чешка, Словачка и Унгарија, историската суша остава тешки последици врз жителите, стопанството и врз критичната инфраструктура. Причина за тоа е комбинацијата од малото количество врнежи во текот на зимата, најсувата пролет досега забележана и рекордно високите температури на крајот од јуни.
Низ источна Европа, историската суша остава тешки последици врз жителите, стопанството и врз критичната инфраструктура
Како што климатските промени продолжуваат да ги качуваат глобалните температури, „летото 2026 година се издвојува како еден од најзначајните топлотни и сушни настани во Европа, во последните години“, се наведува во студијата на организацијата „Ворлд ведер атрибушн“, објавена на 23 јули, која го анализираше влијанието на климатските промени врз сушата во Европа.
Во студијата, во која учествувале научници од Австрија, Чешка и од Унгарија, меѓу другите земји, се заклучува дека недостигот од влага во почвата, во периодот јануари-јуни, забележан низ Источна Европа, речиси сигурно се должи на климатските промени предизвикани од човекот. Според сегашните проценки, вакви услови може да се очекуваат приближно еднаш на секои 15 години.
„Подгответе се сушите во иднина да бидат почести и поинтензивни“, предупредува Павел Захрадничек, климатолог во Чешкиот хидрометеоролошки институт (CHMU).
Молитва за дожд

Сушата ги загрижи властите во Прага (Чешка) | Фото: Pexels / Jordan Barton
Сушата, која ги погодува и површинските и подземните води, остава тешки последици врз чешката економија и општество, нарушувајќи сѐ – од земјоделството и лозарството до речниот сообраќај и производството на електрична енергија.
„Во овој момент, дождот го чекаме како милостина“, признава Јиндржих Поспихал, раководител на локална земјоделска задруга во близина на градот Телч, откако историски сушната пролет, на повеќе од две третини од територијата на земјата, ги изложи земјоделските култури на сериозен стрес.
Според првичните проценки, овогодишните земјоделски приноси би можеле да бидат помали за 10 до 40 проценти.
Чешките пиварници се принудени да ја намалат потрошувачката на вода во процесот на производство
Поради ваквата состојба, премиите за земјоделско осигурување значително пораснаа, правејќи ги недостапни за многу земјоделци, додека осигурителните компании одбиваат да осигуруваат одредени култури што ги сметаат за премногу ризични, меѓу кои и овошјата, како црешите и кајсиите.
Последиците ги чувствува и индустријата, која е еден од симболите на земјата – производството на пиво. Чешките пиварници се принудени да ја намалат потрошувачката на вода во процесот на производство, кој традиционално бара големи количества вода.
Недостигот од врнежи, исто така, ја менува лозарската карта во Чешка. Особено погодени се помладите лозови насади, кои имаат поплиток коренов систем и потешко ја поднесуваат сувата почва. Но, и постарите лозја, распослани низ јужноморавскиот предел, почнуваат да ги чувствуваат последиците од екстремната суша.
Состојбата изгледа подеднакво сериозна и од другата страна на границата, во Словачка. Откако ја забележа најсушната пролет во април откако се водат мерења, односно од 1881 година, земјата се соочува со една од најекстремните суши во поновата историја.
„Практично, целата територија на Словачка е погодена од оваа вонредна состојба“, предупредува климатологот Павел Фашко.
Поради екстремните климатски услови, некои жетви, вклучително и житните култури, почнаа невообичаено рано оваа година, а многу други земјоделски култури беа изложени на невиден стрес во текот на пролетта и во почетокот на летото.
Малку е веројатно дека јули и август ќе донесат значително олеснување.
„Состојбата е критична“, потврди Јозеф Шумихраст, раководител на словачкото здружение на производители на зеленчук и компири.
„Дури и производителите на компири во северна Словачка пријавуваат проблеми.“
Словачките метеоролози проценуваат дека количеството врнежи можеби паднало под 50 проценти од долгорочниот просек, што дополнително влијае врз нивото на подземните води низ целиот предел, и тоа на уште подрастични начини.
„Нивоата на водата и издашноста на изворите се спуштаат под 20 проценти од долгорочната норма“, појаснува хидрологот Јана Поровa.
„Повеќето климатски проекции за Централна Европа покажуваат дека сушните периоди ќе бидат почести, ќе траат подолго и ќе ја зафатат целата наша територија, но и териториите источно и југоисточно од нас“, објаснува Мирослав Трнка, координатор на „Интерсухо“, долгорочен метеоролошки и климатски мониторинг-проект, кој ја обединува Чешката академија на науките со други истражувачки институции.

Пресушува езерото Веленце, туристичката дестинација близу Будимпешта | Фото: Pexels / Jenő Medgyesi
Унгарија, која се наоѓа јужно од овие земји, е една од европските држави најтешко погодени од климатските промени. Таа се загрева 20 проценти побргу од европскиот просек. Бројот на денови со температури над 30 Целзиусови степени е тројно зголемен во последните децении. Температурниот рекорд беше постигнат во јуни, кога беа измерени 42 Целзиусови степени, додека бројот на денови со врнежи е намален за 20 проценти.
„Руралните предели стануваат посуви секоја година. Сѐ што можеме да направиме е да се приспособиме“, изјави за БИРН, Иштван Коњхаш, од „Тереп-Семле студио“, граѓанска организација, која ја подигнува свеста за прашањата поврзани со животната средина.
Коњхаш живее во централниот регион на големата унгарска низина, каде што последиците од сушата се највидливи.
„Целиот земјоделски сектор треба да биде целосно преуреден. Одгледувањето пченка и сончоглед повеќе не е одржливо, земјиштето повторно треба да се претвори во пасишта“, вели тој.
Нивото на водата во Тиса, втората најголема река во Унгарија, е толку ниско што дури и расфрлањето пепел, популарен погребен обичај, неодамна беше забрането
Дождот не е секогаш благослов. Кога ќе падне, често доаѓа во форма на обилни поројни врнежи, поради што водата не може да навлезе во почвата.
Нивото на водите значително опаѓа. Производството во нуклеарната електрана Пакш, која е одговорна за 40 проценти од производството на електрична енергија во Унгарија, мораше да биде намалено бидејќи температурата на Дунав достигна критично ниво од 29,5 Целзиусови степени.
Речните туристички бродови сега се запираат северно од Будимпешта поради ниското ниво на водата, што предизвикува пад на приходите од туризмот.
Езерото Веленце, популарна туристичка дестинација во близина на Будимпешта, е на работ целосно да пресуши. Неговиот „поголем брат“, езерото Балатон, каде што Унгарците традиционално ги поминуваат летата, оваа година има недостиг од најмалку 138 милиони кубни метри вода.
Нивото на водата во Тиса, втората најголема река во Унгарија, е толку ниско што дури и расфрлањето пепел, популарен погребен обичај, неодамна беше забрането.
„Одиме кон криза доколку не дејствуваме бргу“, изјави за БИРН, Андраш Солоци-Наѓ, професор за управување со водните ресурси на Универзитетот за јавни услуги во Унгарија.
Управување со водите и нивно задржување

Официјална Братислава прави стратегија за сушите што ќе зачестат во наредната деценија | Фото: Pexels / Helena Jankovičová Kováčová
Нарекувана „покривот на Европа“, Чешка се соочува со тоа што сите нејзини реки, потоци и водни текови истекуваат надвор од земјата, системска и геолошка дренажа што ја прави државата, особено зависна од врнежите од небото.
„Ова е значителен недостаток, бидејќи најголемиот дел од водата со која управуваме мора да биде задржан во почвата, хидрогеолошките структури или во водните акумулации“, вели Адам Визина, раководител на одделот за хидрологија при Институтот за истражување на управувањето со водите.
Затоа, управувањето со водите и нивното задржување се од клучно значење за оваа континентална земја, но се чини дека властите немаат доволно решенија.
„Водата секогаш ќе истекува, но можеме да ја намалиме нашата ранливост“, објаснува Визина, набројувајќи мерки како што се забавување на површинското истекување, поврзување на системите за водоснабдување, подобро управување со водните акумулации или заштита на квалитетот и количеството на подземните води.
Недоволно ефикасното управување со водите во Чешка и во Словачка има длабоки корени, кои датираат уште од децениите на интензивно земјоделство што следуваа по колективизацијата во 1950-тите и во 1960-тите години
Државата, во изминатите три години потрошила 75 милијарди круни (околу 3 милијарди евра) за приспособување кон сушата, но експертите, вклучително и извештајот на Врховната ревизорска канцеларија објавен минатиот март, го критикуваа бавното темпо и ограничениот опфат на преземените мерки.
Словачката академија на науките неодамна ја објави својата „Визија за Словачка 2040“, обемен документ од 90 страници, нарачан од владата на Роберт Фицо, во кој се наведени клучните политички предизвици со кои земјата ќе се соочува во следните 15 години.
Меѓу другото, оваа визионерска рамка „ги идентификува почестите суши како една од клучните последици од климатските промени и нагласува дека зајакнувањето на управувањето со водите, зголемувањето на задржувањето на водата во пределите и подобрувањето на отпорноста на земјоделството и екосистемите треба да бидат централни приоритети за долгорочниот развој на Словачка.“
Дали властите ќе постапат според овие препораки е друго прашање.
Експертите веќе долго време укажуваат на клучните недостатоци во практиките на Словачка за управување со водите, од фрагментираното управување меѓу различни институции и министерства, преку недостигот од конкретно спроведување на мерките, па сѐ до расфрланите податоци за водните ресурси, кои го отежнуваат следењето на состојбата во реално време.
Недоволно ефикасното управување со водите во Чешка и во Словачка има длабоки корени, кои датираат уште од децениите на интензивно земјоделство што следуваа по колективизацијата во 1950-тите и во 1960-тите години, во периодот на комунизмот, со сите последици што ги донесоа тие процеси во однос на окрупнувањето на земјиштето, водната ерозија и намалувањето на плодноста на почвата, меѓу другите влијанија врз животната средина.
Од позитивна страна, според некои проценки, Чешка и понатаму во просек добива приближно исто количество дожд секоја година како и порано.
Но, начинот, времето и местото на паѓање на врнежите се менуваат, а со тоа мора да се променат и мерките наменети за нивно поефикасно задржување и управување, велат експертите.
Има помалку врнежи во пролет, но повеќе во есен.
Според Милан Витек од локалната подружница на „Гринпис“, Чешка наскоро би можела да се соочи со изборот дали ограничените количества вода да ги задржи во реките или во своите полиња, но нема да може да ги има и двете.
„Прилагодувањето е нешто во што заостануваме со децении, иако можевме да бидеме многу понапред“, изјави тој претходно за БИРН.
Управувањето со водите и нивното задржување неодамна почнаа да се наведуваат и како клучно решение за проблемите на Унгарија.
Иако Унгарија располага со обновлив воден резервоар од 11.833 кубни метри по жител, што е едно од најголемите количества во Централна Европа (само Словенија и Србија во регионот имаат повеќе), дури 95 проценти од таа вода потекнува однадвор и едноставно протекува низ земјата.
Изградбата на брани или хидроелектрани е политички чувствително прашање уште од контроверзниот план за изградба на браната Бош – Наѓмарош на Дунав, кој помогна да се поттикне народниот бунт против комунистичката власт во 1990 година. Оттогаш, предлозите за нови брани и хидроенергетски проекти останаа политички неприфатливи во Унгарија.
Чешка наскоро би можела да се соочи со изборот дали ограничените количества вода да ги задржи или во реките или во своите полиња, но нема да може да ги има и двете
Но, времињата се менуваат. Ласло Гајдош, новиот министер за животна средина во унгарската влада, во екот на екстремните горештини на почетокот од јули изјави дека „водата е еден од нашите највредни ресурси за иднината.“
Гајдош рече дека владата мора да направи сѐ што може за да го подобри задржувањето на водата, дури и преку изградба на брани кога тоа е неопходно.
„Не треба да дозволиме водата само да протекува низ Унгарија, таа на некој начин мора да се задржи. Лично, не ми се допаѓа овој метод, но се чини дека изградбата на некои брани е неизбежна“, изјави тој за унгарски Ер-те-ел.
Владата на Петер Маѓар работи на нов закон за климата и животната средина, кој се очекува до крајот на есента и кој треба да ги опфати прашањата поврзани со управувањето со водите.
Гајдош, кој е првиот министер за животна средина на Унгарија по 16 години, нагласи дека задржувањето на водата е регионално прашање за кое е потребна соработка со соседните земји.
Андраш Солоци-Наѓ, кој во минатото ги советувал меѓународни организации, вклучително и Обединетите нации, за прашања поврзани со водната дипломатија и е основачки член на Светскиот совет за води, целосно се согласува со тоа.
„Задржувањето на водата секогаш е на некој начин дел од националниот суверенитет“, вели Солоци-Наѓ.
„Земјата што се наоѓа во горниот дел од текот на реката верува дека целата вода ѝ припаѓа нејзе, но доколку ја задржи, тоа влијае врз соседните земји. Потребно ни е интегрирано управување со водите во целиот регион.“
Тој вели дека не постои едно универзално решение, кое би можело да ги реши сите проблеми: брани, акумулации, нови технологии, сателитско следење и контролирано поплавување, сите овие мерки можат да имаат своја улога.
„Системот за управување со водите во Унгарија систематски беше разградуван во последните децении“, вели тој.
„Сега треба да го изградиме повторно од темел.“

