„Одговорноста е моја“, призна унгарскиот премиер Петер Маѓар во понеделникот вечерта, откако не успеа да ја убеди најуспешната шахистка во историјата, Јудит Полгар, да ја прифати кандидатурата за претседател на државата.
„Не чувствувам дека имам сила да ја преземам оваа историска одговорност и затоа не можам да ја прифатам поканата“, напиша 49-годишната Полгар на социјалните мрежи, ставајќи им крај на еднодневните шпекулации во Унгарија и во странство.
Предлогот шаховска велемајсторка да стане претседателка беше само уште еден во низата невообичаени потези на владата предводена од партијата ТИСА на Маѓар. Одлуката беше донесена набрзина, во време кога владата е под силен притисок што побрзо да ги исполни бројните ветувања дадени во изборната кампања пред изборите на 12 април, на кои убедливо победи.
„Изборот на нов претседател на Унгарија не смее да се прави во брзање. Петер Маѓар се однесува како да нема време за сериозна јавна дебата за тоа кој треба да биде нов шеф на државата“, соопшти Амнести интернешнал.
Досегашниот претседател Тамаш Шуљок важеше за човек близок до поранешниот премиер Виктор Орбан. Неговите критичари тврдат дека молчел додека претходната власт ги ослабувала демократските институции и владеењето на правото. Маѓар за време на кампањата тврдеше дека граѓаните ја изгубиле довербата во Шуљок и дека неговото разрешување е неопходен чекор за обновување на демократијата и институционалната контрола на власта.
Шуљок со недели одбиваше да поднесе оставка. Тоа се промени на 13 јули, кога парламентот, во кој, мнозинство има ТИСА, усвои уставни измени. Со нив, меѓу другото, мандатот на пратениците беше ограничен на 12 години, судиите на Уставниот суд задолжително ќе се пензионираат на 70 години, а со законска одредба веднаш му престана мандатот и на претседателот на државата.
Во видео објавено на Фејсбук, Шуљок оцени дека со ова завршува уставниот поредок каков што досега постоел и предупреди дека владата на ТИСА претставува закана за унгарската демократија. Иако функцијата претседател во Унгарија е претежно церемонијална, тој има право да блокира одредени закони и да одложува именувања.
Парламентот сега има рок од 30 дена да избере нов претседател, кој ќе остане на функцијата до донесување нов устав, но најмногу пет години.
Маѓар претходно ветуваше широка јавна расправа за изборот на нов претседател и најавуваше личност што ќе може да го обедини длабоко поделеното унгарско општество и достојно да ја претставува земјата во странство. Но, само неколку часа по заминувањето на Шуљок, интелектуалци, спортисти и јавни личности преку отворено писмо на Фејсбук ја предложија Полгар за претседател.
Маѓар веднаш најави дека ќе разговара со неа, која и самиот ја сметал за најсоодветен кандидат. И лидерката на пратеничката група на ТИСА, Андреа Бујдошо, изјави дека Полгар е фаворит на партијата.
Во јавноста се појавија сомнежи дека сè било однапред договорено, откако беа објавени фотографии од средба меѓу Маѓар и Полгар две недели претходно, на приемот организиран од Амбасадата на САД во Будимпешта по повод американскиот Ден на независноста. Таму Полгар го победила премиерот во партија шах. Не е познато дали тогаш разговарале и за можната кандидатура.
Јудит Полгар и нејзините две постари сестри потекнуваат од унгарско еврејско семејство. Нивниот татко Ласло Полгар применил неконвенционален образовен пристап со цел да покаже дека генијалци се создаваат, а не се раѓаат. Наместо да одат на училиште, сестрите со часови секојдневно играле шах, а семејството често патувало низ светот, што било реткост за Унгарците во времето на комунизмот.
Полгар ја освоила првата титула на девет години, а веќе на 12 била најдобро рангирана шахистка во светот. Во текот на кариерата настапувала во машка конкуренција и победувала светски шампиони како Гари Каспаров и Анатолиј Карпов. На 15 години станала најмладиот шаховски велемајстор во историјата во тоа време, соборувајќи го рекордот на Боби Фишер. Годинава беше објавен документарниот филм „Queen of Chess“, кој стана хит на Нетфликс. По повлекувањето од професионалниот шах во 2014 година, се посвети на образовни проекти и промоција на шахот меѓу децата. Живее во Будимпешта, мажена е за ветеринар и има две деца.
Нејзината можна кандидатура предизвика поделени реакции. Критичарите истакнуваат дека Полгар никогаш не покажала интерес за политика и никогаш јавно не ја критикувала владата на Орбан. Поддржувачите, пак, сметаат дека токму тоа е нејзина предност, бидејќи никогаш не била поврзана со ниедна политичка партија и ужива углед кај граѓани со различни политички определби.
Сепак, најголемиот дел од критиките беа насочени кон брзината со која владата се обиде да ја спроведе кандидатурата, без вистинска јавна расправа и потреба од толкава „брзина“.
Од партијата ФИДЕС на Виктор Орбан, пак, тврдат дека секој претседател избран во вакви околности ќе нема целосен демократски легитимитет, поради начинот на кој бил разрешен претходниот шеф на државата.

