Репортажи

Анатомија на убиството во Кочани

Поради паланката, молчела, кога се охрабрила да побара помош, државата ја изневерила

Танкица речиси и да немаше живот, вели нејзина пријателка од работното место, која била единствената што знаела за тортурата низ која минува. Била принудена да зема кредити за да му дава пари на Усеин, поранешен колега од текстилната фабрика, кој ја уценувал со наводно компромитирачки фотографии.

Седум години не се доверила никому. Тивко страдала, стравувајќи од осудата од околината и од реакцијата на најблиските. Од она што го слушнавме во разговорите со нејзините сограѓани во Кочани, десет дена по убиството, се чини дека стравот и тоа како ѝ бил оправдан.

Кај кочанци речиси и да не наидовме на емпатија за жената што беше свирепо убиена на улица.

„Не требало да ја убие, ама веројатно и таа го испровоцирала“, ни рече една пензионерка што ја сретнавме во Кочани.

Танкица дури во мај годинава ѝ се доверила на колешката, откако ѝ нашле проштално писмо на работа, го оставила кај машината за шиење.

„Или ќе се убијам или ќе ме убијат“, пишувало.

На самоубиство помислила кога Усеин ѝ побарал дополнителни 5.000 евра.

Тогаш ништо не се случило, меѓутоа откритието на писмото ѝ овозможило на Танкица да открие дека била уценувана и оти Усеин постојано ја демнел. Се доверила само на жена со која работела во една кочанска конфекција.

Нејзиниот убиец, некогашен колега со кого сѐ уште не е јасно каков однос имала, според зборовите на пријателката ја терал да носи посебен мобилен телефон, кој речиси цело време бил вклучен за да ја слуша. Ѝ забранувал да оди на Нова година и на слични прослави, за да не троши пари. 

Многу жени што се жртви на насилство живеат во страв | Фото: БИРН

На колкава психичка тортура била изложена Танкица, илустрира и тоа што секогаш кога се јавувал, а тоа го сведочела и другарката, ѝ се препотувале дланките и пиела по два „дијазепама“. Овој нескриен страв не го препознале во полициската станица, каде што таа по низа перипетии, сепак, отишла да го пријави уценувачот.

Имало само неколку часа во денот кога не ја прислушувал и тоа време го искористила за да отиде во полициската станица.

Полицијата не направила проценка за ризик по нејзиниот живот, велат од МВР за БИРН, зашто кочанското обвинителство делото го оквалификувало само како уцена.

Ниту еден од прибраните докази во предметот не упатуваше на физичка опасност за жртвата“, изјавија за БИРН од обвинителството.

Црвени чевли како симбол за жртвите на фемицид | Фото: БИРН

Иако надлежните не ја препознале опасноста за Танкица, таа, сепак, се понадевала дека пријавата ќе ја ослободи. Поверувала дека има заштита и дека конечно ќе почне да живее, ни раскажа нејзината блиска колешка.

Отишла на еднодневна екскурзија до Дојран. За неа, тоа било голема работа бидејќи кога Усеин ја следел, не одела никаде. Се почувствувала слободна дури да му го врати телефонот.

Меѓутоа, тоа не траело долго.

При крајот на минатиот месец, близу нејзиниот дом, во 6 и 45 часот наутро, на пат кон работа, Танкица е свирепо убиена од уценувачот, кој велат тоа го направил речиси рутински. Не избегал, останал да ја чека полицијата.

Ја убил толку бргу што не можел никој да ѝ помогне, затскриен зад куп огревни дрва. Соседите чуле крици и некои од нив истрчале.

„Јас да викнам полиција или вие“, ладнокрвно ги прашал – ни прераскажа сосетката во чија близина се случил нападот.

Убиството практично било навестено во јуни годинава, кога Усеин се појавил пред текстилната фабрика каде што работела Танкица. Иако полицијата го викнала на разговор и му го зела телефонот, тој, сепак, се охрабрил и дошол.

„Танкица испаничи и мораше да реагира сопственикот на фирмата. Лично тој го исфрли и го предупреди да не се враќа“, ни раскажа колешката.

Нашата соговорничка инсистираше да биде анонимна, се плаши.

„Од кај да знам дека убиецот нема да го пуштат од затвор по неколку години?“

Околината како соучесник

Кај кочанци речиси и да не наидовме на емпатија за жената што беше свирепо убиена | Фото: БИРН

„Докиснало му на човеко“, вака еден господин, кој ни се претстави како професор, во паркот во Кочани се обиде да го оправда убиството. Тој практично го сумираше главниот наратив на чаршијата во врска со смртта на 46-годишната жена.

Луѓето не се воздржуваа да даваат навредливи квалификации за жената, чии некролози сѐ уште стојат на бандерите. 

Приказните што се прераскажуваат немаат баш врска со реалноста. Поради шпекулациите во полициските соопштенија и во дел од медиумите, сограѓаните се убедени дека Танкица била во долга врска со убиецот, иако нивната релација, ако воопшто ја имало, била пред седум години.

Убиството на Танкица нема да се класифицира како фемицид (убиство на жена затоа што е жена), туку како свирепо убиство. Значи како чин на насилник, без да се препознае дека станува збор за поширок општествен проблем.

Убедени во оваа верзија од случувањата, кочанци дополнително ѝ замеруваат на жртвата, бидејќи, според неоснованите гласини, имала врска со Ром.

Танкица, без да заврши средно училиште, уште неполнолетна се омажила, родила три деца и по 17 години брак се разделила од сопругот со кого живеела во кочанското село Зрновци. Во последниве 6-7 години живеела со сосема друг партнер во градот. 

Малите средини сѐ уште не го прифаќаат разводот и промената на партнер, и тоа често е повод чаршијата да го преиспитува моралот на тие жени.

Меѓутоа, според зборовите на колешката, жртвата го знаела Усеин само од работа и нивниот однос воопшто не ѝ наликувал на љубовна врска, напротив.

„Таа се пожали на него и го избркаа од работа уште пред шест години. Ја вознемирувал и ја следел кога одела во веце“, ни раскажа колешката.

Останува нејасно дали постоела автентична проблематична фотографија. Усеин, според пријателката, лесно ја убедил Танкица дека може да монтира фотографија со неа на начин на кој би изгледала сериозно компромитирачки. 

Неговите фотошоп-вештини биле познати во конфекцијата, бидејќи додека работел таму, на шефовите им подарувал фотографии обработени со оваа компјутерска програма.

„Чаламџија беше. Кога ќе се вратеше од Германија, на сите жени им подаруваше чоколади“, се потсети колешката на Танкица.

Усеин бил познат во Кочани. Го знаат како човек што често ги посетувал казината, оттаму се познавал и со првиот сопруг на Танкица, Бобан.

„Го знам и двајцата сме комарџии, меѓутоа не знаев што се случува“, вели Бобан во разговор со БИРН.

Поранешниот сопруг последен пат ја видел Танкица на 4 септември годинава, дваесетина дена пред убиството, на роденденот на една од нивните ќерки.

„Изгледаше расположена, таа ја донесе тортата.“

Кога системот одбива да научи

Маалото во кое се случило убиството | Фото: БИРН

Многу жени што се жртви на насилство живеат во страв, особено во малите места, вели Бети Пеева од штипската организација ЕХО, невладина што работи на случаи со родово базирано насилство.

Пеева вели дека полицијата и обвинителството често не ја гледаат поголемата слика и не се обидуваат да го откријат коренот на проблемот.

Доказ за ова е уште еден случај токму од Кочани што ни го раскажаа од невладината ЕХО.

Неодамна, кочанската полиција им пуштила кривични пријави за нарушување на јавниот ред и мир на една жена и на еден маж по која следувале парични казни за двајцата. Жената се враќала од продавница и кога го пресретнала човекот, почнала да го мава со намирници.

Она што системот го препознал како обична кавга, зад себе крие многу посериозен проблем што може да се претвори во нова трагедија.

Имено, според ЕХО, не станувало збор за прозаична расправија што малку излегла од контрола, туку на жената, која всушност била жртва на демнење, ѝ „пукнал филмот“ кога пред себе го видела човекот што постојано ја следел. 

Тој имал активна судска забрана за приближување, меѓутоа не ја почитувал, велат од невладината.

Жената уште еднаш се пожалила во полицијата, но оттаму, според информациите на ЕХО, им кажале дека ништо не можат да направат. 

„Со ваквата пракса не се препознава проблемот и не се работи на превенција на идни фемициди“, велат од оваа невладина организација.

До некоја нова Танкица.

Доколку сте жртва на семејно или родово базирано насилство, можете да побарате помош тука.